среда, 20. ноември 2019. Вести денес: 181
home Колумни

За триесет сребреници

За триесет сребреници

Она што експлодираше како темпирана бомба во финишот на одлучувањето на ЕУ за датумот за преговори е и ужасната корупција што се случувала во Македонија последните неколку години. Не се работи само за спрегата на обвинителството и судството со извршната власт. Преокупирани со повеќе “рекети”(поткупи) и други коруптивни дејствија, органите кои се надлежни да водат сметка за тоа, не само што не си ги извршувале своите работи, туку во најголем дел биле замешани во коруптивни активности. Корупцијата ја јаде секоја клетка на општеството, овој опасен “канцер” ги уништува вредностите на системот и моралот го сведува на нула, а без морал не само што нема ЕУ, туку се поставува прашањето за опстанок на општеството во целост. На некој начин, тоа ни го кажаа овие денови од ЕУ, еве и Хан изјави дека најверојатно ќе ни требаат 30 години за преговарање, не ли е тоа погубно. Во тој хаос кој се случува, не се важни само огромните коруптивни суми, за кои во еден дел се водат кривични постапки. Некогаш за ситни коруптивни интереси се распродаваат најкрупните национални и културни интереси. Нивото на достоинството оди толку ниско што и сопственото име се менува со неподнослива  леснотија, па дури тоа да биде и АНУ(С).

Од сите можни варијанти на корупцијата, кои по својата анахроност од правдата континуирано го нагризуваат системот, кој претпоставено би требало да биде основата на функционирање на државата, токму нам како ретко каде во светот ни припадна “честа” да го запознаеме нејзиниот најредок, но најопасен облик КОРУПЦИЈА НА НАУЧНАТА МИСЛА! Одеднаш, подло и душмански, корумпираната потреба од анахрони промени на сржта на општеството, како остар и зарѓан нож се заби во грбот на државата. Под превезот на ноќта на здравиот разум, а во името на политиката чија погубност ја сведoчиме по Самитит на ЕУ во Брисел, научните атентатори и пресудија на Македонија од Илинден, АСНОМ и 8-ми Септември и ја изложија на вечен потсмев од резонирачкото, научното и достоинственото на стариот континент, па дури и во светски рамки ако сакате. Додека националните академии на земјите во соседството продолжуваат да бидат перјаница на научната мисла и длабок стратег за идните културно-општествени траектории на својата земја или на својот национ, корумпираниот дел на научната мисла во МАНУ, одлучи да ја преземе улогата на Брут во хибридната приказна за самоукинатата Македонија,  која треба да исчезне од сеќавањата на светската цивилизација, заедно со своето име и уникатното културно наследство по кое светот ја препознава.

Поразително е сознаениот недостаток на себе си во несфатливата потреба да не се биде, манифестиран од избледени авторитети, кои сопнати од мокрите ногавици, посегаат по душата на народот, чии предводници би требало да бидат. Што е материјалното наспроти Пантеонот на колективната меморија Што е една позиција за својот наследник во меѓународна институција, наспроти клетвите од кои не се заспива? Чуму утра, кога си навикнат на мрак, на темно, на матнина во која се закопува името и презимето што некогаш значело нешто.

Коруптивната научна мисла во Македонија,  заминува заедно со политиката што ја изнедри, ја регрутираше и и го покажа патот на јуришот,со иссукан меч кон своите, кон своето, кон себе си. И додека корумпираната научна мисла, осамена на месечевата светлина ги пребројува своите триесет сребрени парички и додека недостојно си зема за право да одлучува за националноста,  идентитетот и чувствата на достојните, еден твит ја дообјаснува целата суптина на себеукинувањето :

Еден ден во иднината, археолозите ќе откријат дека на местото на МАНУ ништо не постоело!

 

Александар Даштевски