сабота, 5. декември 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Зошто Владата ја заборави „спортската дипломатија“?

Зошто Владата ја заборави „спортската дипломатија“?

Велат, спортистите се најголемите амбасадори на една држава. Не само во спортска, туку и во дипломатска смисла. Затоа што спортските резултати и подвизи се најдобриот промотор за една нација, особено за мали нации како нашата – Македонската.

Македонското знаме гордо ги красеше градите на Кире Лазаров кога беше прогласуван за најдобар стрелец на Светските и Европските првенства, а Македонската химна во еден глас ечеше низ грлата на македонските фанови кои го прославија големиот успех на Игор Стефановски – Иџе, кој на фуриозен начин две години со ред успеваше да се искачи на европскиот трон на ридско-брзински патеки.

Ретроспективно, успеси има многу. Уште е актуелна приказната за “стариот лисец”, Андон Дончевски и еден од првите официјални настапи на Македонската фудбалска репрезентација во Белгија, кога и покрај сите притисоци и препреки да не се развиори македонското знаме и да не се интонира македонската химна, на инсистирање на селекторот Дончевски и поставениот ултиматум до УЕФА дека нема да го започнат натпреварот додека не се обезбедат сите неопходни спортски и демократски услови, УЕФА и организаторите си ја поправија грешката, фер-плејот стапи на сцена и натпреварот започна во нормален тек, со интонирање на нашата химна и истакнување на македонското знаме.

Сите се гордеевме со Горан Пандев, кој беше дел од шампионската генерација на Интер и со македонското знаме ја прослави европската шампионска клупска титула.

Огромна е промоцијата која ја прават и нашите истакнати спортски тренери кои работат во странство. Јошко Миленковски е можеби најтрофејниот македонски, не само одбојкарски, туку и спортски тренер, воопшто. Со 28 трофеи во Македонското првенство и голем број успешни настапи со странски екипи на меѓународните натпревари, Миленковски се вбројува во легендите на Македонската одбојка и македонскиот спорт, воопшто.

Огромен успех имаме и во спортскиот менаџмент и спортската арбитража, особено во ракометот. Драган Начевски веќе неколку години е претседател на судиската комисија во Европската ракометна федерација (ЕХФ), а судиското дуо Начевски – Николов оваа година го судеа финалето на Европското првенство во ракомет.

Видни се резултатите и на најдобриот македонски одбојкар, Никола Ѓорѓиев на меѓународната клупска и репрезентативна сцена, а сеуште се свежи сеќавањата од историското 4-то место на македонските кошаркари на ЕП во Полска.

Најеклатантен пример за постигнување на невозможното и впишување во спортската историја се ракометарите на Вардар и освојувањето на двете европски круни, од кои онаа последната од 2019 година беше како од сценарио на Холивудски филм. И покрај сите финансиски перипетии во текот на целата сезона, Вардарците успеаја да ја покорат ракометна Европа и со златни букви да го запишат Македонскиот ракометен бренд во аналите на Европскиот клупски ракомет.

Големи успеси имавме и во индивидуалните спортови. Каратистите, таеквондистите, кајакарите, скијачите, борачите и сите останати со своите настапи и успеси ја промовираат Македонија, не само во спортска, туку и во државничка и сеопшта смисла.

Долга е листата на спортистите и спортските работници кои оставиле траен белег во македонскиот спорт, но и со своето делување сеуште проактивно ја промовираат нашата земја.

И не случајно ги наведувам сите овие наши спортски легенди. Тие се наши вистински спортски амбасадори. Но, не сум сигурен колку од јавноста, па дури и од спортската јавност знае дека, Република Македонија и формално – правно има свои “Спортски амбасадори”. Во 2015 година, на иницијатива на Агенцијата за млади и спорт се измени Законот за спортот и се востанови титулата “Спортски Амбасадор”.

Согласно член 26-а од Законот за спортот, “Владата на Република Македонија, по предлог на функционерот кој раководи соорганот на државната управа надлежен за работите од областа на спортот, наспортисти, тренери и истакнати и афирмирани личности од доменот на спортоткои се државјани на Република Македонија и со своето дејствување во странствозначајно придонесуваат за презентирање на спортот на Република Македонија восветот, им доделува титула Амбасадор на спортот на Република Македонија, сонивна согласност”.

Во ставот 2, од истиот член се вели: “Владата на Република Македонија на носителите на титулата Амбасадор наспортот на Република Македонија свечено им доделува плакета. ТитулатаАмбасадор на спортот на Република Македонија е почесна и без париченнадоместок”. Законот предвидува дека доколку за активностите на амбасадорите на спортот се потребни финансиски средства за промоција на спортот на Република Македонија, истите сеобезбедуваат во согласност и соработка со соодветната амбасада на РепубликаМакедонија и од средства предвидени во Буџетот на Република Македонија за таанамена, во тековната година.

Првите носители на титулата спортски амбасадори беа Андон Дончевски, Кире Лазаров, Јошко Миленковски и Агим Ибраими. На крајот од 2015, односно на почетокот од 2016 година, овие наши еминентни спортисти и спортски работници, не само што добија свечени плакети од Премиерот, туку и дипломатски пасоши, како еден вид бенефиција за полесно обавување на оваа почесна функција.

И се ќе беше во ред, доколку Владата предводена од СДСМ продолжеше да ја применува оваа убава пракса и законска можност. За државата ваквиот потег, од финансиски, материјален и организациски аспект, не значи ништо, но за нашите спортски амбасадори значи голема чест и привилегија.

Трагедијата да биде уште поголема, јас сум убеден дека нашите спортисти кои нè претставуваат насекаде низ светот имаат поголем дипломатски и човечки капацитет од поголемиот дел “политички профилирани и професионални дипломати” од Министерството за надворешни работи.

Горан Пандев, Драган Начевски, Никола Ѓорѓиев, Ѓоко Хаџиевски, Славе Николов и Ѓорѓи Начевски се само мал дел од листата на врвни македонски спортски репрезенти кои во овој момент заслужуваат да ја добијат оваа титула.

Спортските успеси се нижат, а деновите на оваа власт се одбројани.

За многу кратко време, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати на вистински пат спортската дипломатија и со низа мерки ќе придонесе за развој на врвниот спорт.

 

Марјан Спасески

(авторот е поранешен директор на АМС)

Коронавирус