понеделник, 21. јуни 2021. Вести денес: 0
home Колумни

Закон за гледање бугарска ТВ

Закон за гледање бугарска ТВ

Делириум. Екстаза. Македонија падна во силен, невиден транс. Ерупција на задоволство ја заплисна државата која властодршците ја преименуваа во „нашата“. Со „службен“ јазик, разбира се. Е во таа, „ваша“ земја, а наша Македонија се случи чудо, абе врв на преговарачката уметност, акт кој ќе влезе во светските учебници за водење преговори. Ваква преговарачка придобивка светот до 03.02.2021-та година не видел.

Датум кој со златни букви ќе остане запишан во глобалните медијаторски анали.

И така, Бучко влезе во историјата. Онаа што дилајлите толку сакаат да ја сменат.

Не е шега, во 21.век да донесеш телевизија. Туууу!  Башка национална, башка бугарска. Гарант и Буч го спремаат за некоја Нобелова награда, по урнекот на лидерот му Црпко. Биле во дилема, дали за мир или Нобелова за наука. Сепак, телевизија донел, алооо!

А Бучко и понатаму да ти бил во филмот на СЈО. Ок, Катица ја осудија де, а нему му „застари“ делото. Ама и тоа беше на фамозното „Т“, ко сите предмети на Јанева. Тој и натаму тера на истата буква. По ТЕНКОВСКИ ДЕЛОВИ за бугарски тенкови, сега ни донесе и ТЕЛЕВИЗИЈА од истата таа Бугарија. Не ни кажаа само, дали и таа ТВ ќе не чини два милиони евра или „само“ една историја, јазик, светци и херои.

Во умот на среброљупците од јатото на Заевци, така гарант и поевтино би поминале. Нивниот аспект го знаете. Евро-аспект. Не, не европски, туку од гледна точка на ЕВРО како валута. Ако не верувате, прашајте го  вицето. Црквата и не мора…

И сега? Што сега? Станавме браќа со тоа што ние ќе го гледаме Каракачанов во живо, а тие ќе можат од прва рака да се смејат на гафовите и глупостите на Зоки Корисниот?

И така, додека Македонија паѓаше во тежок транс од невидената и најпатетична придобивка од преговорите на Заевиот најспецијален пратеник, на Македонците им се наметна друга дилема. На Северџаните не им се наметна. Тие не размислуваат многу-многу. За нив има кој да мисли, нели…

Дилемата беше: По размената на телевизии, БНТ кај нас, МРТ кај нив, што е следно за размена?

Еурека! Ќе си ги размениме историите, светците и хероите. Или поверојатно, ниетот е да си ги споиме. Еден народ, една историја, една телевизија. Може и ќе гледаме некоај БНМТВ за некоја година. Заев и се’ е можно…

Имаќи предвид со кого си имаме работа, не ме чуди со собраниски указ и европско знаменце да изгласаат „Бучков закон за гледање бугарска ТВ“ и да ни наложат минимум 2 часа гледање БНТ. За Македонците, другите не мора, ко и се’ во најпозитивно дискриминаторската држава која одамна е се’ само не македонска.

Денеска е лесно, ќе проверат преку кабелските и-оп!

Ахаааа, денеска не сте гледале БНТ и не сте ја исполниле бугарската норма? Оп, дваесче! Или опционално, три пати јавно да кажеш северна…

Ви звучи аланфордовски? Не. Со вакви неспособни и малоумни дилајли, се’ е можно. Докажано. Да…

 

Максимата која ги води вели: Подобро е да испаднеш глупсон и будала, отколку од автобус на кривина…

ЕУРО 2020

Македонија