понеделник, 25. март 2019. Вести денес: 62
home Љубов и секс

Чиста сметка, долга љубов: Направете буџет за 2019 за доброто на врската

Чиста сметка, долга љубов: Направете буџет за 2019 за доброто на врската

Младите брачни парови добиваат најразлични совети кога ќе стапат во брак. „Комуницирајте и кога ви е најтешко“, „Вежбајте заедно и хранете се здраво“, „Патувајте колку што можете повеќе“…

Но, една работа што се чини никој не ја спомнува се парите. Не за џабе постои изреката „Чиста сметка, долга љубов“. И самите знаете дека полесно се спие со платени сметки и полн фрижидер.

Затоа, двојките кои се во брак или живеат заедно, треба да бидат реални и да разговараат отворено за нивните финансии.

Чиста сметка уште на почетокот на годината ќе ви заштеди многу расправии и непроспиени ноќи.

Можеби не звучи најромантично, но финансиите се реален и многу потребен елемент на врската, а тешко е да бидеш романтичен откако сте броеле пари за сметки или со ноќи не сте спиеле размислувајќи дали може да си дозволите одмор од еден викенд или од две недели.

Редовни трошоци

Правењето буџет звучи здодевно и ограничувачки. Ама не мора да биде така. Направете кафе или отворете шише вино и седнете со вашиот партнер за да ги испланирате вашите редовни месечни трошоци. Тука спаѓаат трошоци за домување, за храна, за облека, рати за отплата, месечни членарини…

Откако ќе ја составите листата на трошоци, споредете ја сумата со вашите приходи. Ако имате вишок, тоа е супер, бидејќи значи дека може да тргнете нешто на страна како заштеда за одмор или нешто помало, како членарина за фитнес, на пример.

Ако трошите повеќе отколку што заработувате, треба да ги намалите трошоците, како на пример за готова храна, јадење во ресторани, купување кафе за носење, членарини што не ги користите… можеби ова не ви звучи како големо заштедување, но кога ќе се собере, сумата не е незначителна.

Правењето буџет не е погодување. Ако немате точна претстава за вашите месечни трошоци, ќе треба да потрошите малку повеќе време на овој дел од проектот.

Заштеда

Празниците се најдобро време да видите колку знаете да сте штедливи, не само во изборот на подароци и паметното планирање, туку и дали сте заштедиле пари што нема да мора да излезат од вашата последна плата во годината.

Треба да имате заштеда за непланирани трошоци како поправки во домот или семејни настани (од свршувачки до погреби).

Направете план како најлесно би можеле да штедите – на неделно, двонеделно или месечно ниво. Исто така имајте предвид кога и двајцата земате плата, за да може да ги распоредите давачките во текот на месецот.

Најдете каде ви е дупката во џебот

Некои трошоци се скриени или барем не ги доживуваме како голем трошок.

Вимавајте кога, како и колку купувате храна. Што најчесто ви останува и го фрлате бидејќи се расипало од стоење? Што најчесто користите и е подобро да го купувате на големо?

Ќе ги спомнеме уште еднаш членарините што не ги користите и пеналите што ги плаќате за задоцнето плаќање на сметките.

Постепено научете да правите некои работи сами наместо за сѐ да викате мајстор или да плаќате професионалец (ова важи од маникир до местење полици и фарбање врати).

Ако успеете да ги менаџирате парите во 2019 година како тим, ќе имате многу помалку стрес што значи дека ќе имате повеќе време и енергија за она што е најважно: да се сакате.

Извор: kajgana.mk