недела, 18. август 2019. Вести денес: 43
home Живот и стил

Како да ја надминете летната депресија?

Како да ја надминете летната депресија?

Позитивните мисли, долгите летни вечери, лелеавите фустанчиња, патувањата и уживањето се први асоцијации за летото, но сепак се јавува феноменот познат како летна депресија. Додека сите прават планови за незаборавно лето, депресивните луѓе се чувствуваат исцрпено, а секое прашање поврзано за нивните летни планови го доживуваат непријатно.
Феноменот на летната депресија не е психолошко нарушување, туку моментална состојба на умот кој е натоварен со голема количина стрес што дополнително се зголемил од напорната работа што се насобрала пред годишните одмори.

Психолозите тврдат дека овој феномен се јавува со зголемено ниво на стрес, незадоволство од својот изглед и зголемено чувство дека нешто пропуштате, додека целиот свет околу вас одлично се забавува. Покрај сè ова, дополнително ве исцрпуваат високите температури кои влијаат врз секоја активност правејќи ја потешка отколку што навистина е.

Исто така, со доаѓањето на летото се подразбира и планирање на годишните одмори што води кон директно соочување со финансиите, водење сметки и донесување одлука за тоа дали летувањето оваа година ќе биде добра идеја.

Меѓутоа, оваа состојба никако не е безизлезна, а сè што е потребно за да се надминат депресивните мисли во текот на летото е малку упорност и работа на себе. Наместо да се грижите за тоа како изгледаат другите и колку нивното лето е повозбудливо од вашето, погрижете се најпрво да се чувствувате добро во своја кожа.

Бидете активни
Потребно е да си објасните дека ова лето е ваша шанса да направите незаборавни спомени со блиските без разлика каде се наоѓате. Наместо да седите затворени дома, излезете на коктел со вашите пријатели. Во текот на денот наместо да пребарувате на Инстаграм и да ги гледате туѓите „идеални“ животи, организирајте пикник со семејството и поминете одличен ден во природа.

Грижете се за телото и за умот
Не заборавајте на грижата за вас и за вашето тело. Телото помни сè, а односот кон него секогаш нека ви биде на високо ниво. Од секојдневните ритуали за лична хигиена, вежбање, ставање маски, правење фризура и одбирање лак за нокти па сè до начинот на кој го одморате телото и вашиот став кон него. Важно е да си го сакате телото какво што е во моментот и да го прифатите, но доколку сметате дека би била добра идеја да промените нешто кај него, слободно направете го тоа. Имајте позитивен став за вашата ментална и физичка состојба.

Бидете активни и занимавајте се со хоби
Правете активности кои ве исполнуваат и надвор од домот, но и внатре. Одете на прошетка или во кино, купете ја таа книга која толку долго сакавте да ја прочитате или едноставно појдете до библиотека и позајмете ја.

Летото е одлично време да започнете некое хоби кое претходно сте го посакувале, но никако не сте можеле да најдете време. Искористете го времето на квалитетен начин.

Најдете начин да се опуштите и да се ослободите од непотребниот стрес затоа што летото е во вас и насекаде околу вас!