четврток, 2. декември 2021. Вести денес: 167
home Занимливости

Слетувањето со луѓе на Месечината одложено поради костимите

Слетувањето со луѓе на Месечината одложено поради костимите

Испраќањето на американски астронаути на Месечината до 2024 година е неизводливо поради значителни одложувања во развојот на вселенските костими, соопшти генералниот инспектор на НАСА, Пол К. Мартин, во новиот извештај.

Иако НАСА потроши повеќе од милијарда американски долари за вселенските костими од „следната генерација“, Мартин заклучи дека „костимите нема да бидат подготвени за летање најрано до април 2025 година“ и дека се „години далеку од готови“. Целта за слетување на првата жена и следниот маж на Месечината првично беше поставена од Администрацијата на Трамп за 2028 година, а потоа тоа се премести за ноември 2024 година. Администрацијата на Бајден го одобри тоа, а ја додаде во барањето и првата „небела“ личност – како патник на Месечината.

Извештајот го припишува одложувањето на недостатокот на средства, влијанијата на Ковид-19 и технички предизвици. Во мигов има 27 различни компании кои обезбедуваат различни компоненти за костими, па Илон Маск од „Спејс-Икс“ на Твитер рече дека овој потфат изгледа „како да има премногу готвачи во кујната“, додавајќи дека неговата компанија „може да го стори тоа доколку е потребно“.

Актуелниот администратор на НАСА, Бил Нелсон зборуваше за (не)подготвеноста за 2024 година во неодамнешно интервју за Си-ен-ен.

– Јас сум трезвено реален. Целта е 2024 година, иако ќе биде тешко. Има фактор број 1, а тоа е безбедноста, и ги вклучува луѓето. Може да има одложувања, но целта е крајот на 2024 година, рече тој.

„Спејс-Икс“ доби договор од НАСА во вредност од 2,9 милијарди долари во април – за развој на програмата „Артемида“, за слетување на Месечината. Меѓутоа, реализацијата на овој договор е одложена поради жалбите на два конкурента – „Блу ориџин“ и „Дајнетикс“. Генералниот инспектор рече дека и тоа влијае на одложувањето.

Инаку, од НАСА ја развиваат таа технологија веќе 14 години.

„Во овој миг, астронаутите користат ЕМУ-костими дизајнирани пред 45 години за Програмата за вселенски бродови и се потпираат на овие обновени и делумно редизајнирани вселенски костуми за вонредни активности на МВС“, се вели во извештајот.

Во извештајот и се нагласува дека неуспехот да се изработат костимите пред планираната мисија за ноември 2024 година, позната како „Артемида 3“, не е единствениот фактор што влијае на одлложувањето.

Коронавирус