петок, 7. август 2020. Вести денес: 105
home Колумни

За македонцките работи (Незаборавник – Како да ја сакаме Татковината)

Потсетување на еден говор по повод средбата на Игор Јанушев со Ѓорге Иванов, доскорашен претседател на Република Македонија. Средба на која носителот на листата на кандидати за пратеници во тројката на ВМРО-ДПМНЕ го запозна Иванов со фактот дека како одминува изборната кампања, така народот се повеќе ја прифаќа Обновата на Македонија и гордо исправен гледа во иднината  
За македонцките работи  (Незаборавник – Како да ја сакаме Татковината)

Да се знае, да се знает!

Кирил Пејчиновиќ

 

Со векови со гордост зборуваме за придобивките на Илинденската епопеја и Крушевската република. Со години и декади возвишено зборувавме за државотворните одлуки на АСНОМ. Не снајде голема непогода, со уште поголема штета, Македонци национално неосвестени и под притисок и диктат ни сменија Устав и име Македонија, име од искон за вечност.

Но, што остана од сето тоа? Ајде да видиме на што бевме предупредувани:

Што би кажале нашите преродбеници и револуционери за она што ни го оставија во наследство?

Сте се запрашале ли што би рекол Карев за состојбата на нашата Република? Дали и Македониумот во кој е погребан ќе го преименуваме?

Што би рекле Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров за идеалот на револуцијата? Залудно ли ни ја враќаа вербата во сопствените сили?

Што би рекол Димо Хаџи Димов, кој не упати постојано да чекориме кон нови и славни Илиндени, кои ќе ја усовршуваат македонската слобода, државност, независност? Дали ги зачувавме тие придобивки?

Што би рекол Прличев, кој ни го остави тројниот завет да се спознаеме себеси, да се почитуваме себеси, и да се чуваме себеси со тоа што ќе ја чуваме татковината?

Сте се запрашале ли што би кажал Мисирков, кој го издигна македонскиот јазик како основен белег на македонскиот народ, како непобитен факт за нашата самобитност?

Што би рекол Конески, кој заклучи дека „за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот претставува, со сè што е на него создадено, како говорен и пишуван текст, најголемо приближување до идеалната татковина. Македонскиот јазик, е заправо единствена наша комплетна татковина.“ Што би рекол тој за лажните пророци кои ја урнисуваат таа наша идеална татковина?

Што би рекол Рацин за овие темни мугри што надвиснале над нас?

Што би рекол Вапцаров кој не учеше како самосвесно да си ја сакаме татковината, и тоа без протекторати?

Што би рекол Гане Тодоровски кој во едно слично време-невреме запраша „ќе не има ли тогаш кога ќе не нема – ако не немаше токму тогаш кога требаше да не има?“

Што би рекле Кузман Јосифовски – Питу и АСНОМ-ците, од чии дела и зборови сега се одрекуваме, чиј манифест, сега слушам, ќе сме го цензурирале?

Што би рекол Ченто, првиот претседател на втората АСНОМ-ска Република Македонија која ни ја остави за да ја пазиме како зеницата во окото?

Што би рекол Борис Трајковски, кој на 100-годишнината од Илинден, тука, од ова исто место потенцираше дека во Европа не се влегува без идентитет и достоинство?

И конечно, што би рекол Киро Глигоров кој не потсети дека нашата независна македонска република е нешто најскапо што го имаме, бидејќи Македонија е се што имаме?(За сето ова македонскиот народ беше предупреден на 2 август 2018г. на Мечкин камен, Крушево, од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Ама имаше полиција, ги малтретираше навивачките групи и патриотите, медиумските мегафони известуваа за нешто што претседателот не го зборуваше). Денес во Велес Игор Јанушев, носител на листа на кандидати за пратеници во третата изборна единица се сретна со Ѓорге Иванов, доскорашен претседател на Република Македонија, и меѓу другото, разговараа за овие светли идеи и идеали на македонскиот народ и македонската кауза. Целта е македонскиот народ да знае кој е кој, што е што, кој што рекол, кој што направил, за Македонија и македонската кауза.

Кирил Пејчиновиќ би рекол “Да се знае, да се знает!“, и тоа ќе го запише на камен. А каменот ќе остане силна метафора за македонскиот дух и посебно за македонската поезија – дух цврст како камен, а жежок како пламенот што во каменот се крие – стара вистина е дека искрата во каменот се крие и во него е заспана и дека два камена во судир можат да ја разбудат, произведувајќи оган.

Дали денес ние сами ќе се избришиме од тековите на светската историја? Не! Повеќе од сигурно. Тоа треба и на дело да го покажеме, внимавајќи за кого го даваме нашиот глас и ќе му го пренесуваме правото да управува со севкупните работи во Република Македонија во наше име.

Се зборува за владеење на правото, за правна држава, а во реалноста се врши правно насилство. Се скрнави Уставот и се уништува правниот систем на Република Македонија. Мораме да се бориме против ова насилство, да го спречиме и да го победиме. Само колку да се знае, да се знает!

 

„Насилството нема со што друго да се покрие, освен со лага, а лагата нема на што да се потпре,

освен на насилство. Штом некој ќе го прогласи насилството за свој метод,

мора незапирливо да ја бира лагата како свој принцип.“

Александар Солженицин

 

Сотир Костов

 

Коронавирус