недела, 13. јуни 2021. Вести денес: 0
home Комерцијални објави

АСОМ: Строго се почитува забраната за малолетници од законот за игрите на среќа – дистанцата од 500 метри е нелогична и неприфатлива

АСОМ: Строго се почитува забраната за малолетници од законот за игрите на среќа – дистанцата од 500 метри е нелогична и неприфатлива

Претседателот на Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), Вaско Илијевски во денешното гостување во емисијата „Утрински Брифинг“ ги изнесе ставовите на Асоцијацијата во врска со предлог измените на Законот на игрите среќа.

Осврнувајќи се на предложената дистанца од 500м на спортските обложувалници од образовните институции, тој истакна дека доколку се донесе ваков закон, тоа ќе значи крај на легалното приредување на игри на среќа и оставање на улица на повеќе од 3.500 луѓе коишто се директно вработени во спортските обложувалници и повеќе од 8.000 луѓе вработени во целата стопанска гранка.

„Дистанцата од 500м којашто е предвидена е апсолутно нелогична и неприфатлива. По сите анализи коишто ги направивме, тоа значи затворање на повеќе од 98% од деловните објекти што постојат во моментов и автоматски, сите вработени кои моментално работат остануваат без егзистенција, остануваат на улица. Гасење на легалната индустрија на игрите на среќа индиректно го отвора патот на нелегалното обложување, сива економија и црн пазар. “ – предупреди Илијевски.

Анализите кои ги има направено АСОМ покажуваат дека дислокацијата на деловните објекти е практично невозможна, заради структурата на градовите во земјата.

„По сите опсежни анализи кои ги направивме, можност за дислокација нема, што  дефинитвно значи затворање на спортските обложувалници. Ваквиот закон е исклучително контрадикторен бидејќи наводно има за цел да ја унапреди индустријата, да ги заштити играчите и да го зголеми приходот во буџетот, но доколку се затворат објектите, парите од даноците ќе ги снема, државата ќе изгуби некаде, по наши проценки, околу 250 милиони евра на годишно ниво коишто се слеваат во буџетот. Тоа е несфатливо, особено во услови на ваква економска криза во која се наоѓаме. Пред сè, поради Ковид-кризата нормално, стопанството работи со намалени капацитети, се работи со скратено работно време и сето ова ќе придонесе до „економско цунами“ во нашата држава.“ – изјави Илијевски и истакна дека измените на Законот се направени без опсежни анализи бидејќи не може да се затворат објектите, а да се очекуваат поголеми вработувања или поголеми приходи во буџетот на државата.

Во однос забраната за учество на малолетници во игрите на среќа, Илијевски истакна дека постоечкиот закон целосно ја регулира забраната за малолетници и дека законот се спроведува во целост и без компромиси.

„Еден од аргументите којшто се потенцира постојано е дистанцата како превенција од учество на малолетници во игрите на среќа.  Морам да истакнам дека и сегашниот Закон за игри на среќа е одлично срочен, направен е на база на европските закони кадешто стриктно, во член 20 од законот е предвидено забранет влез и учество на малолетници во објектите кадешто се приредуваат игри на среќа. Тоа апсолутно се почитува и се спроведува доследно, на начин што доколку некое лице кое се обидува да влезе во објектот или влегува во објектот делува малолетно, му се бара документ за лична идентификација. Доколку лицето не поседува таков документ, се замолува веднаш да го напушти објектот, така што, апсолутно, малолетници во објектите за игри на среќа, пред сè во обложувалниците нема и немаме потреба да има. “- појасни Илијевски.

Претседателот на АСОМ потсети дека спортските обложувалници беа меѓу првите затворени минатата година со рестриктивни мерки за превенција од Ковид, а сите вработени ги задржале своите работни места.

„Минатата година два месеци бевме затворени. Заврши 2020 година, во моментов се прават анализите да видиме како поминала годината, меѓутоа, морам да потенцирам дека и покрај сите тие потешкотии, помошта што ја даде државата за исплата на плати, успеавме да ги задржиме сите вработени, редовно земаа плати, така што успеавме да ја пребродиме и таа тешка година. Кризата сè уште трае, така што, се надевам дека со добри законски решенија и со добро и квалитетно работење ќе можеме да ја пребродиме и оваа ситуација.“- истакна Илијевски.

На крајот Илијевски заклучи дека и покрај многуте предлози на АСОМ за европски закон доставени до Министерството за финансии и Владата, досега не добиле одговор. Инсистираат на конструктивна дебата, да се соочат аргументите и да се најде соодветно решение во интерес на сите.

ЕУРО 2020

Македонија