петок, 13. декември 2019. Вести денес: 119
home Занимливости

Народни верувања и суеверие: Во престапна година не се женат, веруваат оти бракот не траел

Народни верувања и суеверие: Во престапна година не се женат, веруваат оти бракот не траел

Брачни суеверија што се однесуваат до младоженците

1. Момините алишта што ги носела пред предсвадбената седмица, т.е. пред да се облече во невестинската, кога ќе ги соблече, за да ја облече невестинската облека, никој не ги фаќа со рака, а на местото каде што ги соблекла, ги покриваат со крбла и така покриени ги остават под крблата до три дена, за да не родела до три години.

2. Невестинската нова облека пред да ја облече невестата за прв пат како таква, ја тргаат на кантар до три пати, пак од истата причина, без да ги бројат оките или драмовите.

3. Кога сватовите одат по невестата или на друго свадбено празнување, на првиче или др. слично, оние што биле на тоа празнување во куќата на зетот не минуваат по истиот пат, по кој минале на одењето, туку по друг, при што заобиколуваат некои улици. А тоа било за да не се врати невестата пак назад во мајкината куќа, поради смрт на сопругот или поради развод т.е. да не умре мажот, или да не се разведат.

4. Кога сватовите ќе ја водат невестата во куќата на зетот, внимаваат да не минат низ такво место каде што има сомнение дека некои непријатели на новите сопружници да ја попрскаат со молепсана вода и да се случи да умре некој од сопружниците.

5. Кога зетот и невестата ќе се вратат од венчавањето дома и за прв пат ќе влезат како зет и невеста во куќата строго внимаваат преку прагот на куќната врата да престапат со десната нога. Тоа правило особено се внимава за невестата.

6. Кога првата вечер младоженците ќе легнат да спијат заедно, невестата по совет на мајка си бара од зетот да и ја подаде стомничката со вода оставена до перницата, за да се напие, а тоа било за да се води тој по неа како водата.

7. Кога на некоја нова невеста ќе и дадат најпрвин метла да мете во новата (зетовата) куќа истовремено во рацете и даваат и еден крфан (парче) леб да јаде метејќи. Тоа значело за кога ќе остане трудна (непразна) да не се гнаси од некои јадења, како што обично им се случува на повеќето жени во време на бременоста туку лакомо да јаде од секоја храна.

8. Кога некои младоженци не можат да ги исполнат брачните обврски, простите луѓе веруваат и велат дека тие биле врзани, поради што барат начин како да ги одврзат. А за да ја постигнат целта еве што прават роднините:
Бараат да најдат некаде змии, машка и женска, заврзани, и кога ќе најдат такви ги покриваат со некоја облека од младоженците која ја остават над змиите на истото место дотогаш додека змиите сами се одврзат и си заминат. Тогаш ја земаат облеката и со неа ги покриваат младоженците кога ќе спијат и веруваат дека тие ќе се одврзат, поради што ќе биле способни за извршување на споменатите должности.

9. Кога во некој брак нема деца или децата не траат или пак се раѓаат само женски мислат и веруваат дека им било направено, дека со магии им бил запрен плодот. Во таков случај за разврзување на магиите таквите сопружници минуваат на воденица двајцата заедно огул-голи леејќи и мерејќи вода со штрково јајце.

10. Кога на некој маж не му траат жените, откако првата и втората му умреле за кусо време, за да му затрае последната откако ќе се сврши за третата тој заедно со свршеницата пред да се ожени оди кај некоја река, и до три пати двајцата огул-голи минуваат под мостот на реката за да им се расипат магиите, та да затраела таа жена.

11. Во високосна година не се женат, зашто веруваат ако се женат во таква година не траел, ќе умрел или едниот или другиот од тој брак.

12. Даровите, ризи, кошули кои ги донесува невестата за роднините на зетот – за свекорот, свекрвата и деверите, им се даруваат на тие лица неодгрлени, значи со не отворени грла и тоа за да им биле затворени устите против новодојдената невеста, т.е. да молчеле и да не и се карале.

13. На оној што на свадбата ќе му се разврне времето за него велат дека гребел по тенџерињата (откако ќе се испразнело јадењето).

Збелешка: Повеќето од суеверијата тука запишани, одамна веќе почнаа да се изоставаат и скоро сосема да се заборавени од поразбудената и поразвиена народна маса, а се чуваат само кај најдолните луѓе, а повеќе во селата.

Од записите на Кузман Шапкарев. (Подготви Марко Китевски)