четврток, 23. септември 2021. Вести денес: 125
home Занимливости

Нова иницијатива за барање докази за вонземска технологија

Нова иницијатива за барање докази за вонземска технологија

Меѓународен тим истражувачи предводен од астрономот од Универзитетот Харвард, Ави Лоуб, објави нова иницијатива насочена кон барање докази за вонземска технологија, пренесува БТА.

-Со оглед на неодамнешното истражување кое покажува постоење на многу планети слични на Земјата во нашата галаксија, не можеме да ја игнорираме можноста дека технолошки цивилизации може да постоеле и пред нашите. Влијанието што секое откривање на вонземска технологија може да го има врз науката, врз нашата технологија и врз нашиот поглед на светот воопшто – ќе биде огромно!, смета професорот Лоуб.

Иницијативата, наречена „Проект Галилео“, бара инсталирање и употреба на светска мрежа на средни телескопи, камери и компјутери за проучување на неидентификувани летачки објекти. Проектот веќе има добиено финансирање од 1,75 милиони американски долари.

Во проектот учествуваат истражувачи од американските универзитети Харвард, Принстон и Калтех, како и Кембриџ во Велика Британија и од Универзитетот на Стокхолм. Веста доаѓа еден месец откако Пентагон објави извештај за вонземјаните, во кој се заклучува дека десетици воздушни феномени забележани од воени пилоти не можат да се објаснат.

-Не се политичарите или војската оние што треба да го толкуваат она што го гледаме на небото – тие не се научници. Научната заедница треба да разбере што се случува, рече Лоуб.

Покрај НЛО-а, „Проектот Галилео“ има за цел да ги проучува меѓувездените објекти што го преминуваат нашиот Сончев систем и да бараат можни вонземски сателити кои ја набудуваат Земјата.

Проф. Лоуб во сѐ ова гледа нова гранка на астрономијата наречена „вселенска археологија“, којашто покрај потрага по вонземски живот, ќе се обидува да открие и радиосигнали од вонземско потекло.

Ави Лоуб (59), е  научник од израелско-американско потекло. Веќе има објавено стотици иновативни написи и трудови и соработувал со Стивен Хокинг. Тој е автор на полемичкиот научен труд, што тврди дека меѓуeѕвезден објект што накратко го преминал нашиот систем во 2017 година, можеби бил вонземско летало на сончева енергија. (МИА)

Коронавирус