недела, 27. септември 2020. Вести денес: 22
home Живот и стил

Филип Ачкоски, м-р по фармација и топедукатор: Здравствени предизвици во празничниот период (ИНТЕРВЈУ)

Интервју на Филип Ачкоски, м-р по фармација и топедукатор за Здравство.мк
Филип Ачкоски, м-р по фармација и топедукатор: Здравствени предизвици во празничниот период (ИНТЕРВЈУ)

1. Празничниот период е познат по богатите трпези и испиени големи количини на алкохолни и газирани пијалоци. Како овие прехрамбени навики се ефектуираат врз здравјето на населението?

Во предновогодишниот период на прослави кој е актуелен па и потоа во јануари, значајно е зголемен внесот на месо, пржени производи и сува и зачинета храна воопшто како и на алкохол и цигари. Овие навики предизвикуваат влошување на негативните дигестивни симптоми, па честопати имаме проблеми со надуеност, киселини, дијареа или запек. Причината за ова е пред се нарушувањето на нивото на добрите бактерии во цревата како и нарушување на желудечната функција. Не треба да заборавиме дека во овој период од годината студеното време и загадениот воздух иницираат зголемување на инфективните заболувања што само по себе условува зголемена примена на антибиотици.

2. Потрошувачката на антибиотици е несомнено највисока во зимскиот период. Колку за здрава дигестија се штетни антибиотиците,и како да ги минимизираме нивните нус појави?

Антибиотиците се многу важни лекови за третман на бактериски инфекции, во одредени услови и животно спасувачки. Сепак треба да се има во обзир дека тие делуваат неселективно т.е. заедно со патогените бактерии ги уништуваат т.н. добри бактерии присутни во цревата. Ова доведува до непријатни гастроинтестинални тегоби од тип на дијареа и мачнина како и до пад на имунитетот. Претераната употреба на антибиотици го прави нашиот организам неспособен за одбрана од патогени а од друга страна се зголемува т.н. антибиотска резистенција на бактериите што значи дека кога навистина ќе ни требаат антибиотици тие ќе бидат неефикасни. Токму затоа е исклучително важно антибиотиците да не се користат на своја рака , туку само по препорака од лекар и да не се користат за вирусни инфекции (настинка, грип) бидејќи не делуваат на нив! Доколку навистина имаме препишана антибиотска терапија од лекар тогаш задолжително треба да паралелно да користиме соодветен пробиотик кој ќе ја врати здравата микрофлора на цревата во рамнотежа и на тој начин ќе ги намали штетните ефекти на антибиотската терапија – во прв ред ќе ја спречи дијареата. Притоа пробиотиците треба да се земат 3 часа пред или после антибиотикот со цел да стигнат во цревата во комплетен број.

3. Оптеретувањето со масна храна и алкохол во овој период секако негативно ќе влијае и врз нашата телесна тежина но и крвната слика. Како да ги сочуваме овие параметри во нормала?

Клучот е во умереноста и избегнување на прејадувањето. Корисно е и да го прескокнеме десертот секогаш кога е можно бидејќи директно се зголемува нивото на триглицериди. Важно е да се продолжи со континуирано вежбање и во зимскиот период но притоа да се избегнува вежбање на отворено рано наутро и навечер (студено време) и при високо загаден воздух. Корисни се и додатоци во исхрана богати со црвен ориз, артичока, омега 3 и коензим Q10, бидејќи на природен начин го намалуваат нивото на масти во крвта и воопшто придонесуваат за подобро кардиоваскуларно здравје.

4. Го споменавте зголеменото аерозагадување кое несомнено е голем здравствен проблем во актуелниот период. Има ли можности за намалување на штетата од загадениот воздух?

Покачените вредности на ПМ честиците, сулфур диоксид, азот диоксид и јаглерод моноксид, се сериозен ризик за човечкото здравје особено кај малите деца, хронично болните и постарите лица и штетно влијаат на развојот на белите дробови , носат ризик од хронични белодробни заболувања, алергии, астма и канцер. Заради сето ова е важно да преземеме се што е во наша моќ да го заштитиме нашето здравје и здравјето на нашите најблиски а пред се да го провериме квалитетот на воздухот на мерните станици пред излегување од дома. Во услови на високо загадување прозорите треба да бидат затворени а престојот на отворено да биде краток и притоа да користите заштитна маска (најдобро со активен јаглен)! После престој на отворено можете да ги промиете носот и горните дишни патишта со спреј на база на физиолошки раствор. Ако сте во можност набавете прочистувач за дома, но при тоа внимавајте да биде со доволен капацитет за квадратурата на објектот и редовно менувајте ги филтрите.

5. Ве молам за неколку практични здравствени совети како да го зачуваме своето здравје во празничниот период?

  • Внесувајте доволни количини на течности – идеално 2-3 литри вода дневно. Водата со додаден лимон е одлична за детоксикација на организмот, особено наутро до 12ч кога способноста за прочистување на органзимот е најголема. Не заборавајте да вклучите солени супи во исхраната или барем користете раствори на ОРС (орални рехидратациони соли) кои се клучни за добра хидратација, здрава столица и целокупното наше функционирање.
  • Внесувајте свеж, сезонски зеленчук и овошје секојдневно, во количини од 300-400 грама. Овошјето и зеленчукот се основен извор на витамин Ц и цинк кои се клучни за имунитетот а освен тоа се одлични за добро варење на храната.
  • Внимавајте внесот на алкохол и цигари да биде умерен! Алкохолот не дехидрира што води кон лоша столица, а заедно алкохолот и цигарите го иритираат желудникот и цревата и ги зголемуваат ризиците за појава на гастрит или чир.
  • Најдете време за вежбање и физичка активност (најмалку 3 пати неделно по 30 минути) бидејќи е особено важно за правилен метаболизам и мотилитет на цревата.
  • Ако сте во можност посетете спа центар. Комбинацијата на базен (хидротерапија) и сауна 1 неделно, е идеална за детосикација, топење на мастите и подигнување на Вашиот имунитет.
  • Немојте да користите антибиотици на своја рака! Антибиотиците не се ефикасни при настинка, грип и вирусни инфекции, туку само ја нарушуваат дигестивната микрофлора и го ослабуваат Вашиот имунитет.
  • Повремено користете пробиотски препарати кои ја стабилизираат цревната микрофлора и помагаат во регулацијата на варењето на храната.

Коронавирус