вторник, 10. декември 2019. Вести денес: 167
home Живот и стил

Научниците оценија како приходите на жената влијаат врз психичкото здравје на сопругот

Научниците оценија како приходите на жената влијаат врз психичкото здравје на сопругот

Научниците по обемно истражување откриле како разликите во семејните приходи влијаат врз нивоата на стресот кај сопругот, а резултатите од студијата се објавени во стручното списание Personality and Social Psychology Bulletin.

Студијата се заснова врз анализа на податоците од Панелот за проучување на динамиката на приходите, спроведен во САД во периодот од 2001 до 2015 година, кога во текот на петнаесетте години биле собирани податоци за економските, социјалните и медицинските фактори во животот на семејството и секој негов член посебно. За потребите на истражувањето биле избрани 6.035 семејства.

Се испоставило дака мажите најмногу се вознемирени кога остануваат единствените кои носат приходи во семејството или, пак, кога напротив целосно финансиски се зависни од своите сопруги. Нивото на стрес се намалува со тоа кога приходите на сопругите се приближуваат до 40 отсто од вкупниот семеен буџет. Доколку жената заработува повеќе, мажите повторно покажуваат вознемиреност и загриженост.

„Овие податоци сугерираат дека социјалните норми прифатени во општеството се опасни за здравјето на мажите. Постојаниот стрес може да доведе до емоционални, физички и социјални проблеми“, ја цитира во своето соопштение Универзитетот Бата, авторката на истражувањето, економистката Џоана Сирда.

Притоа се истакнува дека доколку жената заработувала повеќе од мажот пред да стапат во брак, односно доколку постојниот и потенцијалниот јаз во приходите за мажот бил очигледен, нема да се појават проблеми со стресот.

Податоците од истражувачкиот центар Пју во Вашингтон покажуваат дека во 1980 година само 13 отсто од мажените жени во САД заработувале повеќе од мажите. До 2017 година оваа бројка достигнала 30 отсто, а трендот, веројатно ќе продолжи.

„Последиците од промената на традиционалните улоги на мажот и жената во бракот, поврзани со повисоката заработувачка на жената, опфаќаат многу аспекти, вклучително и физичкото и менталното здравје, задоволноста од животот, верноста во бракот, разводот и моќта во семејството“, додава Сирда.

Авторката на студијата смета дека новите реалности неизбежно ќе влијаат врз социјалните норми, разбирањето на машкоста и женственоста, што ќе влијае врз ткн усогласување на „преговарачките сили“ во семејството.

Истражувањето покажало и дека мажите и жените различно ја проценуваат психолошката вознемиреност кај нивниот партнер. Од учесниците во анкетата било побарано да го оценат стресот на партнирот со поимите: тага, нервоза, вознемиреност, безнадежност, залудност на напорите. Се покажало дека мажите забележуваат помала вознемиреност кај сопругите, додека жените го потценуваат нивото на стрес кај сопрузите.

Авторката смета дека тоа, исто така, е поврзано со родовите норми. „Доколку социјалната улога на мажот ја исклучува можноста за препознавање на ранливоста, а мажите имаа склоност да ги прикријат симптомите на стрес и депресија, па жената не го забележува зголемениот психолошки стрес кај својот сопруг, кога тој финансиски е зависен од неа“.

Кај мажите стресот се интензивира во периодот на разводот или поделба на имотот, поради страв од влошување на својата економска позиција. Поради тоа, нивото на вознемиреност на мажот кој живее во граѓански брак со жена која заработува повеќе од него, секогаш е поголемо отколку од оној на законски брачен другар.

Интересно е што жените веруваат дека нивните сопрузи заработуваат доволно доколку платата на мажот е помала од 50 отсто од вкупните приоходи во семејството, а мажите минималното ниво за себеси го поставиле на 60 отсто.