недела, 29. март 2020. Вести денес: 30
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

За некого вонредна, за друг извонредна состојба…

За некого вонредна, за друг извонредна состојба…

Коронавирусот, сакале-неќеле, не натера да сфатиме и да се потсетиме на многу работи. Основни вредности што сме ги заборавиле, или некој ги заборавил де. А толку битни, ако сме луѓе…

Најосновната, за оние што подзаборавиле, е да се потсетат на вредноста на семејството. Најмилата микровселена. За други што немале време поради работни обврски, а толку сакале, да се посветат на истото тоа семејство чија близина и топлина им недостигала. На заедничката одговорност, ефектот на пеперутката и на човештината. И што значи да се биде човек, вистински.

А многумина, поради насушната потреба да се биде изолиран од светот за да се заштити сопственото и побитно – здравјето на другите, конечно, ги натера малку и да подразмислат. За промена, да ги вклучат сивите им зарѓани ќелии, кои најчесто им се на „гооолем одмор“ и да сфатат што навистина го прави животот, кои се вистинските убавини и потреби, надвор од наметнатите модерни, глобалистички и политички мотивирани, лажни вредности.

Арно ама, за жал, оваа ВОНРЕДНА ситуација за многумина испадна ИЗВОНРЕДНА.

Не мислам извонредна само за „воените профитери“, биљмези кои продаваат заштитни маски, ракавици, брашно и гелови за дезинфекција по цени десет пати поскапи од реалната. Велат, Господ гледа…

Оваа вонредна, испадна извонредна ситуација и за дел од македонските политички недоносени хејтерчиња да си го покажат вистинското, грдо, изобличено лице…

ИЗВОНРЕДНА МОЖНОСТ, не само за практикување на толку посакуваната и сонувана тоталитарна власт која ја носи вонредната состојба, туку извонредна можност и за демистификација на цела една самобендисана и самозамислена каста, родена со фабричка грешка на комлекс на виша вредност и задоена со омраза, од мали нозе раснета да го омаловажува, понижува и мрази ближниот свој. Прекинувачот им е – мала криза и веднаш да се јадело бубрези, нели. Класика на чедата атеистички возљубени во парите, добро инструирани и навежбани крајно „професионално“ да плукаат по оние што мислат макар и малку поинаку од она што го налага врхушката…

Да, факт е дека досадата е мајка на сите глупости, а наметнатата потреба од изолација неминовно ја носи. Досадата нели, омразата не е неминовност и зависи од човекот. Ако е човек де. Ретро прикаската за ѓаволот и тоа што го првел кога немал попаметна работа не е оправдување за овој црн наплив на говор на омраза, лаги и кудење по другите.

Особено, кога некој ти поддава рака и ти нуди решенија, опции за доброто на сите и државата, а ти затекнат во сопствениот нарцизам и незнаење му враќаш со навреди и го обвинуваш дека шири паника?! И сета таа глупоштија само затоа што не можеш да признаеш дека и тој, макар „немиен“ (мозочно), може да понуди нешто добро и издржано за подобро справување со кијаметот кој не зафати сите. Она, кога тераш политиканство и популизам во време кога демагогијата е крајно непожелна…

Се изнаслушавме, честопати токму поради затвореноста дома нели, на изливи на „генијалност“ од типчиња кои никако, ама ич не го мразат соседот, но без никаков проблем ќе му исклучат апаратот за дишење за да си ја наполнат мобиљката. Само никој да не ги види…

Да, мизантропски фацки што не ги мразат луѓето, ама не се чувствуваат добро кога им се во близина. Квази филантропчиња кои не дискриминираат никого – ги мразат сите. Сезнајковци кои отсекогаш мразеле математика, но обожуваат да бројат пари…

Како да се справите со овие твитеро-фејсбуковско-медиумските генијалци кои не ве мразат, нели, туку само не се нешто многу заинтересирани за вашата егзистенција и за кои ОБЕДИНУВАЊЕТО, макар било во време на светска пандемија, ги асоцира на ПАТРИОТИЗАМ. Ко и секое можно ОБЕДИНУВАЊЕ, кое им е синоним за љубов кон НАЦИЈАТА и ТАТКОВИНАТА. А тие пустите, ултра хронично алергични на сите овие за нив толку приземни и потсмешливи зборови. Абе цепки…

Заради хигиенски причини, баталете ги „скроз“, драги мои, ставете ги на „игнор,“ тоа најмногу ќе ги боли овие фацки кои во време на зараза шират толку многу лоша енергија, секојдневна доза „изнутрици“ и редовна доза омраза.

Реално, за нив треба да се воведе строг „антихејтерски час“ – до крајот на вонредната состојба да не смеат ни да припарат до компјутер, мобилен или микрофон. Казната за прекршување не треба да биде парична, најголема казна ќе биде да мораат јавно да кажат 10 пати дека ја сакаат Македонија, без идиотската придавка. Брррр, страшна казна за некого, нели. Се наеживте, признајте…

Фер, задолжителен карантин со препишана на рецепт изолација од какво и да е комуникациско средство. Па на една рака и мака да завршиме со омразата заедно со короната, дај Боже што побргу. За доброто на сите. Заради човештината…

И да, не е на одмет да им посакаме да изедат малку шминка. Море, могу нетоксична шминка нека изедат. Од најскапата.

Можеби, така ќе бидат убави и однатре…