четврток, 21. јануари 2021. Вести денес: 158
home Колумни

Заевиот квантен скок во рикверц

Заевиот квантен скок во рикверц

Од 2020-та, годината на квантен антинационален скок, Зајко така жустро прерипа во 2021 –та, година на квантен антимакедонски и антиправославен скок. Ама во стилот на Зокија, во РИКВЕРЦ.  А пустиот лажго најави наводен демагошки квантен економски скок. Епа, толку му држи зборот де, ден-ден ипол. Добро, за да Македонија се врати во рикверц, во темните години на раното христијанство помогна и теологот му Оливер, кој со временска машина не врати мнооогу векови назад, црни времиња кога властите ги прогонуваа и затвораа христијаните. Го видовте тоа и кај нас, во Орман каде полиција апсеше Македонци, а верувале или не пожарникари гаснеа бадникарски огнови. Колку и да ламентира црквата дека биле пагански, ние како народ си знаеме, тоа е традиција на овие простори, наша и православна, која ниедна друга верска заедница не ја практикува, чин со кој народ и комшилук се сплотува.  Слават Македонци, Срби, Власи… Уште погрдо, ова се случува во исто време кога Али и компанија во паралелната влада прави родендени во затворен простор, а полиција апси православци надвор на огнови и им ги гасне?! Алоооо, до каде забегаа Заевци и нивниот Северистан?

Арно ама, не е се така црно, па Артан Нежниот се извини за журката, ќе ги сноселе последиците. Аууу, се потресовте и растреперивте, нели? Ќе ги казнат со 20 евра, за греота, не ќе можат месецот да го истераат…

Сепак, она што навистина ги мачи Македонците е дали во годината во која коледарчињата поради короната беа реткост, муртинскиот далаверџија повторно спрема нова ујдурма. Од искуство, ама црно… Муабетот за некаков си квантен скок во упропастената економија која со своите несособни владини дилајли ја доведе до бездна, ја поврзуваме со неговиот „на ти го, дај ми го“ претприемачки алаш-вериш принцип. Преводот би бил едноставен – тој на Бугарите се’ што не треба, тие нему датум за ЕУ. А Зоки НИВНИ на кого сите „останати“ се КИВНИ, оди ОЛ ИН, па ќе даде се’, тука сомнеж никогаш и немало. Прашајте го Али, или Бојко, Ципрас ли…

Не дека нешто ќе значи тој датум, по кој „добрите“ соседи ќе можат да не блокираат уште мал милион пати, но на североидните чеда ќе им послужи за да мафтаат со него, да дефокусираат од реалните проблеми и неработата сопствена, да се фаљотат по подлизурковските им медиуми и нВО-а, да дигаат џева дека као демек нешто направиле. Ко со НАТО, небаре тие не внесоа, а не некој посака да не внесе, макар и насила и со сменето име…

Не се сомневаме во далаверџиските манири на докажаниот преварант кој, за да ја заддржи фотелјата сурушка, на Алија и компанија им даде приватна Влада ко простор за журки и родендени. Ту-ту-ту, ги почастил 20 милиони евра среде ковид криза. Па таму ќе се работи. А веќе се слави, ама на големо. И по најтешката и добро сработена работа, толку битна за државата ни, чествувањето „хепи брдеј“ на лидерот им, велат дека следна активност на владата на Арти ќе бил сунет на внук на педагогот им возљубен во УЧК. Во овие скапи, нови простории ќе се вселеле сите рамковно вработени, кои со години млатат плата, а не клатат ни врата. Е сега, за истите тие пари, ќе ги клателе вратите за родендени, сунети, бајрами, свадби, рамазани. И толку. Епа, ете ви 300% до 500% зголемена ефективност на имагинарната рамковна администрација. Ви текнува на вицот од комунизмот со возот, сатира во која работниците по „нареѓење“ ги нишаат вагоните за да се добие впечаток дека се движи. Епа, ова да ти било исто…

Немало да има избори на пролет, извика Зоки Корисниот, оти зборот бил збор?! Ко што зборот беше дека само 2.000 ќе заболат од Ковид-19, ко што дома си беше дома во Германија, ко што донесоа датум пред 2,5 години, ко што скокнаа плати, пензии, ко што ги вратија младите, ко што го заштитија идентитетот и јазикот со северната глупоштија, ко што немаше да смени име на државата, ко што немаше да чепка во Уставот, ко што победијa нa Референдумот, ко што нема да сменат насила историја со „реформската“ формула на Царовска, ко што донесоа живот и уште илјада други лаги, далавери и невистини. Ама ти е зборов Зоране, цврст ко пивтија, стабилен ко ставот што го менуваш за час-час и половина…

Прво, ти не се прашуваш дали ќе има избори. Чалам со 62 бедни пратеника е пусто безобразие. Факт е дека ние многу добро си знаеме дека сте најнеспособните дилајли на секое поле, ама тоа веќе се гледа и од авион. Го гледа и светот. Одамна, вашиот дилајлизам е единствената вештачка човечка творба видлива од вселената, покрај Кинескиот ѕид. А Муртинхаузен чаламски фрла чифтиња во исто време кога „Франс Прес“ не прогласи за светски корона „шампиони“ по смртност, „Економист“ за рекордери по одлив на млади мозоци, „Галуп“ за прваци во категоријата најнесреќна нација, „Еуростат“ ни додели бронзена медаља за сиромаштија, а „Фридом Хаус“ констатираше башка хибриден, башка режим. Да, да беше ВМРО на власт, триесет кампа пред влада ќе никнеа и „Бела чао“ ќе пееја. Ама не е. Арно ама, овенчани со овие „успеси“ на сите полиња, на страна и ниви, шуми и ливади, ни вашите ментори не пијат нафта и немаат ќар од корисни идиоти кои се повеќе идиоти од корисни. Судбината на кондомите ја знаеме сите…

А за тоа дали ќе има или не предвремени избори се прашува народот, оној кој вчера го затвораа заради прослава на Бадник, кому му гасеа огнови со противпожарни возила, народот кој го бојкотираше Референдумот за името, но и истиот тој кој треба да сфати дека има време за бојкот и време за АКЦИЈА. Време за зборување, четување и штракање по соц-мрежи и време за дејствување, на улица и на избори…

Можеби грешам, ама се’ нешто ми оди на ум дека на 1 јануари 2022-та, ЗЗ нема властелински да КАЧУВА планини со квадови од 30 илјади евра како на 1-ви 2021-та, туку во опозиција бесплатно ќе СИМНУВА поглед од срам од минувачите. Други велат дека, сепак, пак ќе качува, но овојпат само ќе сонува како искачува. Еден ѕид во една скопска институција…

2021.година има единица во себе, симбол на нов почеток. А рестарт ни треба, ама под итно…

Првиот чекор во новиот почеток е да решите дека нема да останете онаму каде што сте. Велат и дека ќе дојде време кога ќе мислите дека се е готово, дека е крај и дека токму тоа ќе биде почетокот. Мислам дека токму тоа време е дојдено. Вие? Лао Цу, пак, вели дека она што гасеницата го нарекува крај, остатокот на светот го нарекува пеперутка.

А факт е и дека утрото, па и она македонското, мора да дојде. Логично.

Зората нема друг избор. Доаѓа по ноќта. А немаме ниту ние…

Коронавирус