четврток, 24. јануари 2019. Вести денес: 72
home Колумни

ВРЕМЕ Е ЗА ИСКЛУЧОК

ВРЕМЕ Е ЗА ИСКЛУЧОК

Најлошата година досега изминува за некој ден. Доаѓа подобра или не?

На самиот старт од 2019 – та не’ очекуваат конечните измени на Уставот на РМ, а со самото тоа РМ ќе остане запишана во историјата.

Оние кои од историјата на сопствената земја се плашат и не се гордеат со неа, оние кои ќе не’ однесат во ЕУ и НАТО безимени, без корени и без достоинство. Ете тие ни ја направија 2018 – та најтешка и најболна, а во 2019 – та ќе не’ дообезличат и доуништат.

Горди, насмеани и полни со себе, не гледаат што околу нив се случува. Не гледаат дека Македонецот плаче, страда и ги колне. Не гледаат ништо околу себе и зад себе. Одат, газат и уништуваат.

Мајките нивни, горди ли се на своите чеда? Децата нивни, ќе имаат ли уста утре да се пофалат со делата на своите родители?

Жална е Македонија што родила вакви синови и ќерки. Жално е ова време во кое синот плука на таткото и го продава неговото наследство.

Проклето да е ова време, ако во него нема веќе морал, достоинство и почит. Проклети да се сите кои погазија на своето потекло. Која иднина гледаат? Каде одат? Со кого? За што?

Милион прашања, а само еден е одговорот. Македонија нема веќе да биде она за што 27 години наназад, секој со своја борба и работа, се трудел да ја сочува и надградува. Самостојна, суверена и независна држава беше сонот на Гоце, Даме, Христо, Кузман, Невена, Ченто… Тој сон стана реалност, а сега некој бега од реалноста и трча во прегратките на Европа, но притоа продавајќи се себеси и своето достоинство.

Плачат многу македонски срца. Нивните солзи течат по македонската земја. Порано таа иста земја беше натопена од крв, сега е од солзи. Солзите на македонскиот народ ќе ја испишат оваа македонска трагедија на 21 – от век. Токму тие солзи ќе бидат сведоците на ова невреме.

А, само времето никој не успеал да го сопре. Тоа неодминливо тече и собира се’ со себе. Спомени, солзи, маки, страданија, успеси, порази, подеми, неправди…

Македонија е земја на сонцето, а сонцето е безвременско. Македонија е сонце кое мора да продолжи да изгрева.

На залезот на ова македонско сонце, во лето господово 2018 – то, солзите капат, душите се кинат, а некој слави победа, Пирова победа.

Кога би можеле, секој на кратко, да се исклучиме на момент од секојдневието и да ги затвориме очите, да вдишеме длабоко и да си признаеме. Исклучете се од се’и мислете на Македонија! Дали вреди да се приклучиш кон сите, затоа што тоа сите го прават или вреди да бидеш исклучок и да постапиш поинаку, а правилно? Да бидеш доволно умен, но и доволно претпазлив, доволно храбар, но и доволно свесен на ризикот. Да бидеш свој меѓу многумината, единствен меѓу останатите, достоинствен.

Времињата секогаш биле такви или онакви. Луѓето се тие кои живеат во тие времиња и кои ги оквалификуваат како такви или онакви. Во денешново време најмногу ни недостасува човечка вредност, почнувајќи од домашното воспитување, семејните вредности, морал, сочувство, скромност, почитување, помош…

Се мразиме родово, се мразиме политички, национално, социјално… Има ли начин да се засакаме? До времето е или до луѓето?

Што да се направи? Има ли начин да се засакаме и да ја оставиме таа љубов да трае, да продолжи и да ја сочуваме? Има ли можност македонецот да ја спаси Македонија?  Македонија тоа го заслужува. Македонија чека на момент на исклучок. Македонија ги одбројува деновите… Македонци, каде и да сте, освестете се и исклучете се за момент. Има ли шанси? Оставете ги партиите и религиите. Мислете на Македонија. Нашата Македонија, која не’ чувала и негувала, која не’ задржала и благословила, која е наша и единствена.

Предлагам да почнеме секој поединечно, сега, денес. Да почнеме секој од себе, секој од своето дете, секој од својот другар, колега, сосед, брат… сега, за да не е предоцна, за да не е залудно, за да нема крај Македонија.

Ова време подеднакво за сите тече и подеднакво за сите е важно. Време е да се смени времето!

Време е да се смени поединецот во секој од нас!

Време е да се смениме, зашто ќе ни снема воздух, ќе ни снема простор, ќе не’ снема нас. Без Македонија, ќе нема веќе време за поправки. Без Македонија, нема да не’ има нас, истите. Македонија е се’ што имаме!

Време е за исклучок!

Дафина Стојаноска