четврток, 24. септември 2020. Вести денес: 74
home Колумни

Здравјето на граѓаните е поважно од власта

Здравјето на граѓаните е поважно од власта

Почитувани браќа и сестри,

Во последните неколку денови, сведоци сме на крајно несериозно и неодговорно однесување на власта во врска со актуелната пандемија со Ковид 19 вирусот. Максимално се сконцентрирани да ја убедат јавноста дека е стасано времето да одиме на избори и тоа што е можно побрзо, по можност за околу еден месец т.е. во јуни. Јас како професионалец со триесет годишно клиничко искуство во здравството мислам дека предложениот парламентарен маскенбал ќе биде играње руски рулет со здравјето и животите на граѓаните на нашата напатена мајка Македонија.

Додека големите, силни, добро организирани држави кои имаат развиен и моќен здравствен систем (Франција, Шпанија и др) ја продолжуваат вонредната состојба, во полза на здравјето и животите на нивните граѓани, нашите властодршци во овие тешки времиња мислат само на тоа како повторно преку набрзина организирани и спроведени избори, со мала излезност,  да пробаат да ја задржат власта, спротивно на волјата на мнозинството граѓани.

Што друго и да мислам кога следејќи ја состојбата со корона пандемијата во светот и во опкружувањето читам дека соседна Србија за еден ден направила безмалку околу 5000 тестови, од кои само педесетина се позитивни (околу 1,1 %), кај нас вчера се направени 332 тестирања од кои 33 се позитивни (10 %). Ако во Словенија и Хрватска на дневна основа речиси и да нема новозаболени, кај нас секој ден броиме по 10 % новозаболени од вкупниот број тестирани и процентот на починати се искачи над 5 % од вкупниот број на инфицирани што во споредба со соседните земји (Србија, околу 2 %) е голема разлика.

И, драги мои, ние во вакви услови сме секојдневено изложени на притисок и неаргументирано убедување дека сега е најдоброто време за организирање на парламентарни избори. Истото е поткрепено со заплашување за некаков нов бран на епидемијата кој ќе се случел наесен и сл.

Се надевам дека ќе преовлада разумот и дека одговорните во државата ќе ги имаат во предвид сите можни последици кои би настанале ако сега кога се уште не сме излегле од оваа криза дозволат да се организираат избори на кои можеби ќе добиеме нова власт, ама ќе ризикуваме да ни се повтори хоророт од последните два месеци во кои живееме во страв за нашето и здравјето и животите на нашите најблиски.

Д-р Андон Чибишев

Коронавирус