четврток, 21. ноември 2019. Вести денес: 66
home Колумни

За платите…

За платите…

Почетокот на новата учебна година започнува со еднодневен предупредувачки штрајк на просветните работници. Целосно се сложувам со нивните барања. Време е тоа да го сторат и здравствените работници, и оние во сферата на труд и социјала, и културњаците…

Каде во основа лежи проблемот? Нема врска која партија е на власт, иако актуелната излезе со мегаломански и нереални ветувања, ги крена одредени даноци, декомпресира цените, а следствено на тоа се обезвреднија и примањата на сите оние во јавниот и државен сектор.

За да биде појасно за обичниот читател, би ги презентирал нештата пластично и со конкретен пример. Лик се вработува во образовна институција, или еве во културна, сеедно. Пред 10 години кога засновал работен однос платата му била околу 21.000 нешто над просечната македонска плата. По 10 години, тој добива САМО 0.5% годишен раст врз основа на минат труд (стаж), со што платата му се покачила за нешто едвај над илјада денари. Од друга страна цените драстично се пораснати, трошоците за живот зголемени, а просечната плата пораснала за повеќе од 5000 денари. Со други зборови, место раст и напредок во професионалната кариера, имате уназадување и обезвреднување на трудот.

Ајде да направиме и буџетска компарација. Пред 10 години буџетот бил околу 2.5 милијарди евра, сега е околу 4 милијарди евра. Пазете кој екстремен раст. Но платите не се покачени воопшто, или само симболично и тоа не за сите. Не се креваат платите, но се зголемува бројот на ангажирани лица. Едноставно, нема принцип на кариера, нема напредок, нема раст. Кој е тука мотивот за работа, за раст, за напредок, за вложување во себе? Го нема!

Сите се опседнати со тезги и работење дополнително, на страна. Државата свесно работи на своја штета со ова. И во сферата на здравството, и образованието, и културата, и социјалата. Ништо подобро не е ниту кај вработените во судството.

Зарем не ви е доволен показател тоа што докторите се селат, наставниците се безволни, културњаците попрво би работеле “фри ленс“ него во институција, а градинките и оние кои се грижат за ранливите групи се помалку и помалку, и целосно индиспонирани?! Од друга страна кај младите стана најпопуларно да конкурираат во МВР, додека останатите сакаат да се иселат или веќе избегале со странство! Пред 10-15 години беше популарно да се биде професионален војник, денес полицаец.

Факултет се студира за да се зема диплома, или се оди на смерови каде „има пари“.  Никој веќе на студира математика, физика. Зошто би бил наставник, кога може да биде програмер?

Актуелната власт даде многу ветувања. Едно од нив беше враќањето на достоинството на оние кои се рбетот на државата. Оние кои не едуцираат, лечат, чуваат и надградуваат ко личности. Решението не треба и не смее да е еднократно и популистички, дневно политички за кревање рејтинг. Решението треба и мора да е трајно. Масата за плати мора да се врзи и со раст на стандард и раст на буџет. Мора да има систем на кариера. Мора да се инвестира во кадрите и финансиски и со обуки, тренинзи, инфраструктура, помагала…

Најлошо е кога се влегува во војна со оние со кои ја креираат иднината на земјата. Најлошо е кога се сатанизираат во јавноста и кога се креира негативна слика за нив, за да дел од политичарите ја затскријат личната неспособност или незаинтересираност. Тоа долги години се правеше во здравството, за да доживееме да здравствените работници почнуваат масовно да се иселуваат, а да стане секојдневие докторите по болниците да бидат тепани од „незадоволни“ пациенти. Сето тоа е последица на негативните кампањи кои политиката ги спроведувала, за да се заштити од притисокот на фелата. Последиците ги гледаме.

Наставниците, културњаците, докторите, социјалците и сите останати се тука да работат и професионално вршат својата работа и обврските кои ги презеле, но државата е таа која мора да им обезбеди достоинствени услови за работи и живот. Тоа е нивната задача, затоа и се избрани.

Државата е на ред!

 

Александар Ристевски