вторник, 25. септември 2018. Вести денес: 138
home Колумни

„ЗА“ шмркањето на Црвенковски и кршењето на Георгиевски

„ЗА“ шмркањето на Црвенковски и кршењето на Георгиевски

Ете се јави и Папата. Бранко. Ќе гласал „ЗА“. Небаре некому му е гајле. Може слободно да оди и да крши глава со неговиот глас. Како на Папа, можеби треба да му се дозволи да гласа и два пати. Оти тој не е било кој. Тој е, дами и господа „државникот“. И не може да биде ист со сите други. Што би рекол еден пријател, освен со тие со кои е ист.

Е, тој „државник“, и Папа во истовреме, се потрудил и да ни објасни зошто ќе гласа „ЗА“. Па, меѓудругото вели дека тоа ќе го стори и затоа што не сме биле способни сами да си ја средиме државата. Нешто слично како изјавата за камшикот на неговиот пулен Заев.

И така дојдовме до тоа дека типот кој ги постави темелите на мафијашлукот во Македонија, сега да ни вели дека ние имаме проблем зашто не сме биле способни да бидеме нешто друго освен мафијашка држава. Типот заради чиј ТАТ се самоубија десетина луѓе. Типот заради чија мафијашка приватизација стотина илјади луѓе останаа без работа, за сметка на украдените милиони од страна на мала банда комунистички хохштаплери кои со негов „амин“ ги присвоија фабриките и банките. Типот кој постави грандиозен темел на ретардираното судство во Македонија какво што го гледаме денес. Типот кој го унапреди министерот кому за малку ќе му го убиеја претседателот кој дотогаш во неговата партија беше икона.

Е, тој истиот, сега ни вели дека договорот со Грција не чинел, ама тој ќе гласал за него оти сами не не бивало за држава. Еј, тој уште зема пари од оваа Македонија зашто беше избран за претседател на фалсификувани избори, што дури ни ОБСЕ не можеше да го сокрие, па нотираше осум отсто фалсификат од страна на „академикот“ Али Ахмети на претседателското гласање во 2004-та. Еј, тој уште носи дома пари (не дека му требаат, ама сепак…) од грбот на овој народ, и уште му вели: Не не бива, затоа ќе гласам „ЗА“.

Наместо со тие пари да им изгради еден голем споменик на Никола Груевски и неговите, бидејќи ништо од тоа што тој како зло и го нанесе на оваа држава, не беше чепнато. Наместо да си го земе под рака ортакот Љупчо Георгиевски, кој своевремено се жалеше дека од тоа што го имала Македонија за крадење, само 10 отсто останало за лоповите од ВМРО, зашто претходно СДСМ ги украл другите 90 отсто. И наместо со тој Љупче на Снешка, заедно, да се фатат за рачињата попрскани со златен прав и да се фрлат надоле од врвот на мечот на Александар Македонски, тој, а и Љупче пред некој ден, уште ни држи лекции.

А, не не бива зашто додека јавно со Љупченце ни правеа претстави за тоа кој шмрка дрога, а кој крши по канцеларии бидејќи е нетокму, зад завесата очигледно си ја имаа поделено Македонија како што Черчил, Рузвелт и Сталин на времето ја поделиле Европа. Со тоа што овие тројцата ја делеле Европа на сфери на влијание, а нашиве двајца ја поделија на сфери на арамилук.

Македонија денес нема правен систем, нема судство, нема ни законодавна, ни извршна валст така како што тоа го бараат Уставот и законите на оваа држава. И не ја бива, но само затоа што темелите што ги постави Папата, се толку длабоки што полесно е да го продолжиш неговиот лик и дело, отколку да се обидеш да ги урнеш. И сега, на бандите најлесно им е, сите нас, кои еднаш не продадоа преку приватизацијата, по втор пат да не шитнат, овој пат како стока на бриселскиот „Ат пазар“, за да можат тие банди да се спасат и да добијат конечно помилување.

А Папата убаво можеше да си земе едно од оние старите војнички ќебиња и да си го стави преку глава. Пред да се качи на Александар. Оти не бива, такви државници како тој и Љупче на Снешка да се фрлат од споменик на некој обичен смртник. За нив, само богот Аце на Ципрас.

Претходно, се разбира, може да оди и да им поврати на гробовите на неговите тројца дедовци, Наум, Марко и Поте, кои во 1903 биле испратени сургун во Дијарбакир, зашто Турците ги сметале за некакви учесници во буна за ослободување на Македонија. Всушност, на коските на првите двајца не може да им поврати зашто тие се растурени некаде во Анадолија, а на третиот, Поте, кој преживеал и се вратил дома по амнестијата, не знам дали му се знае гробот. Но, затоа среде Слатино има еден споменик на кој нема имиња, но Папата може таму да им каже на неговите дедовци за себе и својата мака.

Оти, види ти се молам, дечкото кој го помилува Заев за криминал, а сега вели дека не сме можеле сами да ја средиме државата, има голем товар. Не е лесно со таков ум, кој изнедрил кадри како Муртинецот и Прада, да мислиш, да мислиш и на крај да ти падне на памет, без никој да го потегне јаженцето на кое си врзан, дека подобро би било да гласаш ЗА. Зошто? Затоа што можеби Албанците ќе се бунеле, па ќе се распаднела државата, а тој со неговиот глас ќе ја спасел.

А станува збор за истиот човек кој и го сврте умот на Македонија со неговите „бомби“ во 2001, па таа не го виде почетокот на војната меѓу Али Ахмети и тогашната предавничка македонска номенклатура. Истиот човек кој со Љупче на Снешка, родена да оди по балови, го потпиша Рамковниот договор со кој Македонија стана федерална држава во која една албанска партија (во наводната граѓанска држава) секогаш мора да биде на власт и во која владеачката албанска партија може да спроведува најбезобразен апашлук на државнот имот без да се плаши од било каква одговорност. Истиот човек, државникот, кој потоа, го зеде во владата довчерашниот терорист, така како што рекоа оние што го спремаа и Заев. Истиот кој потоа се правеше на удрен за територијалната поделба, со која во Македонија се исцрта 90 отсто од границата по која ќе оди поделбата на Северна.

И сега, наместо да остане сокриен и молчалив, таков каков што беше во изминатите години, тој, тој кој му се потсмеваше на оној човек што се пожали дека заради него ја загубил работата, па сопругата го оставила, тој што би требало да има страв за секој залак што го изел на сметка на овој народ, сеедно што бил комунист, тој уште пишува соопштенија. Е, море Бранко муртински.

А, во суштина, неговото јавно „ЗА“ за самиот референдум и не е толку битно. Тие што ќе тргнат по неговиот ум, веројатно не се од групата неопределени, уште помалку од групата „Бојкотирам“. Но, тој став е битен зашто е одраз на бедотијата во која се наоѓа Македонија, одраз на нејзиното дно во кое е заглавена. И тој став покажува дека тие со кои Заев му се фалеше на Тачи дека го спремаат за премиер, процениле дека сега мора да се пука со сите оружја, дека сега мора да се притисне до крај и дека сега мора сите гадотии да бидат извадени од нафталин. За да може Букурешт од 1913 да продолжи да важи во сите делови. А, за да се направи тоа, потребни се предавници. Многу предавници. Кои се купуваат. Или се купени, а сега мора да враќаат на делови. Но, не од нивното, туку повторно од нашето. Е, тоа е веќе премногу!