сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 106
home Живот и стил

Генетските фактори ја објаснуваат 50 отсто од разликата меѓу симптомите на новиот коронавирус

Генетските фактори ја објаснуваат 50 отсто од разликата меѓу симптомите на новиот коронавирус

Научниците открија дека генетските фактори ја објаснуваат 50 отсто од разликата меѓу симптомите на новиот коронавирус кај луѓето, пишува Гардијан.

Симптомите на Ковид-19 се делумно зависни од генетските фактори, откриваат истражувачите од Кингс Колеџ во Лондон.

Наодот се заснова врз податоците селектирани преку апликацијата Ковид-19 Симтом Тракер, што беше лансирана минатиот месец од тим на научници.

Граѓаните се охрабруваат да ја користат апликацијата за следење на својата состојба од ден во ден, а тимот исто така замоли илјадници близнаци во Велика Британија, кои веќе учествувале во друг истражувачки проект, да ја користат апликацијата и да забележат дали имаат симптоми на коронавирусот.

Тимот се фокусираше на податоците со нешто повеќе од 2.600 близнаци, за да се обиде да утврди дали симптомите на Ковид-19 што тие ги имале се поврзани со генетиката.

-Всушност, идејата беше да се бараат сличности кај симптомите или неизразување на симптоми кај идентични близнаци кои имаат 100 исти гени, и кај неидентични близнаци кои делат само половина од гените, изјави професорот Тим Спектор, еден од научниците кој го води истражувањето.

Спектор објасни дека доколку има генетски фактор во манифестацијата на симптомите, тогаш ќе има поголема сличност кај идентични близнаци отколку кај неидентични близнаци, а тоа е она што го покажало истражувањето.

Студијата, што се уште не е рецензирана, зема предвид и тоа дали близнаците живеат заедно, а резултатите покажаа дека генетските фактори објаснуваат околу 50 отсто разлика меѓу симтомите што ги имаат заразените.

Поточно, тимот открил значително генетско влијание кога станува збор за симптоми на треска, дијареја и губење на вкус и мирис. Наспроти тоа, засипнатоста, кашлицата, болката во градите и во стомакот не се поврзани со генетските фактори.

-Оваа болест е многу чудна и се манифестира на различни начини. Мислам дека е веројатно оти некој ќе добие коронавирус под некоја одредена генетска контрола, истакна професорот Спектор.

Тимот се надева дека наодите од истражувањето ќе им помогнат на научниците да ги идентификуваат механизмите со кои дејствува Ковид-19 врз телото, како и да понудат начин да предвидат кој е најизложен на заболување.

Истражувачите, исто така, велат дека резултатите може да помогнат да се идентификуваат генетските варијанти кои имаат улога во објаснувањето зошто некои лица не покажуваат симтоми или покажуваат само благи симптоми на инфекција со коронавирусот. (МИА)

Коронавирус