петок, 26. ноември 2021. Вести денес: 152
home Живот и стил

Апел за помош на Даниела која 3 години се бори со тешката болест: Ме отпишаа, а јас сакам да живеам за децата

Апел за помош на Даниела која 3 години се бори со тешката болест: Ме отпишаа, а јас сакам да живеам за децата

„Надежта последна умира“ го кажал некој, кој имал голема мака, а речиси и да не постои човек кој барем еднаш во животот не почувствувал ова да го изговори. Дека надежта последна умира вели за ММС и Даниела Спасовска од Марино, скопско, која со сите сили се труди да ја победи болеста и да застане на нозе. Не само заради себе, туку и заради нејзините три дечиња, на кои им е потребна мајка, бидејќи штотуку зачекоруваат низ животот.

Гледајки го апелот за помош порталот ММС се обрати до нејзината мајка, за да се помогне да се соберат средства за Даниела, за да ја продолжи борбата со тешката болест.

Даниела, која иако веќе три месеци е врзана за постела не престанува да се бори и да се надева. Даниела низ солзи ни раскажа за голготата низ која поминува од 2019 година, откако и е дијагностициран рак на дојка. Зад себе има три операции и метастази, но и тоа не ја обесхрабрило да го чекори овој трнлив пат полн со надеж за оздравување.

Дијагнозата, вели, Даниела сега е метастаза на дрниот дроб, на коските, на черепот, оперирани и се двете гради, оперирана е на колк, врзана е за кревет и не може да стане ниту со едната ниту со другата нога.

-Со болеста се борам три години. Почна прво со десната дојка, за една година, се појавија метастази на другата дојка, а за една година и ногата. Скоро четири месеци врзана сум за кревет. Сега треба да одам на ортопедија, многу ми отекуваат двете нозе, не можам да ги мрдам, кичмата ми е фатена сосема, штом ќе станам се укочувамам. Сега ќе одам на онкологија за да направам компјутерска томографија, бидејќи се сомневаат и на гинеколошки проблеми, а гинекологот ми рече дека не смее да ме оперира, дека тоа може да го направи само онколот. Ќе видиме што понатаму, дали ќе ми сменат терапија, вели Даниела.

Даниела има 35 години и три дечиња, од кои едното е 14 години, другото 12 и третото осум, едно синче и две ќеркички. Со сопругот Игор е веќе 15 години во брак. Од среќно семејство болеста на Даниела дома сите ги покосила и им го направила животот пекол.

-Децата се потресени, паднати се психички, а кога ќе ме видат како плачам уште попотресени се. Но, надежта на сите нас е голема, веруваме дека Господ ќе се смилува и дека ќе ми го врати здравјето, бидејќи имам три дечиња, кои треба да ги изведам на пат и на кои им треба мајка. Затоа морам да се борам. Заради нив ми е најголемата борба, верувам на медицината. А се плаќам приватно и не можеме да излеземе на крај. Се борев две години сама ама не можам повеќе. Кај и да отидеш на приватно прегледите се скапи, а на државно нема термини. Магнетна и компјутерска се скапи, каде 8.000 денари, каде 10.000 денари, скенот што го правев го платив 16.800 денари, па фати короната и не можев да го правам државно. Потребни се уште снимања, а јас не можам да си дозволам. А те фрлаат од врата на врата само, никој не те гледа. Пред време се откажуваат од мене, вели Даниела и додава:

-Сега сме сведени на платата на сопругот, пари што земам за трето дете и мајка ми што ми помага. Таа постојано е тука, бидејќи не можам од кревет да станам. Децата одат на училиште, имаат свои обврски, едното е девето, другото осмо и најмалото е трето одделение. Тие се претажни, не можат да ме гледаат во ваква состојба. Штом ќе видат дека имам болки доаѓаат сите до мене, ме гушкаат и плачат. Сега со короната се толку многу исплашени, тргнаа на училиште и им е страв да не се заразат тие и да ме заразат и мене, вели таа.

Даниела вели дека до таа кобна 2019 година биле среќно семејство и не ни сонувале дека животот сосема ќе им се смени. Се до една вечер, кога случајно таа забележала дека маката им зачукала на врата.

-Почна се случајно. Симптомите на првата дојка јас си ги открив сама, случајно, кога се удрив и ме здоболе. Кога се фатив напипав топче. Не верував дека до толку е нешто страшно. Голем паничар сум и веднаш закажав преглед. Лекарот веднаш ми рече да направиме биопсија за да видиме што ќе испадне и испадна малигно. На втората дојка пак, додека ме гледаа лекарите ми велеа дека не е ништо животозагрозувачки. Но, јас не верував, приватно направив преглед и излезе дека е повторно трет степен. Од операцијата на првата до појавата на втората дојка помина точно една година. Првата операција ја правев на 19 јули 2019 година, а втората на 24 август 2020 година. Ногата, пак, ја оперирав на 21 јуни оваа година. И од тогаш се повеќе и повеќе запаѓам. Суплиментите ми помагаат да го зацврстам имунитетот, ми беше многу паднат. Сега многу ми паѓа хемоглобинот, не можам да го покачам и пијам еден куп лекови за тоа. За една недела треба да направам крвна слика да видам како е. Навистина суплиментите ми помагаат за имунитетот, но проблем е што сега, пак, не можам да се движам. Среќа што ја имам мајка ми, ако не е таа тешко на мене. Сопругот, како и јас, не е подготвен да ме изгуби, се надева и тој како мене, вели таа низ солзи.

Даниела е свесна дека од судбината не се бега, но и дека надежта постои и токму затоа побарала помош од хуманите граѓани.

-Морав да побарам помош. Имам три деца за гледање, ним им треба мајка. Морам да издржам, да се борам. Пред два месеци лекарите ми рекоа дека е опфатена и целата кичма и ногата и затоа имам толку големи болки и не можам да станам. Наскоро треба да одам на контрола и не знам дали ќе се нафатат лекарите за нова операција, бидејќи е многу распространето. Од онкологот искрено не сум задоволна. Знаеш како, те имаат отпишано, буквално ти ги фрла документите. Што и да го прашам само ќе мафне со главата и ништо. Еден лекар ми вели мора ова да се среди на онкологија, не можам да те оперирам, ќе ми останеш на маса. Бидејќи и карлицата ми е опфатена, вели расплакано Даниела и додава:

-Ми велат во ремисија е болеста ама испаѓа дека не е во ремисија. Јас на челото веќе сама си ги забележувам дека излегуваат. Со длабока венска тромбоза сум и со се. Бубрегот десен речиси ми е откажан. Свесна сум за се, ама знам дека не смеам надеж да губам. Тешко ми е, многу ми е тешко. Ме отпишаа. А јас сакам да живеам.. за децата… Затоа и барам да ми се помогне, за да можам и јас да се борам инаку вака без финансии џабе. Ниеден преглед не можеш да направиш, ништо не можеш да купиш. Секако дека ќе се борам, вели таа.

Даниела вели дека сака да отвори хуманитарна линија, но засега не можат.

-Ми рекоа требало да биде операција, па лечење во странство. Јас немам конкретна сума колку пари ми требаат за да, колку толку можам да си помогнам, да си го олеснам животот. Три години се борам со болеста, две операции, престанав да работам, а за се што ми треба за болеста, и пари за децата и за секојдневните потреби сме само на платата на сопругот. Имам премногу суплименти за пиење. Терапиите од онкологија ми се бесплатни, а дома што примам за прочистување на црниот дроб, Д3 и многу други ми се многу скапи. Секој еден суплимент е над 1.000 денари, има некои што се 500, 650… Пари за памперси, бидејќи не ми ги одобрија преку Фондот, вели таа тажно.

Од овие причини Даниела не може да отвори телефонска линија за донирање, но ги моли сите хумани, средства да донираат на жиро сметката од нејзината мајка.

320500026947066 Централна кооперативна банка на име на Снежа Стојчевска или можете да ја контактирате директно Снежа Стојчевска на телефонскиот број 078466478.

Коронавирус