понеделник, 1. јуни 2020. Вести денес: 6
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

За цинизмот, ароганцијата и примитивизмот на Заев и СДСМ

За цинизмот, ароганцијата и примитивизмот на Заев и СДСМ

Опозицијата (предводена од Христијан Мицкоски), бизнис секторот и синдикатите нудат ефикасни мерки за справување со кризата, а техничката Влада и ненародната власт не прифаќа дијалог, одбива јавна дебата, негира јавна сцена и игнорира и не признава јавен интерес

Денес сум без увод. Одам директно in media res. Во средината, во метата на состојбите, кои не окупираат, ни тежат, ни го нарушуваат спокојството и мирот, но и не мотивираат трезвено да размислуваме, не поттикнуваат да сме конструктивни и проактивни, иако сме во изолација, карантин, полициски час, дури и продолжен полициски час. Едноставно, мораме да дејствуваме. Онолку, колку знаеме, можеме, умееме, во согласност со нашите потенцијали, способности и капацитети. Мораме нашата поединечна енергија, да ја претвориме во колективна синергија. Во име на здравјето и животот на сите нас. Ако тоа го постигнеме, тогаш сме дале барем малку придонес за сигурност, безбедност. На секој поединечно и на сите нас заедно. За добробит на нашата општествена заедница (за секое село, општина, град, дом, семејство).

Политички цинизам, ако сакате и политичка ароганција, па дури и политички примитивизам е тоа што го прават Зоран Заев и СДСМ, во услови на постоење на техничка Влада, која наместо да подготвува фер, слободни и демократски избори, се справува со крајно опасна состојба на пандемија од Корона вирус. И одозгора на тога, неуко и неумно водат погрешни политики, предлагајќи закаснети и неефикасни мерки, со што не доведуваат до состојба каде што животот е “одвратен, брутален и краток“ (Томас Хобс, “Левијатан“). Тоа е суров и крајно штетен консензус на моќ и власт, а не е консензус произлезен од граѓанството, кој е во интерес на јавната сфера и нејзините граѓански и општествени интереси. Е, тоа нема да може! Има да се спротивставиме, еве и се спротивставуваме,  на незнаењето и некадарноста на овие “суперструктури“ на забеганата елита на Заев и СДСМ. Колку што гледам спротивставувањето е во тек: го предводат “непослушното“ граѓанство, кое мудро не ги прифаќа сите погрешни мерки на оваа Влада, и опозицијата, предводена од професорот Христијан Мицковски, која од почетокот на оваа состојба во која западнавме, предлага конструктивни мерки, од сите сфери на живеење на луѓето (економија, финансии, образование, екологија и сл), и секогаш е два-три чекори понапред од власта. Секако, до нив (а делумно се и со нив, а прашање на време е кога ќе бидат и целосно со нив) се и бизнис заедницата и синдикатите(за кои пишував во моите колумни од 17 и 20.03. 2020г.), кои со предложените мерки, исто така, се конструктивни и добронамерни. И сега, имаме состојба кога ваквата техничка Влада, со номинален технички премиер, Оливер Спасовски, и премиер од сенка, која тој си ја прави јавна говорница, Зоран Заев, се оглушуваат на предупредувањата, на предлозите и на мерките од граѓаните, опозицијата, бизнисот и синдикатите, и ама воопшто уво не ги боли. И еве што прават тие.

Упорно го наметнуваат и практицираат дискурсот на бедотијата и извртувањето. На дело ја билдаат, во смисла на влошување, и така веќе постојната и присутната атмосфера на недоверба (на власта кон опозицијата и на граѓанската јавност кон власта). Не можат да сфатат дека во едно граѓанско општество со демократски карактер, сосема нормално е граѓанската јавност и опозицијата да не и веруваат на власта. Особено на ваква власт каква што се тие – Зоран Заев и СДСМ. Критиките на нивните политики и на политичарите кои таквите политики ги спроведуваат, се дозволени, се подразбираат, и што е најбитно се добронамерни, ако се насочени кон подобрување на незадоволителните состојби и неефикасните мерки што власта ги предлага. А токму такви се критиките, поткрепени со конструктивни предлози, за ефикасни мерки, на граѓанството, опозицијата, бизнис секторот и синдикатите. Секој што барем малку се одбира во економија, финансии, социјала, криза, рецесија, гледа и знае, дека техничката Влада навистина нема стратегија, план, и тактики, со креативни и ефикасни мерки за надминување на оваа тешка состојба и спречување на штетните последици, кои се катастрофални, со опасност, да прераснат во катаклизмични, за држава каква што е нашата сакана Република Македонија. И сега, ако ме прашате, во право ли е Христијан Мицковски? –  Најискрено ќе ви кажам : Да! Тој е сосема во право. Добронамерен ли е? Одговорот е уште по одлучно и поголемо ДА! Се нуди самиот себе, неговиот стручен тим, очигледно составен од врвни експерти од повеќе области, најпрвин да имаат можност да ги изнесат пред техничката Влада, своите гледања, ставови, размислувања, и предлози, а потоа, заедно (со бизнис заедницата и синдикатите), како што доликува на едно цивилизирано општество, но и на техничка Влада која има доблест да сослуша и друго мислење, друг предлог, друга мерка, кои не се нејзини, па заедно да се обидат, да ги пронајдат најсоодветните и најефикасните мерки, за граѓаните на Република Македонија. Се трудев, да најдам и видам, дали  и каде тука професорот Мицковски ја лаже, дезинформира или ја манипулира јавноста. Не најдов ништо од тоа, дури и ништо слично на такво нешто што рутинерски тврди СДСМ во своите досадни и сега веќе ступидни соопштенија.

И сега едно за секогаш, да сфатат и научат, забеганите Заев, СДСМ и нивните лукративни елите: граѓанството е алфа и омега, почеток и крај – на се во една општествена заедница. Тоа е суверенитетот, тоа дава и одзема власт; Опозицијата е коректив, власта да не забега. Македонската опозиција, предводена од Христијан Мицковски, на време предупредуваше, се обидуваше, и се уште се обидува, да предлага ефикасни мерки за надминување на крајно лошата состојба во која западнавме. Ама власта остана глува; Бизнис заедницата укажуваше, предупредуваше и опоменуваше, ама и тоа не допира до “техничарите“ од власта, кои се замислуваат и во нивните искривени огледала, се гледаат како Богови; Синдикатите се будат, и време е целосно да се пробудат, и еднаш да сфатат, дека ако не го кренат својот глас, со морковот ќе се насладуваат забеганите елити, а на нив ќе им остане стапот, кој овој пат е метафора, за глад, беда, сиромаштија, контејнери, бездомници, скитници, маргиналци, отпишани, жртвувани, прежалени (Ако сакаат недолжните и напатени работници да се колатерална штета нека молчат. Ама имаат ли право да молчат?). За секој кој има општа политичка култура и минимум демократски капацитети, ова се подразбира и е сосем во духот на плуралистичкото општество на парламентарна демократија. Очигледно таква култура и капацитет немаат, како Заев, така и СДСМ. Одбиваат јавна дебата, негираат јавна сцена и јавен интерес.

Замолувам  кредибилни политички авторитети од професорската фела да и објаснат на јавноста, ама пред се на СДСМ, дека техничката Влада, е извршна власт (техничка) чија првична цел и основна задача беше да организираат и спроведат фер, слободни и демократски избори. Таа не е мнозинска влада, туку “Пржинска“ и е постигната со консензус – Пржински договор на сите релевантни чинители, зајакнат со меѓународната заедница. Понатаму, оваа Влада нема граѓански легитимитет, не е резултат на некое мнозинство добиено на избори, туку на напред споменатиот договор (непознат во политичката теорија и практика), па затоа е и техничка. Појавата на пандемијата од Корона вирусот само ја усложнува работата, во смисла на легалност и легитимитет, на политиките, дејствијата, активностите, одлуките и актите што таа ги донесува. Бидејќи на преден план се става борбата за заштита на здравјето и животот на секој, ама буквално секо граѓанин, нејзината одговорност е издигната на највисоко можно ниво – до плафонот на јавниот интерес. Во случајот јавен интерес е интересот на сите државјани на Република Македонија. Поконкретно, луѓето, во случајот нивното здравје и нивниот живот на прво место! Немојте да не потценувате и ни наметнувате заглупување преку конзумирање на “евтини приказни“, кои ни ги сервирате како бљуткаво политичко, економско, социјално, културно и морално мени. Збоктисано ни е од неговата дегутантна содржина и со индигнација го отфрламе. Престанете да водете војна со опозицијата, и да ги игнорирате бизнис заедницата и синдикатите, употребувајќи највалкани трикови. Вашата негативност, е погрешна алатка за негирање на нивните аргументи. Сите ние гледаме дека тие можат подобро да ја извршат работата од вас, ама суетата и надуеното его не ви дозволуваат да им дадете барем шанса да го покажат тоа. Каде се тука еднаквите можности за сите партиципиенти? Каде е тука вашата грижа за нашите животи?

Ајде, ќе ви преведам (да ви тргне, за општо добро): не ви поминува хегемонијата (хегемонистичкиот модел) на политичката комуникација што ни ја нудите. Прочитани сте! Не ја бива таа работа. Не може да ни кажувате како да живееме и како да се однесуваме, само со цел вие да си ја одржите моќта и власта врз економските, социјалните, политичките, културните аспекти на јавната сфера, а ние, граѓанството, да трпиме последици, од вашите лоши политики и неефикасни мерки. Што, вие повеќе се грижите за нашите животи? Повеќе мислите за нас од самите нас? Ма ајде ви се молам! Па ако друго не знаеме, барем добро знаеме кога грдата гасеница ни се прикажува за убава пеперутка. Уште подобро знаеме кога ѓаволот не убедува дека е убав како ангел. Море непоправливи цензоризлонамерни и неумесни спинери, не гледате ли, не слушате ли, не сфаќате ли, дека јавноста и граѓанството, веќе не се маѓепсуваат, не паѓаат во несвест, од вашите сокривања на информациите (сокривате факти за неопременоста и неорганизираноста на здравството – нема маски, нема ракавици, нема скафандери, а за ексцесите – на директорките на Филипче и скандалите – не примање на пациенти кои умираат, да не зборуваме), од извртувањата за реалната состојба (вчера бевме во сјајна  и извонредна состојба – со буџет во добра кондиција, денес сме во изгубена, поразителна состојба – со буџет пред колапс – а ако не се свестите, или поточно, ако не ве освестиме, утре ќе не нема). Медиумските ефекти од вашите исценирани настапи, сега веќе без непосредни контакти со новинарите, се највулгарна црна политичка пропаганда, која предизвикува неспокојство и страв.

Ја пикате главата во песок. Ги закопувате информациите за вистинските состојби. Ја опструирате вистината. Затоа и сте напуштена, осамена и суетна техничка Влада (чест на исклучоците-поединци во неа) која е достојна само за недоверба и презир. Впрочем , сега за сега, само тоа и го добивате. Замислете, се уште ви ја нема дури и ветената меѓународна помош. А нашите луѓе почнаа да умираат.

 

Сотир Костов

 

П.С. 

За Големиот Страв (активноста на реформирана тајна служба во вонредна ситуација и полициски час), што го предизвикувате и за Теророт (издавање судски наредби за приведување и ставање на луѓе во Шутка – во сабота пред почеток на полициски час, за наводно неплатени глоби, кои одамна се платени и подмирени), кој го спроведувате во следното мое јавување.

Коронавирус