понеделник, 26. октомври 2020. Вести денес: 21
home Живот и стил

Колку се плашиш од среќата?

Колку се плашиш од среќата?

Верував дека среќата е навистина ретка. Верував дека дури и ако случајно ја најдеме среќата, многу брзо ќе паднеме на дно. Секое задоволство мора да се плати. А тие „висини“ се наменети за посебни луѓе, не за нас – обични смртници. Кога зборуваме за напредок, чукаме три пати во дрво. Да не слушне злото. Избегнуваме да се фалиме за да не ја расипеме среќата.

Кога на некој од наша околина „ќе му се посреќи“, а ние баш во тој момент газиме по врел оган, самите си кажуваме дека „се врти тркалото“ и тоа ја смирува нашата завист и нѐ уверува дека сепак, после сите овие наши маки низ кои минуваме, среќата ќе тропне на нашата врата, затоа што реално дебелно сме платиле за неа. Единствено нешто што ни е потребно е да сме трпеливи.

Во животот, доброто и лошото напоредно се менуваат. Тоа важи за сите и кај сите е исто. Меѓутоа, ние длабоко сме уверени дека немаме право да бидеме среќни доколку претходно не платиме за тоа. Среќата има висока цена и плус е прилично ретка, а според нашата логика, тоа значи дека секојпат кога сме среќни, нам сигурно ќе ни се случи нешто лошо.

Така, пред некој ден се фатив себеси како на моето дете му викам: „Немој толку да се смееш, на крајот ќе плачеш!“ Ова е реченица со која и самата израснав. И навистина, речиси секогаш, на крајот на играта некој плачеше. Не е ни чудно кога нѐ убедуваа цело време во тоа. И навистина и верувавме во тоа. Секој родител сака неговото дете да биде среќно.

Но, јас се прашувам колку сме способни да уживаме во животот кога растевме во средина во која не е „општествено прифатливо“ да бидеш среќен? Невозможно е да се избегнат тие шаблони на однесување на средината во која си израснал, а таа средина е преполна со негативни уверувања кои нѐ учат на тоа дека среќата треба да се купи и заслужи, а на крај и да платиш.

Учени сме дека среќата не е наша природна состојба, па затоа сега не сме навикнати на неа и ја гледаме како вистинска реткост. Уште едно нешто на коешто сме навикнати да мислиме е дека мораме нешто да направиме за да имаме среќа. Обично се мисли на еден куп пари или уверување дека мораме од корен да се промениме, затоа што вакви несовршени не ја заслужуваме.

Неминовно е чувството на грижа на совест кога ќе се достигнат тие „ретки“ моменти на среќа и задоволство. Живееме во тешки времиња во кои сите околу нас воглавно се несреќни. И во време кога е срамота да бидеш успешен, а „пу, пу, скраја да е“ да бидеш среќен. Единствено нешто што ти е дозволено е да ја споделуваш тагата и несреќата која всушност со споделување се зголемува, а не се намалува.

Но, единствената вистина е дека не мораме да правиме ништо за да заслужиме среќа, единствено нешто што би требало е да бидеме тука и сега. Свесни за моментот во кој се наоѓаме. Па тогаш каде се наоѓа таа моја проклета среќа која толку долго ја чекам?

Суштината на проблемот е што недоволно се сакаме себеси. Многу години требаше да пројдат за да сфатам дека среќата најчесто ми била пред нос. Буквално. Цело време била во невиниот бакнеж на моето дете. Во мирисот на косата на мојата мајка. Во букетот рози од мојот татко. Во допирот на моите боси нозе на ламинатот во дневната. Во мирисот на тазе испечениот леб на мојата свекрва. Во шармот на очите на мојот сопруг…

Е тука е среќата, драги мои. Баш тука. Насекаде околу нас. Само што таа нема да ви се јави, туку трпеливо чека да ја препознаете, а потоа да ја зграпчите – засекогаш!

Коронавирус