четврток, 26. ноември 2020. Вести денес: 2
home Занимливости

Совети како да купувате без нервоза во време на пандемија

Совети како да купувате без нервоза во време на пандемија

Ако вие сте членот на семејството кој (најчесто) пазарува, можно е во изминативе неколку недели да сте почувствувале паника, беспомошност или фрустрација кога ја обавувате оваа задача.

Секојдневно нѐ охрабруваат да ги следиме мерките за заштита од коронавирусот и колку и да се придржувате до нив, некои луѓе не се толку внимателни и совесни. Не носат заштитна опрема, не ја почитуваат дистанцата од два метра, оставаат искористени маски и ракавици наоколу наместо во корпа за отпадоци, ги фаќаат производите па ги враќаат на полица, го нарушуваат вашиот личен простор, влегуваат во вербален конфликт со другите купувачи или вработени во маркетите…

Иако веруваме дека ова може да ви создаде анксиозност, па дури и аверзија кон пазарувањето основни производи за вас и вашето семејство, важно е вие да продолжите да ги почитувате мерките за заштита и да го чувате вашето физичко и ментално здравје.

Согласно Уредбата на Владата, од 23 април кај нас е задолжително носењето маска или друг вид на прекривка за носот и устата (марама, шал и слично) во затворени простории, вклучувајќи маркети и аптеки.

Секако, основна мерка на заштита е одржување на социјалната дистанца од 2 метри од другите купувачи.

Еден од советите е, кога можете, да пазарувате во помали локални продавници каде најчесто поради малата квадратура на дуќанот, муштериите пазаруваат еден по еден.

Кога купувате, бидете разумни и солидарни. Не создавајте непотребни резерви на храна, козметика, средства за чистење и други производи. Купете онолку колку што ви е потребно до следното пазарување.

Ако со себе носите влажни марамчиња со дезинфициенс, избришете ја рачката на количката или корпата со која сте пазарувале пред да ја оставите за следниот муштерија.

Не ги фаќајте сите производи на полиците, одберете од око.

Бидете љубезни кон вработените и подгответе пари или кредитна картичка пред да дојдете на ред за плаќање, за да го забрзате процесот. Покажете почитување, но не им го одземајте времето со разговор.

За крај, кога ќе дојдете дома внимателно измијте ги рацете со вода и сапун не пократко од 20-30 секунди.

Коронавирус