недела, 1. октомври 2023. Вести денес: 68
home Занимливости

Можен ли е живот на Марс,научниците нашле мрежа од скриени езера

Можен ли е живот на Марс,научниците нашле мрежа од скриени езера

Планетата Марс е позната по својот црвеникав и студен пустински пејзаж. Целата планета е покриена со навидум бесконечна пустина.

Иако може да има големи количини мраз во поларните региони, до неодамна се сметаше дека на неа нема ниту капка проточна вода.

Но, научниците откриле неверојатно откритие во 2018 година – пронашле докази за постоење огромен резервоар со проточна вода на Јужниот пол на Марс. И сега е откриена цела мрежа на помали езера под јужната поларна ледена капа, што значи дека првото откриено езеро не е единствен случај или некоја аномалија во средината на Црвената планета.

“Постоењето на единствено субглацијално езеро може да се припише на ад-хок услови како што се присуството на вулкани под ледениот слој или некоја друга ситуација единствена за одредена област. Но, откривањето на целиот езерски систем сугерира дека нивниот процес на формирање е релативно едноставен, а можеби дури и вообичаен за Марс.” , изјави геофизичарот Елена Петинели од Универзитетот Рома Тре во Италија.

Првото субглацијално езеро на Марс, или езеро скриено под ледена покривка, било забележано од вселенското летало Марс Експрес пред нешто повеќе од две години.

Користејќи го уредот Mars Advanced Radar for Subsurface and Ionosphere Sounding (MARSIS) на вселенското летало, научниците ја анализирале рефлексијата на радио брановите од површината и со тоа го утврдиле изгледот на топографијата. Експертите ја користат истата техника на Земјата кога пребаруваат субглацијални езера на Антарктикот.

Во 2018 година, оваа постапка открила субглацијално езеро на Марс, кое се наоѓа на околу 1,5 километри под јужниот поларен мраз, а широко е околу 20 километри.

„Некои видови материјали подобро ги рефлектираат радарските сигнали од другите, а меѓу нив има и проточна вода“, изјави за Science Alert планетарниот научник Грациела Капарели од Универзитетот во Јужен Квинсленд во Австралија.

Научниците продолжиле со потрагата по првото вакво откритие и неодамна пронашле три нови многу „рефлектирачки“ области. Со други зборови, се чини дека постои мрежа на скриени субглацијални езера недалеку од почетното езеро.

“Во копнена субглацијална средина, ваквото силно одбивање на сигналот е поврзано со присуството на проточна вода. Нема други механизми што можат да создадат толку силна аномалија”, изјави Петинели.

Планетарниот научник рече дека езерата „сè уште може да содржат траги од животна форма што може да еволуирале кога Марс би имал густа атмосфера, поблага клима и проточна вода на површината или кога личел на раните периоди на Земјата“.

Дури е можно, сметаат научниците, дека микробиолошки живот сè уште се наоѓа и се развива во овие езера. Имено, знаеме дека има живот на Земјата во некои од солените и најнегостопримливите места, како и во субглацијалните резервоари.

Ова откритие ни нуди и подобра идеја за климата на Марс и хемискиот состав на почвата, што е поврзано со развојот на животот. На пример, фактот дека главното езеро и околните помали езера се уште се течни, сугерира дека тие се „хиперсалински“, односно дека содржат многу сол. Таквиот состав ја намалува точката на топење, спречувајќи да се замрзне водата и покрај студеното опкружување, пишува Си-Ен-Ен.

Претходните студии покажуваат дека можеби пред 3 до 4 милијарди години, Марс, кој сега е студен и непријателски, бил доволно топол за да има дожд и проточна вода, што може да биде добра основа за развој на микробите. Но, неодамнешните истражувања покажуваат дека животот на Марс можеби не е само минато.

„Откривањето на можни резервоари за солена вода е особено возбудливо поради потенцијалното постоење на микробите“, се наведува во студијата.

Ако навистина постои живот во овие солени води, тоа би можело да има многу различни форми. Експертите веруваат дека може да има анаероби – мали организми на кои не им е потребен кислород – или екстремофили, или организми кои можат да преживеат во екстремен студ.

Може да има дури и аероби (организми на кои им е потребен кислород) бидејќи резервоарите со солена вода, како што се помалите езера или езерца, можат да содржат шест пати повеќе кислород од минималното количество потребно за микробите.

Студијата наречена Multiple subglacial water bodies below the south pole of Mars unveiled by new MARSIS data , е објавена вчера во списанието „ Nature Astronomy“.