понеделник, 10. мај 2021. Вести денес: 146
home Занимливости

Љубовната драма на Агата Кристи не би можел да ја расветли ниту Поаро

Љубовната драма на Агата Кристи не би можел да ја расветли ниту Поаро

Кралицата на злочинот, на неверојатните заплети и уште поневеројатни расплети Агата Кристи, успеа дел од својата љубовна драма да ја смести во рамките на единаесетдневното исчезнување кое, доколку не беше пронајдена, немаше да може да ја расветли ниту брилијантниот ум на главниот лик од нејзините детективски романи Херкул Поаро.

Иако секогаш во нејзините романи успешно и до најситни детали ги расветлуваше сите тајни на ликовите и случките, сепак овој период од нејзиниот живот кој ниту таа самата не знаеше да го објасни, остана тајна која до денес никој не успеал да ја одгатне.

А се започнало на 3 декември 1926 година кога Кристи ја бакнала својата заспана ќерка, седнала во автомобил и исчезнала во ноќта. Разочарана од неверството на својот маж верувала дека ако исчезне никој нема да жали по неа, но нејзиното исчезнување ја кренало на нозе цела Британија, ја барале илјада полицајци…

Љубов со младиот авијатичар

Љубовната драма на познатата писателка Агата Кристи всушност започнала неколку години порано.

Згодниот млад авијатичар Арчибалд Кристи, Агата Мери Клариса Милер го запознала во 1912 година на една игранка. Се се случувало како во романтичен роман. Се заљубиле и набргу се вериле, но венчавката морале на неколку пати да ја одложуваат поради избивањето на Првата светска војна и обврските кои Арчибалд ги имал кон војската. Сепак, при едно негово отсуство и враќањето дома тие се венчале. Кон крајот на војната Арчибалд како полковник од Франција бил преместен во Лондон каде му се придружила и Агата.

По завршувањето на војната иако на многумина нивната врска им изгледала идилично, Арчибалд се почесто можел да се види во друштво на жени со сомнителен морал. Агата ова го трпела препишувајќи го на повоената траума, но работите не станувале подобри и покрај тоа што во 1919 добиле ќерка. Ова траело се до 1926, до кобниот ден кога Агата исчезнала цели 11 дена во кои никој не успеал ништо да дознае за неа. Притоа во јавноста се појавиле и шпекулациите дека мажот ја убил за непречено да живее со љубовницата, дека се работи за маркетиншки трик или пак, дека извршила самоубиство разочарана од бракот.

Нова љубов до крајот на животот

По цели 11 дена Агата била пронајдена во еден хотел во мало гратче, пријавена под името на својата соперничка и со краткотрајно губење на меморијата како резултат на сообраќајна несреќа и нервен слом. Таа никогаш не дала изјава за своето мистериозно исчезнување, а излетите на Арчибалд ги трпела уште две години по што се развеле.

Иако разочарана и со уверување дека никогаш веќе нема да најде нова љубов, се приклучила на експедицијата кон древниот град Ур во Месопотамија, предводена од познатиот англиски археолог Чарлс Леонард.

Токму на ова патување таа се запознава со често намуртениот научник посветен на археолошките ископувања Макс Мелоуен. И покрај големата разлика во години, (Агата била 14 години постара), меѓу нив се родила заемна љубов и тоа на прв поглед. Набргу по враќањето од експедицијата Мелоуен ја запросил Агата, жената со која бил целосно убеден дека сака да го помине целиот свој живот.

Во 1930 тие се венчале со амин на ќерката на Агата, а дека направиле вистинска одлука зборува и фактот што наредните речиси половина век од своите животи го поминале заедно во меѓусебна љубов, поддршка и заемно разбирање. Во овој период и двајцата го доживеале врвот на својот професионален успех.

Коронавирус