среда, 26. февруари 2020. Вести денес: 0
home Колумни

Задолжение за функционери

Задолжение за функционери

Задолжението за функционерите на СДСМ од Шефот на централниот изборен штаб делуваше како добар виц и цела недела служеше за потсмев на социјалните мрежи. Но ако подлабоко се навлезе во суштината на тоа задолжение, може да се извлече заклучок дека тие се сериозно загрижени. Се ближат избори, немаат никаков резултат, животниот стандард на граѓаните е сериозно паднат, а тие имаат многу повеќе слики по кафеани и со Боки 13 отколку од официјални настани, од областа на економијата, инфраструктурата, правосудството, здравството и др.

Интересно е што тие тоа го забележале, и сега сакаат на само три месеци пред изборите да го поправат, играјќи на картата на кратко паметење на народот. Самиот Шеф на изборниот штаб Љупчо Николовски е познат како “мераклија” за ноќни клубови, па едно време можеа да се видат фотографии од неговите посети на популарниот клуб “Лофт”, каде што со друштво до раните утрински часови пиеја скапи алкохолни пијалоци. За жал или за среќа паметењето на граѓаните не е толку кратко, па ваквите задолженија и другите предизборни трикови, нема да ги спасат. Можат само да ги однесат  на уште покрив пат, од тој по кој што тргнале.

Не треба да се заборават секако и 30 прашања со 30 одговори, во кои, бидејќи се спротивни на правилата на политички маркетинг, каде што пораката треба да биде кратка и политичка, сите треба да слушаат прво кој што преферира за појадок, а никој нема време да слушне што направил испитаникот во својот мандат. Ако некој сака да утврди како не треба да се прави политички маркетинг, треба да ја прочита брошурата на Коста Петров. Секако прашањата многу лесно се превртуваа па се правеа комични, а се снимаа и од други автори во форма на гротеска. Некогаш гротеската беше поинтересна и од “оригиналите”.

Не дека некој ќе го почитува задолжението, сигурно ќе излезат уште многу смешни задолженија до изборите, кои се даваат на деца до деветто одделение, но позадината е друга. Да се прикрие или да се сокрие, целосната неспособност на владата. Дали се работи за распродажба на националните интереси, каде што слушнавме на аудио снимка “Е… името е…”, па излегува дека името е помалку важно и од “жицата на гитара”, или за идентитетот, историјата, културата и образованието, за кои политичарот  претходно мора да е добро подготвен за да може да преговара. Мора да има тим и да има национален консензус. Треба да ја знаете внатрешно-политичката ситуација во Бугарија, каде што паријата ГЕРБ прави коалиција за формирање на влада со националистички партии, кои добиваат гласови исклучиво преку таква политика. Во тој случај, треба да бидете внимателни што ќе ставите во договорот за добрососедски односи со таа држава, затоа што сега состојбата помеѓу двете држави е полоша, отколку пред потпишување на договорот и тие се закануваат дека нема да не подржат за добивање на датум за преговори. Уште полоша е состојбата со Преспанскиот договор, според кој не постои македонска нација, па сега според поранешниот премиер Зоран Заев сме “мултиетнички народ”, нешто што не постои во светот. Лесно е за некој европски политичар да каже дека Преспанскиот договор бил добар, но дали го прочитал договорот, и како ќе се извадиме од небулозните одредби во него кои се спротивни на меѓународното право.

Само да го спомнам неуспешниот референдум и насилното менување на Уставот. Последниве, пред се го згазија владеењето на правото и правна држава, го уништија целосно и така растуреното правосудство. Ценкањето со пратениците, да гласаат за нешто што не е уставно, ниту законски, го нема никаде во светот, ниту во авторитарните режими, иако ние официјално сме на листата на таквите, а една од причините е и таквото постапување, покрај мотивираните или нарачаните судски процеси во политички цели.

Најтрагично е прикривање на докази за да не излезат на површина криминалите на власта и одолговлекување на тие постапки, за да се заборават. Но тие не само што не се забораваат туку се прошируваат и излегуваат нови. Па Рекет 1 се прошири со рекет 2, сега веќе има Рекет 3 веројатно ќе се проширува во недоглед, бидејќи криминогениот ментален склоп отишол предалеку. Зошто ментален склоп, затоа што во соработка со криминалното СЈО, уште пред доаѓањето на власт се направил план за рекетирање на бизнисмени, кој почнал да се реализира во Септември 2017 година.Тоа е спротивно на било каква економска логика бидејќи секој бизнис се прави поради остварување на профит, а со Рекет се одзема целокупниот профит, па и повеќе од тоа. Во овие три години се случува незапаметена корупција од осамостојувањето па до денес.

Но економијата никогаш не била силна страна за оваа власт. Ништо од 500 евра просечна плата иако се е поскапено повеќе пати, па таа не е повеќе ни интересна за граѓаните. Ниту пак зголемувањето на минимална плата без економско покритие. Странските инвестиции се уништуваат токму поради тоа, рамен данок, па прогресивен данок, па рамен данок. Дали е тоа нормално? Задолжувањата отидоа до правнуци, а сериозно ни се заканува грчко сценарио, односно банкрот на државата, бидејќи една третина од буџетот ќе оди  за непродуктивни цели.

Конечно, тие почнаа да зборуваат за економија откако не добија датум за преговори со ЕУ во октомври. Пред тоа беше се “All in” односно коцкање со државата во која игра изгубивме, односно не добивме датум, иако од реформите за влез во ЕУ нема ни “Р”. Доказ за тоа е што власта не сака да попушти ни милиметар за донесување на законот за ЈО, кој е главен услов да се продолжи со разговори за датум. Има разни изговори, но главната причина и е добро позната на јавноста, а таа е страв од соочување со вистината, во скандалозните коруптивни дејствија на власта. Дали е тоа во рекетирање, или во криминалните тендери, делење на државни пари за партиски интереси и мнооогу други работи.

Всушност тоа е и причината за предвремени избори, иако во нормални услови за тоа се поднесува прво оставка, па потоа се одржуваат избори. Но кај нас се е обратно од тоа што е нормално секаде во светот.

 

Александар Даштевски