среда, 16. јуни 2021. Вести денес: 131
home Колумни

Заевото ново руво

Заевото ново руво

Добро ја знаете прикаска „Царевото ново руво“ и соголувањето на и онака голиот цар. Епа, скоро два века по објавата на Андерсен, македонскиот репринот е малку видозменет и гласи „Заевото ново руво“.  Ок, ова не е цар, туку стопан на една северџанска банда интересчии. Има и разлика со царот на Ханс Кристијан, тој бил само гол. Овој лик е и бос, на секое поле. Башка и црпнат…

И замисли, нашето дете кое ја разголило целата банда е многу поумно од она во прикаската. Нека пукнат од мака комуњарските ксенофили возљубени во странското. Оти, кај СДСССС пали само муабетот – „од кал да е, странско да е.“ Е, ова е наше. И прави растур математика. И се вика Дамјан. Во превод „оној кој скротува“, тоа му значи името. Епа, не бадијала. Овој нашиот ја скроти математиката. Арно ама, тоа не „пали“ кај комуњарите, кај нив треба да си разгалено и распрдено министерско или функционерско дете, „лежи лебу да те јадам“ и „мама меси, тато носи“ калибар за да добиеш награда од државата. Знаењето и талентот не значат ништо, ама затоа, за министерските лигуши и 40.000 долари се малку…

Уште една разлика со приказната на Андерсен. Во нашата реалност, преумното дете не мораше ни да викне „Стопанот ви е гол.“ И без тоа, со самиот шапшал-потег на Царовци, се виде дека целата Влада е гола и боса. Од авион…

А дека  стопанот им е угол-гол, потврди и една странска институција. Се вика Транспаренси интернешнл. Е, таа покажа дека целата влада е гола, до кожа. Целосно, абе тотално ги разголе демагошките лажги и популистички им акти за фејк-борба со корупцијата. А знаат пустите Заевци, знаат како да се борат со неа. Кој подобро знае за криминалот од самиот криминалец. Ама неќат пустите, премногу им лепат рачињата, башка алчни се ко да нема да има утре да крадат и распродаваат. И види чудно ми чудо, Заевци да ти биле дупло покорумпирани од најкаљаните времиња на „режимот“, кој постоеше само во нивните празни глави…

И така, Транспаренси им плесна во фаца, а Заевци им возвратија со пресуда за демек клевета на Фени. Цццццц, колку комуњарски и трас-трас промуќурно, уште повеќе евтино. Само, се зезнааа. Многу. Ова не беше локален гранап, ова беше светска организација, која ги испердаши  ко мали деца. Па плачеа, а Љупче Кривопаланечки беше на баци рака кај Тасева, гарант и Зоки кмичел по телефон. Упс! Статива…

Неспособноста, сепак, најдобро ја разголија вакцините. Да, оние што ги нема ни за лек, па Македонците одат да се вакцинираат кај Србите. Оние со режимот на Вучиќ, да, да, кај тој што го плукаа до завчера. И на крај, кинески вакцини Филипчовци купија, оние што Зоки Муртинхаузен мислел дека не смее поради НАТО и ЕУ. Истите од кои Рада Пелинска милозливата не спаси за да не бидеме заморчиња. Ајт таму…

Ние добро знаеме кои се, што се, зошто се и уште подобро за каде се. Ама добро е тоа да го спознаат и милуваните им странци. А дознаваат. Пред „Транспаренси интернешнл“, „Франс Прес“ не прогласи за светски корона шампиони по смртност, „Економист“ за рекордери по одлив на млади мозоци, „Галуп“ за прваци во категоријата најнесреќна нација, „Еуростат“ ни додели бронзена медаља за сиромаштија, а „Фридом Хаус“ заедно со „Економист“ констатираа башка хибриден, башка режим, а американскот „Списание за демократија“ не смести во тоталитарните. Западните ветришта се добар индикатор дека некому му паѓа цената, а со тоа и поддршката. Тоа, пак, значи дека мириса на нечиј крај. Ок, смрди де…

А по сведоштвото на госпоѓата од „Топлик“ дека ЗЗ и се заканувал ако не сведочи ко што тој посакува, се појасно е дека „Царевото ново руво“ нема да биде измислено ко Андерсеновото. Царевите „кројачи“, овојпат имаат друга задача. Само, најпрво, треба да му скројат како ќе трасне, а после и дизајнче и се друго што „следуе“…

Аха, изворите велат дека „Заевото ново руво“ ќе било со штрафти, најнова мода за сезоната 2021/22. Колекција есен-зима, ама ќе врвит и за пролет-лето, за везден…

 

ЕУРО 2020

Македонија