понеделник, 25. март 2019. Вести денес: 62
home Занимливости

Божик низ светот – Кај нас богата трпеза, во Франција се јаде на полноќ, а во Полска нема месо

Божик низ светот – Кај нас богата трпеза, во Франција се јаде на полноќ, а во Полска нема месо

Божик – денот на христовото раѓање според христијанската традиција, а кој започнува да се слави со Бадник, односно денот пред Божиќ, кај нас се слави со голема почит и внимание. Со него се поврзани многу обичаи и симболи, а се почнува со пеењето на коледарските песни и денот кога семејството се собира на заедничка вечера и според обичајот оваа вечер не се оди на гости. Се поставува богата посна трпеза, која најчесто содржи гравче, сарми, риба, салати, колачи, овошје… Се меси погача (лепче) со паричка, а на некои места паричката се става во пита. Се верува дека оној кај кого ќе падне паричката ќе го следи среќа во текот на целата година.

Пред почнувањето на вечерата на која сите се собрани, домаќинот ја благословува трпезата, го крши кравајчето, а некаде го дели зелникот, на толку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и дел за куќата. Исто така, вечерта во огнот се става бадниково гранче кое се смета за најздраво дрво, со значење сите во семејството да бидат здрави. За време на овој празник се пали и коледарски оган, кој е поврзан со обичајот наречен Коледица или Коледе. На Божик, рано утрото почнува богослужба во црквите. Причесната следува по службата кога искараните треба да се помират и да се поканат меѓу себе на гости. Во некои села во Македонија по богослужбата девојките одат по овоштарниците и ги врзуваат дрвјата за да се сочуваат од разни болести и да бидат плодни. Овој обичај е проследен со песни. Исто така, со Божиќ е поврзана и поговорката – „Пред Божиќ, зад Божиќ дома да си”, што има значење дека за време на големиот празник треба да се биде дома во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на спасителот.

Со бадниковата вечера завршуваат предбожиќните пости! Богатата трпеза и големиот број традиции го прават овој празник толку посебен, па на една македонска трпеза ќе може да се најде убаво печено месо, сарма или подварок, печен компир, по некоја заостаната риба од бадниковата вечера, црвено вино, а за десерт чоколадна торта, милиброд и печена тиква. Сепак, од држава во држава, се негуваат различни традиции кои создаваат прекрасна атмосфера помеѓу семејството и пријателите. Еве како изгледаат божиќните трпези во земјите низ светот. Традицијата е поинаква, а богами и храната…

Франција

Божиќната трпеза во Франција и во местата каде се зборува француски јазик е наречена Le Reveillon. Тоа е долга вечера или по можност забава, а името потекнува од францускиот збор réveil (будење), бидејќи обичајот подразбира луѓето да останат будни до полноќ, кога се служи вечерата и часовите кои следуваат потоа. За предјадење се служи „Foie gras” (џигер од гуска или патка), остриги, пушен лосос или тенки палачинки направени со брашно од хељда. Главен оброк е печена гуска декорирана со костени, а место тоа може и мисирка, говедско или јагнешко печено месо. Пијалакот кој оди во комбинација со вечерата варира од едно до друго место, но најчесто се служи шампањско.

Перу

Уште на почетокот на декември во перуанските цркви се одржува настанот „Chocolatadas”. Користејќи пари донирани од граѓаните, организаторите на овој настан го печат колачот панеттоне и прават зачинето топло чоколадо во големи казани. Колачот и чоколадото им се служат на луѓето од пониска социјална класа, во знак на прославување на празникот. Главен оброк на трпезата е печена мисирка, гарнирана со свежо овошје, а се служи во комбинација со пире од јаболка и разни видови салати, погачица или сладок леб-марципан.

Литванија

Литванскиот божиќен оброк наречен „Kucios” произлегол од паганските обичаи и голем број ритуали се уште се одбележуваат. Специфично за него е што се состои од 12 различни видови јадења. Оброкот традиционално започнува кога првата ѕвезда ќе се појави на небото, која и најавува на мајката во секое домаќинство да скрши лепче за секој гостин. Според литванските обичаи, а и во останатите Балтички земји, едно место на масата секогаш останува празно. На трпезата не се служат месо и млечни производи. За главно јадење се служи риба (крап, харинга или штука) во комбинација со кисел зеленчук. Исто така, се служат и погачици т.н. „kuciukai” (мали, слатки печива без квасец, со афионово семе) потопени во млеко од афионово семе, кое е омилено јадење за празникот. Исто така, во Литванија се верува дека секој оној кој ќе ја напусхти Божиќната трпеза пред да завршат сите со јадење, ќе го следи несреќа.

Шпанија

Во текот на божиќните празници во Шпанија традиционално се јаде касно навечер. Така, на ноќта пред Божиќ, вечерата почнува некаде помеѓу 22 и 12 часот на полноќ. Оброкот обично започнува со разновидни мали садови т.н. „тапас” кои се сочинети од различни видови сирења, тиквички, шунка, маслинки. Супата од морски плодови е многу популарна за Божиќ, особено во крајбрежните региони. Се служи и бела шпаргла, како и јадења од разновидна морска храна, вклучувајќи „angulas” (бебиња на јагула), „langostinos” (морски ракчиња) и „besugo” (печена морска риба од видот спариди). За десерт Шпанците обично јадат колачиња од марципан, шпански крофни т.н. „churros” и „turron” (колач во форма на цигла направен од мед, шеќер, печени бадеми и белки од јајца).

Аргентина

Во Аргентина празникот се прославува вечерта пред Божиќ, а главен оброк на нивната трпеза е говедско, свинско или мисиркино месо. Во некои подрачја се јаде и печен паун. Исто така, се служат и разни видови пити од дробено овошје и зачини, а состојките кои се ставаат внатре, варираат од едно до друго домаќинство. Омилено јадење на Аргентинците на божиќната трпеза се сармите т.н. „ninos envuettas” што во превод значи „завиткани деца”, исполнети со сечкано говедско на големи квадрати и тврдо варени јајца, кромид и зачини, кои потоа се печат. Со вечерата се служи шампањско со парчиња свежо овошје, јаболков сок или друго цедено овошје. За десерт се јаде од слаткиот колач „pannetone” и пудинг.

Германија

Во оваа земја Божиќ се прославува два дена, на 25 и 26 декември. Семејството се собира околу трпезата ноќта пред Божиќ, а јадењето им е прилично едноставно и варира од една до друга фамилија. Главниот оброк традиционално се јаде дента на Божиќ, а е сочинет од печена гуска и печен крап. Се служат и зготвени зеленчуци како кељ, зелка и кисела зелка. Божиќната трпеза ја заокружува колачот „christstollen” кој е вид на овошна торта приготвена со сушено зашеќерено овошје и јаткасти плодови, посеана одозгора со шеќер во прав.

Полска

Дента пред Божиќ цел ден се пости, а првото омрсување се случува на вечерата. Месо не се јаде на овој празник, а вечерата започнува со кршење лепче и се мести едно место на трпезата плус, како резерва за некој залутан патник кој може да дојде на врата. Тоа се смета дека носи среќа во домот. Како главен оброк се служат разни видови риба како харинга потопена во кисела павлака, потоа риба приготвена со кулинарската техника „au gratin” потопена во сос од печурки и сирење и штука послужени во комбинација со тврдо варени јајца и варени компири. Традиционалната божиќна супа во Полска е т.н. „боршч” (супа од цвекло), како што се и различните видови компоти приготвени од сушено овошје. Божиќниот десерт вклучува мед во комбинација со колачиња со афионово семе, како и слаткиот традиционален полски колач.