вторник, 11. декември 2018. Вести денес: 0
home Млади таленти

Врвен во хип хоп, одличен во кошарка: Бојан има 13 години, голем талент и импресивна амбиција

Целиот труд му се исплати. Горд е на секоја награда која му дава мотив да вложи повеќе во себе, да се надоградува и да го исполни секој замислен успех.
Врвен во хип хоп, одличен во кошарка: Бојан има 13 години, голем талент и импресивна амбиција

Бојан Киселички од скопската населба Козле има 13 години. Одличен е во играње хип хоп и со неговите настапи ја претставува Македонија на меѓународни натпревари. Огромен талент има и за кошарка, па овој спорт го избра како негово второ хоби.

Со успесите, посветеноста, талентот и упорноста, Бојан заслужи да биде дел од рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.

На само 9 годишна возраст, Бојан почнал да се пронаоѓа себеси во хип хопот. Додека неговите врсници во тој период од животот денот го делат на “време за училиште“ и “време за играње“, Киселички одлучил дека неговите денови ќе бидат исполнети и со други обврски.

Неговата поголема сестра го откри талентот на ова тогаш мало дете, а судејќи по она што го постигна денес, испраќаме големо БРАВО до неа.

-Уште од второ оделение мое хоби беше кошарката, меѓутоа после две години за прв пат се појави мојата желба да се запознаам со хип хопот. Додека гледав видеа од познати хип хоп танчери, решив дека и јас сакам да пробам вакво нешто, за кое што воопшто не се покајав. Мојот талент и чувство за танц го откри сестра ми, која професионално се занимава со истиот. Меѓутоа мојата прва инструкторка Ивана Балабанова, беше таа која го откри мојот талент за хип хоп, за кој никој претходно не знаеше, па дури ни самиот јас, рече Бојан во интервјуто за КУРИР.МК.

На подготовка троши доста време, како на часовите, така и дома. Важи за весело момче кое обожава музика и танц, кое секогаш е едно од најзабавните во друштвото.

– За да спремиме една кореографија за некој настап или натпревар, работиме по неколку месеци, зависно од тоа за каков настан се спремаме. Кога се спремаме за натпревари каде кореографиите се посложени и временски подолги, најчесто работиме по пет или шест месеци, кога се спремаме за кратки манифестации работиме еден или два месеци, рече Бојан.

Танцува сам, но и групно. Еднакво ужива работејќи, но сепак издвојува што повеќе го привлекува.

– Многу повеќе ме привлекува соло танцот отколку групниот танц, бидејќи можам да ги истакнам моите моментални чувства и да креирам нешто свое, во свој стил, каде ми е дозволена слобода во движењата. Во групниот танц мора да се придржуваме кон зададените движења од кореографијата, но тоа што најмногу ми се допаѓа во групниот танц е дружбата со соиграчите, која е незаменлива, вели младиот талент.

Целиот труд му се исплати. Горд е на секоја награда која му дава мотив да вложи повеќе во себе, да се надоградува и да го исполни секој замислен успех.

А кога таму, на сцената, по одлично изигран танц и освоена награда, ќе го покаже македонското знаме, аплаузите ги добива и од земјата која ја претставува.

– Во првата година од моето изучување на хип хопот, каде подготовката траеше само шест месеци, го освоивме првото место на светското првенсто во Пореч, Хрватска, 2015-та година, во категорија Деца. Потоа во 2016-та година освоивме прво место на Интернационалниот натпревар во Бар, Црна Гора, а истата година во Македонија освоивме трето место на МАМТ – Македонска Асоцијација за модерни танци. Во 2017-та година на светското првенство во Пореч го добивме петтото место, каде конкуренцијата беше многу поискусна од нас, бидејќи ние истата година влеговме во категоријата Јуниори. На крајот на 2017 година бевме во Ниш, Србија, каде го освоивме првото место на Интернационалниот натпревар, гордо раскажува Бојан за КУРИР.

Не ја заборави ниту својата прва љубов-кошарката. Нашиот млад талент не мирува.

– Покрај љубовта и посветеноста кон хип хопот, подеднакво се посветувам и на кошарката, која пред се беше мое прво хоби. Тренирам во клубот Водњански Лисици и за кошаркарскиот тим на моето основно училиште „Владо Тасевски“, каде мои тренери се Амди Муса и Антонио Стојоски. Тренирам пет пати во неделата по еден ипол час, истакнува Киселички.

Само што навлезе во тинејџерството, па Бојан и покрај многубројните обврски, наоѓа време за работите кои му се потребни на секое момче на негови години.

– Не секогаш имам многу слободно време, бидејќи секој ден ми е определен за некоја активност. Некогаш хип хоп, некогаш кошарка, некогаш на курс и учење за во училиште. Меѓутоа секогаш пробувам да најдам време за моите другари, за дружење со мојата фамилија и се разбира време за видео игри, ни откри Бојан.

Ни се наметна прашањето, за вака зрело момче, што планира за својата иднина? Одговорот е интересен и уште еднаш потврдува колку е амбициозен нашиот млад талент.

– Во иднината се уште не се гледам себеси со некоја определена професија, но мислам дека ќе се стремам кон професионална надоградба на едно од овие две хобија. Во моментов и двете се моја главна цел и сакам подеднакво да се надоградувам. Сепак започнав да тацувам мислејќи дека хип хопот нема да е толку важен дел од мојот живот, но се случи спротивното. Иако танцувам само четири години, никогаш не сум гледал на танцот од компетативен аспект, напротив, го чувствувам како дел од мојата лична надоградба и афирмација. Додека пак кошарката е она што ме крева во воздух и прави да се чувствувам здрав и цврст. Уште од мали нозе се гледав себеси како еден врвен и успешен кошаркар, заклучува Бојан Киселички во интервјуто за КУРИР.МК.