четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 178
home Живот и стил

Коледарски песни кои се пеат во Македонија

Коледарски песни кои се пеат во Македонија

Бадник или Коледе се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Според Јулијанскиот календар по кој се раководи Македонската православна црква, Бадник паѓа на 6. јануари секоја година, а Божиќ на 7. јануари.

Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден – Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и Божиќните пости. Зборот Бадник доаѓа од зборот да бидеш буден. Таа ноќ сите домашни луѓе не заспиваат туку преноќеваат будни, од тоа се гледа дека таа ноќ е наречена: бадник – будник.

Бадник е празник кој се прославува во кругот на семејството. Рано изутрината на Бадник, децата пеат и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали…

Ха, Ха, Коледе
Ха! Ха! Коледе!
Коледица, Варварица,
Сива, сива Голубица
кај си ошла прошетала?
Сум си ошла покрај море.
Што имаше, што немаше?
Та имаше бели чаши,
бели чаши и канати.
Да сʼнапие бели Божи.
Божик ми е на небеса.
Ха! Ха! Коледе!
Пири, пири
испириге Грците.
Запишал Јордан Х. Константинов, „Цариградски вестник“, 1859 г.

Олеле деде
Олеле деде!
Паднало греде,
отепало деде.
Дедо се влечи,
баба го плачи,
и си го теши:
-Молчи ми старче,
кусо магарче,
подај ми праче,
да отепам врапче,
да не ти к’лвнат
твојте гурелки.
Подај ми камче,
да утепам петле,
да не ти к’лвни,
твоите мрсулки.
Од Прилеп. Запис на Марко Цепенков.

Коледе, Коледе
Коледе, Коледе,
Се замучи Божја мајка,
од Игната до Божиќа.
па си роди млада Бога,
млада Бога, Божиќа.
Коледе….
Од Скопско, запис на Вера Кличкова.

Утре вечер Бадник вечер
Утре вечер, Бадник вечер,
бодни коња на пазара
кјупи риба, јогула,
дојди дома да ја вариш.
Сркни риба – убоцај де,
пи си вино – весели се.
Од Дербарско, запис на Васил Икономов.

Коледица Барбарица
Коледица, барбарица,
сива, сива голубица,
долетала од планина,
и донесла убавина.

Коледари, кумашари
М’ри моме – Коледе,
не криј очи,
з’д мајка ти,
з’д татку ти!
Ние не сме
огледници,
сугледници;
туку сме си
куледаре,
кумашаре.
В’в полица
малку лебец,
дај го на мен,
да го турим
в’в торбица.
Од с. Гајтаниново, Неврокопско, од збирката на А. Илиев.

Идит Божик
Ид’т Божик.
носит ноже,
да колиме теле,
теле велит: – леле,
не коли ме мене,
коли го зајка!
Зајчина дечина,
подебели мечина.
Од Охрид, запис на Ефтим Спространов.

Коронавирус