вторник, 18. јануари 2022. Вести денес: 111
home Љубов и секс

Како вистински да го преболите поранешниот партнер?

Како вистински да го преболите поранешниот партнер?

Сите имаат некој во животот кого се обидуваат да го заборават. Долга или кратка врска, тежок или лесен крај, раскинувањето им паѓа тешко и на двајцата партнери. И додека некои полесно се справуваат со тоа, вие заглавувате во т.н. емоционален слом и не можете никако да продолжите понатаму. Па наместо најдобар пријател да ви станат самотијата, пуканките и романтичните филмови со среќен крај кои само ќе направат да се чувствувате полошо, послушајте ги следниве неколку совети и дадете си себеси втора шанса.

Исплачете се

Негирањето на емоциите нема да реши ништо. Ако се чувствувате тажно, немојте да ги задржувате солзите. Исплачете ја целата тага која ја носите во себе. Прифаќањето на чувствата е секогаш првиот чекор кон заздравување по раскинувањето.

Прекинете го секој контакт со бившиот партнер

Делува тешко, да. И тешко е – кинете дел од себе, но ова е нешто што морате да го направите. Мора да поставите граници кои колку и да е тешко не смеете да ги преминете. Целосното раскинување е најважниот чекор во процесот на преболување.

Поминувајте што повеќе време со пријателите

Вистинските пријателите се лек за сѐ. Тука се кога треба да ве насмеат, тука се за добро и лошо, тука се кога ви се најпотребни. Потребна ви е нивната поддршка, па немојте да се лишувате од неа. Пополнете го слободното време со личности кои ве сакаат и ви го мислат најдоброто, јавете се на пријателот/ката кој/а го/ја немате слушнато долго време и дозволете си да размислувате на сѐ друго освен на него/неа.

Ослободете се од сите работи кои ви будат спомени

Не ви требаат. Ставете ги во кутија, однесете ги во гаража или фрлете ги и заборавете дека постојат. Дополнителните потсетници на вашата врска само ќе направат да се чувствувате лошо секогаш кога ќе ги видите.

Запишувајте ги мислите и чувствата

Кога ќе ви дојде да ја кренете слушалката и да му/ѝ се јавите, земете молив и лист хартија и наместо да си отворате стари рани, почнете да пишувате сѐ што ви лежи на душа. Искажете се самите на себе. Потоа искинете го листот и фрлете го во канта. Најлошото помина.

Престанете да анализирате и да се преиспитувате

Кога веќе сте раскинале, немојте да се ставате себеси во положба да ја преиспитувате таа одлука. Постои причина зошто врската не опстоила, а сите тие „што ако“ и „можеби ќе беше поинаку ако“ нема да го средат нередот во вашата глава. Не ви се потребни изговори и објаснувања, што поскоро прифатите дека повеќе не сте заедно, толку побрзо ќе го/ја преболите.

Бидете активни

Исчистете ја главата со некоја физичка активност. Ништо не ги растрга мислите како играње еден меч тенис или кошарка со пријателите, трчање на кеј или аеробик. Пасивноста само би ја срушила позитивната енергија која веќе полека, полека ви се враќа.

Искористете ја новостекната слобода

Сега кога имате повеќе слободно време за себе, обидете се да го извлечете максимумот. Прочитајте ја книгата која долго време само фаќа прашина на полицата во вашата соба, зачленете се во организацијата на која претходно немавте доволно време да ѝ се посветите, пронајдете ново хоби и дозволете си да се изгубите во времето правејќи нешто што ве исполнува. Сега конечно можете да надоместите за сите оние работи кои ги пропуштивте додека бевте во врска.

Дајте си себеси простор и време

Преболувањето личност која ја сакаме е долг и болен процес. Не постои магично стапче кое цело сивило ќе го претвори во весели бои. Ќе имате и лоши денови кога ќе ви се чини дека ништо нема смисла и дека не сте се поместиле од место, но немојте да дозволите тоа да ве собори на земја. Посилни сте отколку што мислите. Прифатете ги тие моменти како дел од процесот на заздравување и дајте си го времето кое ви е потребно да заздравите. Ценете се себеси пред сѐ.

Останете сингл некое време

Врските започнати во моменти кога се обидувате повторно да се пронајдете себеси и да преболите некого ретко се врски кои успеваат. Сега искористете го времето за себе, дозволете им на гневот и тагата да си заминат пред да го отворите срцето на некој друг. Не ускратувајте си ја шансата дека можеби токму таа личност која се појавува на крајот на улицата по која сега чекорите, е вистинската.

Овие неколку совети сигурно ќе ви помогнат во намерата да продолжите понатаму со чист ум и срце подготвено повторно да сака. И кога ќе ја пуштат на радио песната што некогаш ја викавте ваша, не плашете се да ја смените фреквенцијата. Кога ќе почнат да навираат спомени, бидете храбри и истуркајте ги од мислите, па на нивно место сместете ги амбициите и целите кои ги имате поставено во животот и најдете начин да си ги остварите соништата. Не дозволувајте жалејќи по нешто што било да ја затворите вратата на нешто што може да биде.

Коронавирус