вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 107
home Технологија

Што знае Фејсбук за луѓето кои немаат профил на мрежата?

Што знае Фејсбук за луѓето кои немаат профил на мрежата?

Уште од минатиот месец главната тема на разговор е Фејсбук и неговите правила за приватност на корисниците. Но, по разговорите на Цукерберг со Сенатот на САД, разбравме дека корисниците на оваа социјална мрежа не се единствените луѓе кои Фејсбук ги следи.

Она што веројатно веќе го знаете е дека Фејсбук креира профили за секој на кого ќе му влезе во траг и тие профили се нарекуваат „фантомски профили“. Ваквите профили се направени за да го подобрат искуството на личноста која е следена, во моментот кога таа ќе направи профил на социјалната мрежа.

Марк Цукерберг пред Сенатот кажа дека не му е целосно јасно како Фејсбук ги следи луѓето кои немаат профили, освен преку „cookies“ на сајтот, но многумина веднаш го обвинија дека лаже бидејќи навистина би било чудно ако тој не знае што прави неговата компанија.

Фејсбук ги собира податоците кои вашите пријатели ги оставаат на социјалната мрежа и ги чува во серверите, за потоа да направи профил од секој човек кој ќе го забележи во приватните податоци на веќе постоечкиот корисник. Тоа се случува преку „cookies“, но и преку оставање на листата со контакти од телефонски броеви, мејлови и слично.

На тој начин Фејсбук се подготвува за полесно да го интегрира идниот корисник на мрежата, па веднаш по отворањето на профил на оваа личност, таа ќе биде ставена во секцијата „People you may know“ кај луѓето кои некогаш имале контакт со неа. Ова значи дека Facebook може да научи многу за вашиот социјален круг од податоците кои самите ги оставате на оваа социјална мрежа. Од Фејсбук тврдат дека ова е единствената причина поради која се прават „фантомски профили“ и велат дека без ваквото „следење“ искуството на корисниците на социјалната мрежа би било многу полошо.

Ова не е новитет кај Фејсбук за истото се предупредуваше и минатата година, уште пред да се дознае за скандалот помеѓу Фејсбук и Кембриџ Аналитика. Во иднина, внимавајте кои податоци ќе ги оставите и бидете одговорни за себе, но и за другите луѓе кои ги познавате.