вторник, 23. октомври 2018. Вести денес: 77
home Млади таленти

Звучи како светски познат маестро, а тоа е нашиот 10-годишен Лука (ФОТО+ВИДЕО)

Звучи како светски познат маестро, а тоа е нашиот 10-годишен Лука (ФОТО+ВИДЕО)

Лука Софрониевски има само 10 години, а со своите златни прстиња го покажува големиот талент кој го поседува. Има дарба за музика, но и многу работи на тоа да се доградува себеси.

Свири и пее одлично уште од најрана возраст, па веќе успеа да се избори за своето место меѓу најталентираните дечиња во Македонија. Затоа денес, тој е дел од рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.

Пијаното прво му беше интерес, а потоа хоби. Денес ги совладува вештините и навистина успева во тоа.

Талентот, вели, го наследил од својот татко и од чичко му.

Лука е син на Владимир Софрониевски-Фриц, кој исто така е музичар. Има помали братче и сестричка, за кои се надева дека ќе ги следат неговите стапки.

-Одам во Музичко училиште кај професорката Лиле Атанасова која ме подготвува за натпревари и концерти. Навистина многу научив таму. Имам добиено две први награди и многу сум среќен. Тие ми се мотив да научам да свирам уште поубаво, вели малиот Лука за КУРИР.МК.

Во музичко училиште оди веќе четири години бидејќи, за секоја пофалба, уште на 6-годишна возраст точно знаел што сака.

-Во иднина сакам мојата професија да биде музиката. Многу вежбам и се трудам да си го исполнам тој сон. Сакам еден ден да бидам врвен пијанист, рече Лука.

Освен неговиот татко Софрониевски, на Лука му е идол македонската гордост Симон Трпчевски.

Од кога почна да посетува часови, Лука заборави на детските песнички или она што го слушаат децата на негова возраст.

-Секогаш слушам класична и забавна музика. Кога ќе слушнам добра композиција, веднаш сакам да ја отсвирам. Ги слушам настапите на Симон Трпчевски, кој е еден од моите идоли, од него навистина многу можам да научам, вели овој млад талент.

Пијаното му е најголема љубов меѓу инструментите, но Лука не запира во својот талент за инструменти.

-Најмногу свирам пијано, но многу се трудам и успеав да научам да свирам и на ударни инструменти. Свирам тарабука и тапани, ни откри Лука.

За негова  возраст, Лука на сцена се однесува како вистински професионалец. Токму затоа никого не остава рамнодушен.

-Имам трема, ама не како да се плашам, туку трема од возбуда. Секогаш кога настапувам давам се од себе. Чест ми е кога после настапот ми се доближуваат луѓе и ми викаат дека сум одличен. Ме нарекуваат “вистински мајстор“ за тоа што го свирам. Секако, тоа ме тера да вежбам уште повеќе, вели Лука за КУРИР.МК.

Стручни лица во неговата област не штедат пофалби за ова мало момче. Професорите по музичко веднаш го забележуваат неговиот талент.

-Постојано вежбам, но пред настап навистина посветувам многу време за тоа. Имам повеќе приватни часови од вообичаеното, а потоа вежбам и сам дома. Мојата професорка е прекрасна, таа е заслужна за мојот досегашен успех. Ме учи и ме поттикнува да станам уште подобар, кажа Лука за КУРИР.

Најнови вести