петок, 22. ноември 2019. Вести денес: 159
home Занимливости

Затвор во Германија претворен во хотел

Затвор во Германија претворен во хотел

Историскиот затвор во градот Фјурстенау во северозападна Германија по повторното отворање работи веќе извесно време, но сега како хотел. Бројни туристи, меѓу кои и штотуку венчани брачни парови, доброволно би минале ноќ зад решетки.

– Креветите во ќелиите се со големина 90 на 200 сантиметри и нудат високо ниво на удобност, истакна Вернер Прис, претседател на Друштвото за археологија  и историја на градот, коешто и го обнови некогашниот затвор.

При пријавувањето за престој, посетителите добиваат и комбинезон со црно-бели риги, за искуството да биде што поавтентично.

– Не е задолжително, но многумина и ги облекуваат, вели Гунтер Спонхауер, друг претставник на Друштвото.

Затворот во Фјурстенау, близу Хамбург бил изграден 1720 година, но бил затворен подолго време. Во него некогаш биле сместени бројни осуденици, меѓу кои и еден коњокрадец-убиец, кој 1883. бил погубен.

– Шест ќелии се претворени во соби за гости, а останатите две се оставени во својата изворна состојба, како што изгледале порано, како специфична туристчка атракција, појаснува Прис.

Цената за една вечер е 45 евра, но ако се одлучите за подолг престој, тоа ќе чини само 37 евра од ноќ.

Oвa нe e единствен таков пример во светот. Свои хотели затвори имаат и Велика Британија, Шведска, Турција, САД, Австралија, Холандија, Словенија.