сабота, 15. декември 2018. Вести денес: 0
home Млади таленти

Запознајте ја Анастасија Џабирски, малата мултиталентирана Македонка (ФОТО)

Запознајте ја Анастасија Џабирски, малата мултиталентирана Македонка (ФОТО)

Секогаш со задоволство промовираме млади македонски таленти. Голема чест ни е да пишуваме за талентирани деца актери, пејачи, музичари.

Денес имаме мултиталентирано дете.

Анастасија Џабирски има 10 години, а се чини и исто толку таленти.

Верувале или не, таа се занимава со актерство, свири гитара, танцува балет, црта на керамика, дизајнира облека, ја совладува аикидо вештината. Таа е четврто одделение во ОУ „11-ти Октомври“.

Во интервју за КУРИР, малата Анастасија раскажува за своето досегашно искуство и за плановите кои ги има за во иднина.

Мала, но амбициозна и зрела, таа има зацртан пат кон својот успех и храбро чекори по патот кој ќе ја доведе до истиот.

Кој прв го пронајде твојот талент за глума? Имаш ли омилени актери па реши да тргнеш по нивни стапки?

-Имаше пред 3 години аудиција на лица, кастинг агенцијата за снимање реклама бараше девојче кое што игра балет. На мама другарка ме пријавила, пратила од мене слики бидејќи во тоа време одев на часови по балет. Јас дури и не знаев што е аудиција, што треба да правам, мама само ми кажа дека треба да бидам своја и да отпеам/изиграм некоја моја омилена песна. Ми кажа дека ќе има повеќе деца,  можеби ќе ме изберат за снимање на реклама, а можеби и нема. Многу се израдував кога ми соопштија дека ме избрале за една од главните улоги. Снимавме реклама во која бевме семејство, а потоа следуваа и други ангажмани во текот на целата година. Омилена актерка ми е Анџелина Џоли и Весна Петрушевска, раскажува Анастасија.

Две години си дел од Бејби школата за актерство, под раководство на Весна Петрушевска. Како таму го минувате времето? На што ве учи Весна?

– Многу ни е убаво. Прво се загреваме, имаме лицевна гимнастика за раздвижување на мускулите на лицето, имаме вежби за концентрација, тоа ќе ни помага и за полесно учење во училиште. Имаме вежби за релаксирање на телото, после повеќето време кажуваме текстови што сме ги имале за учење за домашна, учиме драми, почесто правиме eтиди. Тоа е како пантомима, безпредметно дејствие, методологија преку која се совладува вештина на сцена, многу е интересно, треба време да се научи, да се совлада. Играме и игри за ориентација.

Текстовите што ги учиме, односно драмите, се од македонски и странски писатели, автори. Мене ми е лесно да ги учам бидејќи сум голем љубител на книгата и таа љубов ја имам од мајка ми и баба ми. Со баба ми одиме често во библиотека, таму сум зачленета во библиотека и многу сакам да читам книги.

Сега спремаме претстава, не можам да кажам што е бидејќи е тајна, до сега имаме направено 2 претстави на мала сцена во МНТ и имаме снимено еден музички спот. Исто така на часовите доаѓаше учител по сценски чекори кој што не учеше како да се однесуваме на сцена, како да се движиме на сцена, како полесно да изиграме некоја етида и ни даваше многу предизвици за да можеме полесно да ја совладаме било која пречка што  ќе ни биде зададена во текстот или во претставата, истакнува таа за КУРИР.

За твојот талент говори и фактот дека беше прогласена за најдобро дете во класата и доби стипендија. Ти даде ли тоа поголем мотив да продолжиш да се занимаваш со ова?

-Јас тоа не го разбрав што точно значи, но си го сметав како добиена 5-ка за добро завршување на задачите што ми беа зададени, истакна Анастасија.

За 10-годишно дете редовни часови по глума се чинат како голема обврска. Но, ти доста зрело за твои години, одлучи да одиш и на часови по гитара. Како успеваш да ги завршиш сите обврски и кој ти е најголема поддршка во тоа?

-Лесно. Организирана сум, во училиште посетувам целодневна настава, па имам време наученото во денот да го повторам во дежурна, а за викенд дадената  домашна да ја напишам и повторам тоа што сме учеле. Па затоа преку недела во слободното време ги учам текстовите и задачите од Бејби шоу и ми останува време за учење да свирам гитара. Хоби ми е и цртање на керамика, дизајнирање облека Мојата мајка ми е навистина голема поддршка. Ја имам најдобра та мајка на светот, раскажува овој млад талент.

Меѓу актерство, пеење и свирење, каде ја гледаш својата идна професија?

-Како помала одев на балет, на латино танци потоа на Аикидо. Аикидо имам положено 3 појаси. Но навистина актерството го засакав многу, би сакала да бидам актерка, а музиката ќе продолжи да ми биде хоби, можеби и ќе свирам во некој бенд кога ќе пораснам, по стапките на мојот дедо и вујко, заклучува Анастасија во интервјуто за КУРИР.