недела, 19. мај 2019. Вести денес: 65
home Колумни

Втор круг или висока цена

Втор круг или висока цена

Како што можеме да видиме и забележиме или почувствуваме, со приближувањето на вториот круг од претседателските избори се поголема е нервозата кај СДС-то. И не само нервозата, туку уште повеќе до израз доаѓа неинвентивноста поради што се измислуваат потполно тривијални напади врз професорката Силјановска-Давкова.

Покрај неталентираните обиди за дискредитација на професорката Силјановска, уште по не интелигентни се обидите на разни начини да се присилат граѓаните особено оние од јавната администрација да излезат на гласање на 5-ти Мај и да гласаат за Пендаровски. Трета не интелигентна активност на СДС-то е старата приказна со поткуп на гласачи и тоа како по правило во рамките на социјално загрозените општествени групи, а тоа дно на етика не е за коментар.

Што покажува сето ова на само 4-5 дена од вториот круг на претседателските избори? Покажува неколку суштествени работи кои треба да ни бидат присутни на сите нам, а кои ќе имаат влијание и врз нашата одлука да гласаме за професорката Гордана Силјановска-Давкова како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и тоа овде јавно го кажувам.

Прво: Укажува на фактот дека власта е исклучително исплашена до степен на нервоза и нерационални реакции во врска со исходот од изборите и реалната можност да во вториот круг биде стопена нивната минимална предност од првиот круг од 4.500 гласа.

Второ: Покажува дека власта не е сигурна дека ДУИ на терен стои толку добро што на нормален демократски начин ќе испорача доволно гласови од нашите сограѓани Албанци на контото на Пендаровски. Од тука реално може да очекуваме не баш мирен и демократски втор круг, туку дека за одредени нелегални операции ДУИ веќе ја достави високата цена до СДС-то, но и покрај тоа и СДС и ДУИ се потполно свесни дека на терен кај Албанците ДУИ не стои добро и дека во нормална изборна процедура тешко дека луѓето доброволно ќе излезат и ќе гласаат за кандидатот на СДС и ДУИ. Оваа состојба е до тој степен драматична за ДУИ што дури и Албанците кои гласаат за СДС како нивни членови или симпатизери ДУИ ќе се обиде да ги стави на свое конто, а се со цел да покаже дека вреди повеќе од 80.000-те гласови на колегата Река.

Трето: Стравот на СДС-то од евентуално не постигнување на потребниот изборен цензус и згора на тоа и во таква ситуација победа на Силјановска е ноќна мора за Заев. Едноставно во целата „успешна“ приказна на СДС-то во ваков случај морален и реален победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а СДС-то ќе мора повторно да се соочи со граѓаните на брзи повторни претседателски избори, но можеби овој пат заедно со парламентарни. Причината е едноставна, и така Заев и СДС-то се делегитимирани како власт и повторување на изборите само ќе им го покаже или ќе им го забрза падот.

За да не бидам погрешно разбран, ќе напоменам дека не повикувам на бојкот, туку напротив сметам дека масовно треба да се излезе на гласање и тоа од причина што на тој начин токму со пенкало демократски и реално администрацијата ќе ја казни оваа нехумана власт и второ, затоа што ќе се оневозможи плаќањето на високата цена за услугите на ДУИ. Впрочем, сметам дека ДУИ е на залезот и тоа многу бргу, а во наредниот период криминалниот дел од ДУИ ќе треба да се соочи со казната според правниот и судски систем. Ова не е моја интимна желба или политички хир за одмазда, токму ова го покажува односот кои нашите сограѓани Албанци го имаат кон политиките на ДУИ и нивното лидерство. Колку и да се обидува ДУИ да ја дигне високо цената за своите услуги толку повеќе треба да не успеат во тоа.

Поради овој контекст на внатре коалициони релации во власта би и советувал на колешката Сиљановска да биде потполно мирна и да ги игнорира глупавите напади врз неа за наводна албанофобија. Едноставно нема потреба да се влегува во наративот на СДС-то кои на овој начин се обидува да наметне глупава тема за расправа и докажување во јавноста за да може да ја испегла високата цена на ДУИ за „поддршката“ во вториот круг што практично и ја потврдува мојата констатација дека ДУИ и СДС-то на терен кај Албанците како и кај Македонците стојат многу лошо. Одговорот на ваквите напади е едноставен и се нарекува „ГЛУПОСТИ“. Потоа се преминува на дебата за суштествените теми за кои СДС-то и Заев и Пендаровски не сакаат да зборуваат, а патем им се поставува едноставно прашање: „Што стана со сите ваши ветувања за живот за сите“?

Знам и тоа со сигурност дека на ова прашање нема да можат да одговорат, од едноставна причина, затоа што се изгубија во сопствените лаги и живеат во виртуелен свет. Ние не живееме во нивниот виртуелен свет и да не наседнуваме на нивните манипулаторски активности во кои си ја утврдуваат внатре коалиционата цена и вредност на невредните.

Отрезнувањето од виртуелниот свет треба да им го приредиме на 5-ти Мај со масовна излезеност и гласање за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, колешката Силјановска-Давкова, а потоа да побараме Заев барем еднаш на крајот од лажливата кариера да биде од збор и да се распишат предвремени парламентарни избори. На тие предвремени избори еднаш за секогаш да биде поразена политиката на лаги, манипулации и измами.

На сите Православни верници им го честитам најголемиот празник, празникот над празниците, Христовото Воскресение-Велигден.

ХРИСТОС ВОСКРЕСЕ!
НАВИСТИНА ВОСКРЕСЕ!

Вонреден професор д-р Оливер Андонов