сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 69
home Живот и стил

Нова студија открива: Симптомите на Ковид-19 се појавуваат по овој редослед

Нова студија открива: Симптомите на Ковид-19 се појавуваат по овој редослед

Една нова студија од Универзитетот во Јужна Калифорнија откри дека симптомите на Ковид 19 обично се појавуваат во одреден редослед. Ова може да им помогне на луѓето со Ковид-19 да се изолираат на време и да започнат со третман порано, со што значително ќе се подобрат резултатите на пациентите, но исто така и ќе се намали ширењето на вирусот.

„Редоследот на симптомите е важен“, рече Џозеф Ларсен, водечки автор на студијата. „Кога знаат дека секоја болест напредува поинаку, лекарите можат да утврдат порано дали некој има Ковид-19 или некоја друга болест, што може да им помогне да носат одлуки за самиот третман“, истакна тој.

За да се предвиди редоследот на симптомите, Ларсен и неговиот тим ги анализирале стапките на појава на симптоми собрани од Светската здравствена организација (СЗО) за над 55.000 потврдени случаи на Ковид-19 во Кина. Тие исто така разгледаа податоци за 1.100 случаи собрани од кинеската група експерти за медицински третман за Ковид-19 помеѓу декември и јануари и обезбедени од кинеската национална комисија за здравство.

Од друга страна, за нив било важно да разликуваат симптоми на грип, па затоа ги анализирале и податоците од над 2.000 случаи на грип снимени во Северна Америка, Европа и јужната хемисфера.

Според наодите од студијата, симптомите на коронавирус се појавуваат по овој редослед: треска, кашлица и болка во мускулите, гадење или повраќање и дијареја.

„Студијата открива дека кај пациентите со сезонски грип најверојатно најпрво ќе има кашлица, проследена со треска“, изјави за „Healthline“ д-р Роберт Глетер, лекар од болницата Ленокс Хил во Њујорк.

„Во реалноста, може да биде тешко да се препознае затоа што грипот често започнува нагло и со повеќе симптоми, вклучувајќи болка во грбот, чувство на страв и сува кашлица.

Според студијата, додека грипот обично започнува со кашлица, првиот симптом на Ковид-19 е треска.

„Нашите резултати ја поддржуваат идејата дека температурата треба да се измери како метод за верификација пред да влезат во објекти“, заклучуваат авторите на студијата.

Сепак, лекарите кои работат со пациенти со Ковид-19 велат дека, според нивното искуство, симптомите не можат да се предвидат толку лесно, во случај на сомневање за болеста, секогаш треба да се консултирате со матичниот лекар за понатамошните чекори и методите на лекување.

Коронавирус