понеделник, 12. април 2021. Вести денес: 98
home Колумни

ВО НОРДИСТАН СЕ Е ДОЗВОЛЕНО

ВО НОРДИСТАН СЕ Е ДОЗВОЛЕНО

Зборовите морал, етика, идентитет, традиција, култура, општествена одговорност, дедовина, припадност… загубија секаква вредност. За жал, последните неколку години како да исчезнале од македонскиот речник но и од животот на сите кои живеат тука.

Се прашувам, како ги воспитувате децата по дома? Или вашите внуци, сестри, браќа?

Сигурна сум дека поголемиот дел од вас, не ги воспитуваат во духот на омразата и посакување нечија смрт.

Неколку години, по социјалните медиуми, за жал постојат ликови (намерно или ненамерно), кои мразат се што е живо. Инспирирана од последниот пост на еден „Љоко Писател„ на кој сме сведоци дека последните години толку многу омраза истури при секое негово „пишување“, почнав да размислувам дури и на тоа дека некој намерно ја протежира неговата луцидност.

За да посакуваш нечија смрт како таа на пратеник и лидер на опозиција, да навредуваш: жени, девојки, мајки, да си против своите сонародници истурајќи еден тон омраза, не може да биде ништо друго освен тешка психичка состојба.

Но, ајде ќе речеш, хартија трпи или по ново статус на ФБ трпи се, но каде е санкционирањето? Каде се сите оние посебни институции кои беа задолжени за спречување на говорот на омраза? Дали е тоа дел од една ПР стратегија на еден политички тим? Не би сакала да верувам, дека е така.

Говорот на омраза на политичка основа многу  тешко е  да се екстрахира од личните дискредитации и објективните критики упатени на сметка на политичките партии и нивните претставници. Во конкретниот пример, говорот на омраза се преклопува со говор на омраза на верска, етничка и расна основа. Многу често дисквалификациите, дискредитациите и навредите упатени кон политичките лидери се проектираат врз целиот политички субјект, неговите членови и симпатизери.

ПР кампањите кои генерираат ваков тип на говор на омраза многу често се систематски организирани, а се со цел да се промовираат сопствените цели и дискредитира политичкиот противник. Зарем  никој не размислил дека особено во услови на интензивна политичка мобилизација (избори, пописи и сл.) политичкиот говор на омраза може да ескалира со насилство? Очигледно, не.

Зарем малку ни е сета оваа политичка и здравствена сага? Зарем малку ни се изгубените животи предизвикани од колапсот на здравствениот систем во државата? Малку ли ни е секојдневното вреѓање на нашата интелегенција од страната на властодржците на секое поле?

Одговорот е едноставен – сме им дозволиле. И се додека „наведната глава, сабја не ја сече“, некој ќе поттикнува омраза меѓу нас, ќе си дозволува својата инфантилност да ни ја прикаже како нормална, а нивната слабост ќе ја демонстрираат со навреди и омаловажувања.

Се додека, главните ПР-џии на оваа Влада, не разберат дека ако се качиле до врвот, не значи дека победиле. Јас како академски граѓанин одбивам да го прифатам „новото нормално“. Нормално не е ништо а ненормално е се.

колумна на доц.д-р Викторија Трајков

Коронавирус