сабота, 10. април 2021. Вести денес: 86
home Колумни

Заевото Потемкиново село

Заевото Потемкиново село

Македoнија силно се стресе. Не, не беше земјотрес. Јок. Тоа беше ефект на потресот кога силниот властодржец Заев трасна на маса и покажа дека има уште посилно мнозинство! Абе права северна армада. Цврсти се како карпа, топ не ги бие, оркан не ги поместува од северните им планови. Да, ова е зацементирана влада, за век и веков, предочи црпнатото чедо со самобарањето за доверба.

И би ДОВЕРБА! Цели 62-ца потрчковци се собраа и ги дигнаа рачињата кон север. Катарза, еуфорија завладеа во редовите владејачки, сите Зокиевото име со елан синхронизирано го извикуваа.  Каков моќен северен лидер беше тоа, абе џин, макар и црпнат од нива де.

Ок, немаат гајле, тие северњаците си знаат и по две рачиња да дигаат за да надополнат „мањак“, ви текнува на гласањето на Таљо храбриот на 27 април 2017-та? И побрзаа гавазите и загарите медиумски да ја пофалат силата Заева, небаре 102 пратеника имаше собрано муртинскиот алаш-вериш бизнисмен. Абе вистински Супермен, јали Муртинмен беше. Па фалби, па хвалоспеви, цела епопеја срочија за невидената, нова победа врз „режимот“ на храбриот северен јунак. Хомер се засрами од талентот на подлизурковците неписмени. Па скокнаа и то министрите и сите чеда Заеви создадени по ликот и неделото на лидерот им непрокопсан. Па Царевци, па Николовци и дузина други полтрончиња попушија за сите пари, море и повеќе, па браво претседателе, свака част џину северен, поклон на титанот црпнат, па што ли не, небаре Минотаур го победи јунакот им муртински…

Само, имате слабост, множина. Не, не е Ахилова пета. Зоки носи железни опинци, нели. Сценариото ви е слабоста, тапа ви е, за греота сте, дилајли. Се гледа дека од моментот кога некој престана да ви ги пишува сценаријата, квалитетот драстично ви опадна. Прво со евтината драмолетка со Мијалков, сега ова со довербава патетична. Премногу дупки имате во дејствијата, кое од кое за Златна малинка ви е, Ш категорија, на Боливуд вода да му носите…

Да, ова беше само еден беден обид за создавање Потемкиново село во 2021-та година, во Македонија (таа северната можете да си ја набиете знаете каде), цели два и пол века по селата на кнез Потемкин. Иако, дури и тие биле посаглам од Заевкиновите села.

Свикаа слепо и сакато, едвај се собраа 62-ца, саде еден повеќе од минималниот 61 и со фанфари се испофалија дека имале мнозинство?! И сега, што? Медаља да ви дадеме? Дали сте бре нормални на што го трошите времето?

Не сте на власт за да со евтини финти докажувате дека сте биле „цели“ 62-ца и дека сте многу јаки!

На власт сте за да донесете вакцини и да пелцувате население, не да бидеме шампиони во смртност. На власт сте за да обезбедите економска сигурност на овој народ, не да се задолжувате ко Грчка. На власт сте за да донесете некоја инвестиција, не да ви бегаат гледајќи со кого си имат работа. На власт сте за да се борите со корупција и со криминалци. На власт сте за да им обезбедите иднина на овие деца, да не бегаат од државата ко ѓавол од темјан поради невидената партизација на целото општество каде битна е книшката, а не квалитетот. На власт сте за да обезбедите чист воздух, барем.

На власт сте за да ги штитите националните интереси на ова земја и нација, не да ми носите бугарски телевизии во 21. век и да назначувате криминогени специјални претставници кои тресат зелени повраќаници.

И знаете што, колку и да 4 години го градите тоа Заевкиновото село, Заевистан ли, џабе ви е, се распаѓа со секој час и минута. Темелите ви се крш, а основата ви тоне секој Божји ден се подлабоко и подлабоко. А фасадите на Заевкиновото село ви се слаби, од хартија небаре, оние стиропорните кои ги плукавте за вашите се небаре армирани.

Купивте три месеци, а? Ќе минат и тие. Ќе ве истрпиме, премногу е силна прикаската македонска за да ја уништите, бадијала ви фејк попис, квазиобразовни реформи, ни короната нема да не умре сите, нема ни сите да се иселат де…

Само, да не ве лаже умот оваа глупост со „довербата“ да е лажен ветер во грб за нови антинационални авантури со Бугарија. Се’ си има мерка, подалеку со тоа лепливите рачиња од историјата и националните херои и светии.

Знаете добро дека вие и вашата власт, исто како Потемкиновото село, сте само обична метафора на нешто што постои само имагинарно. Исти ко Северна. Ветер и магла…

 

П.С.

А, ако сакате да дознаете посигурно кога ќе траснете, прашајте ја Баба Ванѓа Заев, лидерот ви. Оној што знае какви пресуди ќе се донесат за „Титаник“. Ќе ви каже и кога, како и колку силно ќе траснете и каде и колку ќе си лежите. Знае пророкот пуст…

Коронавирус