петок, 26. ноември 2021. Вести денес: 152
home Колумни

„Злото“ кое ги засени „Прогресивните“

„Злото“ кое ги засени „Прогресивните“

Ироничен наслов за прошталните говори на Премиерот во заминување (така тој најави, го држиме за збор, иако никогаш до сега не останал на истиот) и Градоначалникот на Скопје во заминување.

Имено, впечатокот е дека и двајцата ништо не научиле, ниту сфатиле. Дури и кога глумат жртви, и се влезени во Калимеро филм, очигледно или ништо не гледаат или се заслепени од магијата на моќта и власта. Никако поинаку не можам да сфатам дека мнозинството на својот народ да го нарекуваат зло, ретроградни, фашисти, режим и што ли да е.

Како да не сакаат да сфатат, дека моќта која ја имаа бледнее, а омразата која токму тие ја ширеа, веќе не проаѓа. Груевски не е премиер речиси 6 години. Да го плашиш народот со него, знаејќи дека повеќе од 3 години е во странство, е смешно и навредливо. Да имаш еден куп скандали, каде кривците се казнуваат благо или формално, да еден куп луѓе драконски ги судиш, да чуваш противправно до бесконечност луѓе во притвор, а осудени лица да седат дома, е така, драги мои, не оди!

Разберете, поддршка нема кога се лаже и кога не се работи. А актуелната власт тоа го доведе до ниво на религија, лажењето. Градоначалниците го надградија со неработење. Не верувам дека имаа и 50 посто реализација, некои, кога беа капиталните проекти, ниту 5 посто од тоа што го ветија. Претходните неколку гласачки циклуси, народот се навикна нивните проблеми да бидат решавани, изминатите 4 години  ретко која општина имаше таква локална власт. За волја на вистината, токму дел од тие кои работеа, власта ги смени со нови, а токму оние кои малку сработија или оние кои се конфронтираа со народот за одредени теми, добија шанса за втор мандат (Смилевски и Темелковски во Скопје).

Се уште не можам да го сфатам Шилегов. Таков чалам, таква ароганција, безобразлук, такво потценување на народот и надменост, јас не паметам. Се сеќавам и на Николовски, и тандемот Кекеновски и Фуфо, и Пенов, Костовски, Трајановски, ниту еден од нив не покажувал чалам и ароганција, ниту пак некого некогаш нападнал. Шилегов отстрануваше споменици, фати да руши галија (потсетување на оние кои мислат дека истите се градени со јавни пари, тоа беа приватни инвестиции, кои плус плаќаа кирија за просторот), се закануваше дека ќе ги отстрани спомениците и бистите на великаните на Македонија од плоштадот и околината, немаше доблест да признае дека најголем дел од проектите се продолжение на она што Коце Трајановски го започна како визија за Скопје, и реши да менува цел транспортен систем по негова визија, а без широка јавна расправа и спротивставување на тези. Надмено, дрско, арогантно.

Ја продаде и Градската куќа, не била доволно во Центар, иако беше спроти Влада, на 200 метри од плоштадот. Беше спремен да купи некоја стара зграда, по негов избор. Се што направиле претходниците беше минорно и неважно, тој беше врвниот гениј од Бога даден да не води. Очигледно додека не почна кампањата не беше свесен ни самиот дека огромен број од народот едноставно го мрази. Тоа обично се случува кога ќе се опкружите премногу со соработници кои ви велат: „Шефе најдобар си и најубав!“. Затоа, толку од него, се спасивме.

Ајде малку анализа за хероите на овие избори. Јас лично имам двајца такви херои, кои за жал беа поразени. Едниот е доктор Александар Јовановски во Кичево, и стоматологот Беким Сали во Чаир. Иако на овие избори беа поразени, јас сум убеден дека за 4 години, токму тие ќе бидат новите градоначалници на Кичево и Чаир. Пропуштена е можноста да се изберат кадри кои ќе направат значајна промена во тие средини, за жал токму тука се покажа правилото кое вели дека оние кои се на власт, се во стартна предност.

Интересен е феноменот на кандидати како Стевчо Јакимовски и Максим Димитриевски кои покажаа дека сепак дека рејтингот меѓу народот, неретко е побитен од партискиот грб и сила.

Феномен е и Јовица Илиевски во Брвеница, општина каде Македонците се малцинство, и каде три мандати градоначалник бил Енвер Пајазити. Очигледно жителите на Брвеница се оттргнаа од гласање по етнички стеги и избраа по сопствено убедување, подобра опција.

Што да се каже како своевиден сублимат на овие избори? Победи народот, во најголем дел од државата. Во некои помали општини очигледно се уште се вршат притисоци и има страв од локални шерифи, се дели поткуп и уценуваат договорците и вработените во јавна и државна служба. Некаде кандидатите на власта загубија во бранот на опозциска поддршка, нека веројатно и нешто сработија за да добијат нов мандат.

Ова пред се беше глас за нова локална власт, но и огромен шамар за Зоран Заев и неговите погубни деструктивни политики. Тој повторно го врати оној стил од 90тите кога политичарите едно зборуваат друго правеа. Народот е уморен од лаги и лажн ветувања, уморен е од морони и полтрони на ударни функции, уморен е од фингирани и монтирани процеси, од заташкување и релативизирање, едноставно, уморен е од претворањето на државата во сервис на партиите на власт, и место каде се складираат неспособни и непродуктивни фаци на товар на системот. Уморен е од спорите услуги, од селективноста, уморен е најмногу од предавството поврзано со името, идентитетот, преименувањето на институции, менувањето на историјата.

Едноставно, му е доста, крај!

И да, вие не сте програсивни, вие сте напротив тие кои се ретроградни. Злото го гледате пред вас, но не сфаќате дека гледате пред себе во огледало!

Да се надеваме дека наскоро ќе дојде до целосен ресет, и на централно ниво, и дека ќе престанеме да се караме, и етнички, и верски, и партиски, и дека ќе дојдат луѓе кои ќе воведат ред и поредок. Тоа е тоа што ни треба!

 

Александар Ристевски

Коронавирус