сабота, 31. јули 2021. Вести денес: 89
home Колумни

За што всушност се преговара?

За што всушност се преговара?

Понекогаш треба да се прашаме самите себе дали знаеме каде тераме? Која ни е целта, идејата, концептот, каде и кога сакаме да стигнеме, и кога ќе сме таму, што тогаш?

Од старт да расчистиме некои дилеми околу моите гледања на нештата. Местото на МАКЕДОНИЈА е поврзано со Запад, со западна Европа и САД, како партнери и сојузници. Дали тие (не самите држави туку нивните водства, политичари и дипломати) секогаш биле фер и коректни е сосема друг муабет. Факт е дека ние самите не знаеме каде тераме и што точно сакаме. Но дека целта на Македонија треба да е, и мора да е сојузништвото со Западот и САД, тоа е нешто што не треба да го доведуваме во прашање како наша агенда. Патем, тоа е и во статутите и програмите на најголемите политички субјекти кај нас (ВМРО ДПМНЕ, СДС, ДУИ итн.).  Лошо е што неретко сме имале некадарни, неспособни и нелојални кон државата политичари и носители на јавни функции, кои работеле за се, но за македонските национални интереси, НЕ!

Народот не е задоволен. Народот е повреден, понижен, омаловажен, замолкнат, на колена. Болката која им се нанесува однесе предвреме многу живот. Добри луѓе душа испуштија,а многумина последно прибежиште им се социјалните медиуми каде се води последната битка. Задоволни се и глатко ова го прифаќаат само малоумници, ликови на кои ништо не им е свето или си го продале задникот за личен интерес, додека има такви и кои тераат нечии туѓи агенди.

Проблемот на МАКЕДОНИЈА е што како држава и нација нема општо прифатени, со консензус донесени црвени линии. Сите соседи кои покажаа одредени спротивставени ставови кон нас на одредени теми, носат резолуции во нивните парламенти, со консензус. Пазете, вршат напад и притисок, со одлуки со консензус, а ние пак душички, заеднички став немаме за ништо. Кај нас идеалисти се само обичните граѓани, и тие самите некој ги дели, подметнувајќи им кукавички јајца за да бараат нови или подобри опции, или подобри стратешки пријатели.

Не инвестираме во кадри, во лобисти, во научници, дипломати, уметници, туку во претставници на овие дејности, но лојални на политичките елити во моментот. Затоа и немаме авторитети, туку локални полтрони зависни од моменталната структура на власт, ликови кои без политичкиот врв, не можат да се промовираат подалеку од Призрен, Лесковац или Ќустендил.

Праксата покажува дека ликови како Пандев, Елмаз, Кире Лазаров, Симон Трпчевски и слични дијаманти во сферата на спортот или културата кои имаме среќа да се од тука, а со срце и душа да ја бранат оваа земја, тие се амбасадорите на оваа земја, на Македонија. Сигурен сум дека такви се и бројните професори, научници и интелектуалци кои се распрснати низ светот, а за кои малку знаеме.

Европското во фудбал беше токму она што му требаше на македонската нација. Ги спои Македонците со сите останати кои се дел од македонската нација. Ја обедини и дијаспората. Единствено на страна останаа „Северџаните“ кои полека и од околу се обидуваат да флертуваат со народот, ама тешко дека ќе оди. Истото е и со владиниот врв. Џабе им е, толку беше! Си се жигосаа за цел живот. Треба сите тие да сфатат, дека не е проблемот компромисот, македонското интегрирање во НАТО, или евентуалното  членство во ЕУ за кое сум убеден дека нема никогаш да се случи или ќе биде таму некаде 2035 или 2040 година, ако воопшто стигнеме на нивниот дневен ред. Проблемот е што се влезе во процесот потчинето, понижено, полтронски, сервилно, а не се добија никакви гаранции, ниту рокови. Плус, да потпишеш договор на своја штета, и само ти да го почитуваш, е тоа е драги мои едноставно одвратно.

Целиот народ, целата нација за почеток треба да се обедини зад една кауза, зад една мисија… МАКЕДОНИЈА. Зад знамето, зад химната, зад грбот, зад јазикот кој сите не обединува. Следно е почитување на законот, ред и поредок, во сите сфери. Бирање на најдобрите, најумните, најчесните. Обичниот човек мора да го крене гласот против  оние кои го користат, злоупотребуваат и толчат. Фудбалот е добар пример за се. Кога играат најдобрите, но и оние кои нај сплотено функционираат и тимски работат, може да се победи и една Германија на гости.

Или ќе го промениме менталитетот каде меѓу себе се караме и навредуваме за се, или ќе потонеме уште толку како нација, а душманите гледаат од страна и грицкаат семки, чекаат да си ја извадиме душата еден со друг. Малку ни треба да се кренеме, малку ни треба да направиме функционална и силна држава. А сплотен народ не може никој да го уценува, ниту да го водат лажговци и шупелки. Не за џабе се вели дека власта е олицетворение на еден народ.

Разбуди се народе, дај ја довербата на оние кои мислиш дека навистина ќе работат во твојот интерес, а не за лична корист. Локалните избори се првиот филтер за она дали нешто сте сфатиле и научиле. Според мене е потребен целосен ресет. Ако останат повеќе од 5 исти градоначалници во цела држава, ништо не сме направиле. За советите мојот став е уште по екстремен. Треба промена од 99% на составите на сите локални совети. Таму треба да има бескомпромисни борци, идеалисти и луѓе кои ќе гинат за своите со сограѓани и сожители, а не ситни полтрончиња и профитери кои сакаат да наплатат.

Ене го каде е октомври. Ќе видиме што сте научиле и сфатиле.

 

Александар Ристевски

 

Коронавирус