вторник, 15. јуни 2021. Вести денес: 57
home Колумни

За корупцијата не обвинувајте други, со парите купете си огледало за да се видите

За корупцијата не обвинувајте други, со парите купете си огледало за да се видите

Го добивме Извештајот на Транспаренси за степенот на перцепција на корупцијата за 2019/20 година. Извештајот е поразителен за Македонија, рангирани сме дури на 111 место, најниско до сега, дури пониско од првото рангирање во 2001 година.

Владините министри, Љупчо Николовски, Бојан Маричиќ, па и самиот Зоран Заев, останаа “изненадени” од Извештајот, едноставно не им се верува дека се прочитани – во изминатите години од нивното владеење. Степенот на перцепција на корупцијата е толку многу голем, што како држава не прескокнале Албанија и особено Косово кое беше корупциска дупка на Балканот.

Вицепремиерот за корупција, Николовски вели дека тоа е само перцепција… нешто како улогата на Груби во жолтата соба, само преведувач?!

Министерот за правда Маричиќ не му се верува дека прикажаното е вистинито, не му се верува дека денес корупцијата ни е поголема од порано?!

Советниците и ПР тимот на Заев излегоа со едно соопштение од кое се гледа дека и самите се срамат од тоа што го пишуваат, празно, без суштина и содржина, нешто како млака вода!

ДКСК молчат, а што да кажат кога и самите знаат дека се ставени во функција на интересите на извршната власт… што и да кажат, ќе згрешат, впрочем и самите членови на комисијата се избрани по партиски клуч и секој некому е нешто, освен двата члена кои во Комисијата дојдоа од нејзината стручна служба.

Првата лекција што треба да ја научат сите горе спомнати е дека Извештајот на Транспаренси е само сликата на власта, нивниот одраз во огледалото, преточен во текст.

Може да не им се допаѓа тоа што го гледаат, но тоа се тие, тоа е нивната работа и резултатите од неа за 2019 и 2020 година.

Тоа се должи на сите оние коруптивни скандали, на сите оние аздисувања на не пораснатите деца ставени на раководни функции кои наместо кривично да одговараат, само се тргнати од функциите, но не и од членувањето во управните одбори и во комисиите од каде и натаму им се исплатуваат високи хонорари; се должи на непотизмот и клиентелизмот; на недомаќинското трошење на парите на даночните обврзници; на доделувањето стипендии, државна помош и субвенции на лица и фирми што се директно поврзани со луѓето од власта; на доделувањето државни и европски големи пари за безвредни и бизарни проекти; на перманентната ненаситност на гага апетисани, ручеци, вечери и патни трошоци.

Сепак, најгрдата слика за власта е оној одраз што ја отсликува недопирливоста и неказнивоста на властелините и нивните семоќни насилни гавази и отсуството на темелни истраги во случаите во кои се инволвирани луѓе од највисоките кругови на власта.

Примери за сево погоре кажано, не барајте да спомнувам, бидејќи колумнава ќе заврши како роман.

Што да очекуваме сега?!

Од овие ликови не може да се очекува ама баш ништо подобро, особено што тие освен што со изненадувањето и не прифаќањето на фактите од Извештајот веднаш прават некаков гард, и вината за тоа ја префрлаат кај опозицијата и некоја поранешна власт, па дури и граѓаните со нивната перцепција им се виновни за констатациите изнесени во Извештајот.

Тоа многу лошо говори за власта.

Барем да се погледнеа меѓу себе, да ја прифатат и преземат вината за констатираните состојби, ќе ни дадеа некаква надеж, бидејќи само тој што ќе увиди каде згрешил, само тој може и да го корегира сопственото однесување.

Инаку, вината е во сите три власти.

Законодавниот дом штанца закони во скратена постапка, со европско знаменце, без поширока јавна и стручна дебата, без консензус со повеќето пратенички групи и многу често се носат законски решенија, кои се контрадикторни со веќе постојни закони или се во спротивност со европските директиви; Собраниските комисии и после три децении независност се нефункционални, добар дел од пратениците не поседуваат безбедносен сертификат што ги лимитира во нивниот опсег на работа. Или сето тоа кажано во една реченица, Собранието претставува маша во рацете на извршната власт, а не обратно, како што е утврдено во Уставот.

Не е различна состојбата и во партизираните обвинителства и во судовите. Правдата стана достапна само за оние што можат да си ја купат. Обвинителството за сите случаи во кои се инволвирани ликови од власта, редовно ја информираат извршната власт од која зависи дали некој случај ќе оди во фиока или на суд. Значи, и правосудниот систем е маша во рацете на извршната власт, не е не зависен како што е утврдено во Уставот.

Со други зборови, извршната власт е одразот во огледалото, таа е проблемот со корупцијата.

Во такви околности, таа со својата самобендисаност и не може тоа да го види и затоа не очекувајте да најде решение, бидејќи, ќе повторам, таа самата е проблемот!

Колумна на Воислав Зафировски за ДЕНЕШЕН

ЕУРО 2020

Македонија