среда, 25. април 2018. Вести денес: 77
home Млади таленти

Светот ѝ се поклонува, а Македонија се гордее со младата пијанистка Јована Трајчева (ФОТО+ВИДЕО)

Светот ѝ се поклонува, а Македонија се гордее со младата пијанистка Јована Трајчева (ФОТО+ВИДЕО)

Јована Трајчева е девојката на која со право можеме да бидеме сите горди. Светските најпознати имиња на оние кои свират пијано имаат сериозна наследничка од Македонија.

Поради нејзиниот талент, постигнатите успеси, голема посветеност и уште поголема визија за  иднината на својата кариера, убавата Јована денес е лице на рубриката „Млади таленти“ на КУРИР.МК.

Има 24 години, а свири од нејзина 8-годишна возраст. Прв пат на сцената, Јована застанала кога имала само 7 години, со настап на детскиот фестивал „Си-До“ во Битола.

Младата пијанистка се посвети на своето образование со кое својата желба и хоби ги преточи во професија.

-Се запишав во нижото музичко училиште во Скопје, на пијано во класата на професор Кармен Костова, а подоцна преминав во класата на реномираниот руски педагог Људмила Романова, каде и го завршив нижото музичко образование. Средното образование, факултетот и магистерските студии ги започнав и завршив во класата на професорката Нина Костова Јаневска, со највисоки оцени доделени од страна на испитната комисија, вели Трајчева во интервју за КУРИР.МК.

Следуваа бројни настапи. Кој од кој поуспешен. Сите заслужни за огромни овации и аплаузи, но и за бројни значајни награди.

Награди кои се заслужена пофалба за нејзиниот талент и посветеност, но и најголем мотив да продолжи да работи и да се надоградува.

-Имам настапувано на сите концерти организирани од страна на училиштето, концерти во рамки на „Musica viva“, „Festivalite“, „Есенски музички свечености“, „ДММ“, „Скопско лето“, „Златна лира“. Освоив втора награда на меѓународниот натпревар „Mocartijana M“, втора награда на Државниот натпревар за млади изведувачи во Битола, трета награда на меѓународниот натпревар „Охридски бисери“, ја освоив втората награда на Државниот натпревар во Скопје. Освоив прва награда на натпреварот во чест на „Chopin and Schumman“, а воедно добитник сум и на специјалната награда за најдобра изведба на Schumman. Освоив втора награда на „Полифон конкурс“, трета награда на Меѓународниот пијано натпревар во Босна. Втора награда освоив за заеднички настап со Инес Неделковска на Interntional Piano Competition “Duo Piano” во Монте Карло, каде прва награда не беше доделена.  Трета награда освоив на ENCOR International Music Competition 3rd edition, пофалница на Ibiza piano competition 2017, набројува Јована.

Да се слуша оваа пијанистка е вистинско задоволство. Таа има одржано повеќе солистички рецитали, најмногу во Скопје, но и во повеќе други градови.

-Како позначаен настап и прекрасно искуство би го издвоила настапот со Македонската филхармонија во 2015-та година. Имам учествувано и на сите семинари организирани од страна на руските педагози Борис и Људмила Романови, а имам искуство и како наставник по пијано во Државното музичко училиште „Илија Николовски Луј“, вели младата пијанистка.

-Пред настап секогаш гледам да сум физички одморена и сконцентрирана. Тремата во оваа професија е сосема нормална и секогаш присутна, некогаш повеќе, некогаш помалку. Јас по природа сум тремаџија, а перфекционист, па лично за мене видот на настанот и неговата важност не менуваат многу. За мене настап е настап, пред 10 или пред 1000 луѓе, јас секогаш се трудам и сакам да дадам се од себе, раскажува за КУРИР, Јована Трајчева.

Таа толку ужива во својата љубов кон пијаното, што ги советува сите оние кои имаат желба и талент, да тргнат по нејзиниот пат.

-Покрај тоа што музиката има моќ да влијае врз процесот на учење, развојот на мозокот и интелектот, во исто време ја изразува и нашата емоционална природа. За мене таа е начин на узразување и сметам дека може душевно да го исполни и збогати човекот како ниту една друга професија. Нема ништо поубаво од чувството после одличен настап, да видиш среќна и задоволна публика, вели пијанистката.

Млада и успешна, но скромна и многу емотивна. Еве во што ужива Јована:

-Јас сум емотивец, сакам музика која е богата и раскошна, а во исто време да е емотивна, едноставна и лесна за разбирање. Вљубена сум во романтизмот и руските композитори. Tchaikovsky, Rachmaninoff, Prokofiev… Уживам во нивната музика и сметам дека најмногу ми лежи, најпријатно се чувствувам, рече таа за КУРИР.

Јована со огромна чест, пред светот ја претставува Република Македонија. Да биде претставник на својата земја за неа има голема тежина. Вели дека претставувањето на Македонија е поттик за секој млад човек и дека дава се од себеси да ја претстави државата во најпозитивно светло. Секако, бескрајно уживајќи во тоа.