четврток, 12. декември 2019. Вести денес: 0
home Колумни

Ветуваа ЕУ, а добивме Шенген од Али експрес

Ветуваа ЕУ, а добивме Шенген од Али експрес

При распадот на Југославија бев дете во основно школо. На 8 септември во периодот кога беснееше војна во Хрватска, по краткото насилство во Словенија, Македонија на мирен начин, со референдум се одвои од тогашната федеративна заедница. Босна и автономната покраина Косово, беа буре барут кое по некое време ескалираше и експлодира.

Политичарите ни ветуваа, треба да се одвоиме за да се обединиме, заедно во Европа. Од самиот старт, се покажа дека нашата битка ќе биде тешка. Иако според извештајот на Роберт Бадинтер, бевме единствената екс-Ју држава која демократски се одвои, со демократски Устав за кој францускиот државник и дипломат Роберт Бадентер изјави дека е единствениот од поранешните Ју-републики кој е по сите стандарди.

По блокадите, заканите и уцените, срамната Лисабонска декларација, Македонија пристапи кон промена на Уставот, самата се откажа за грижата за Македонците во соседството, го смени знамето и еден куп други отстапки. Влезе во Обединетите нации под привремена референца, Поранешна југословенска Република Македонија (ПЈРМ) која актуелното раководство Глигоров Црвенковски не убедуваат дека е за неколку месеци, додека не легнат работите и падне договор со Грција.

Македонија почна да тоне во мрачните години на транзицијата. Срамна криминална приватизација, над 200.000 луѓе ги изгубија работните места, пропаднати пари од старите девизни заштеди, и нова огромна афера, ТАТ, а со неа и еден куп помали штедилници. Народот беснееше, еден куп фамилии се распаднаа, секој ден весниците беа полни со некролози.

Дојде до промена на власта, а по недела година, дојде и нов шок, Косовската воена криза. НАТО низ територијата на Македонија влезе на Косово по двомесечно бомбардирање на Србија. Претходно стотици илјади косовски граѓани како бегалци се прелеаја во Македонија и Албанија. Тешки времиња. Секојдневни неизвесности. Македонија излезе голема, и мудро се справи со сите предизвици, иако беше очигледно дека некој сака ситуацијата да ескалира и кај нас.

Не цела година по стабилизирањето на Косовскиот воен конфликт, истото се случи кај нас. Цели шест месеци под стрес и закана, еден куп случаи кои ден денес останаа отворени. Рамковен договор. Западот рече дека си истиот одиме напред, се модернизираме, осовременуваме, почитуваме малцинските и човековите права. Го ратификувавме Договорот  за стабилизација и асоцијација. Дојде до нова промена на власта.

Разоружување, по многу нешта фиктивно. Следува промена на територијалната организација на Македонија. Општинско прекројување. Од 123 општини, се скратуваат на 84, плус градот Скопје, регулиран со посебен закон. По начинот на кој сето тоа се изведува, евидентно е дека намерата не е да се направи нова ефикасна прераспределба, туку пазар. Поделбата и денес влече реперкусии, одредени општини тонат и се раселуваат, се менува етничкиот состав… Народот за прв пат собира потписи и организира референдум. Актуелната власт истиот го саботира со контра пропаганда и мото: „Некои прашања не заслужуваат одговор!“ Во предвечерјето на гласање два дена пред истото САД  ја признава државата како МАКЕДОНИЈА. Референдумот пропаѓа.

Во годините кои што следат Македонија вкупно 9 пати добива препорака за датум за отпочнување на Преговори за Европската унија. На Самитот на НАТО во Букурешт 2008 година, иако Џорџ Буш џуниор, јавно изјавува дека утредента во НАТО влегуваат Хрватска, Албанија и Македонија, нашата мила земја останува надвор од процесите. Експресно паѓа грчката влада по насилни протести и партијата на власт, а Македонија влегува во сценарио кои останува актуелно до денес.

Уште тогаш се слушаа гласови, дека нема НИКОГАШ да бидеме дел од Европската Унија. Дека пред 2035 може да сонуваме. Дека треба да влеземе во НАТО, но за ЕУ малку потешко. Дека Европа ќе ни предложи нова форма на Југославија, без Словенија и Хрватска, плус Албанија. Сето тоа кое се зборуваше, остана на маса.

Се смеевме за наметнатото Северна Македонија, Горна Македонија, Вардарска Македонија. Тогашната власа преговараше за Република Македонија- Скопје, но никогаш ЕРГА ОМНЕС, за севкупна употреба туку строго двојна формула, со цел да останеме не допрени внатрешно и во самиот Устав.

Како вчера ми одѕвонуваат зборовите на Шеќеринска на изборите во 2008 година, е дека доколку победи ќе го реши спорот за името за 6 месеци и ќе не внесе во НАТО. На тие избори СДСМ го имаше најголемиот пораз во историјата на своето постоење, освои едвај 220.000 гласови.

Актуелната власт направи се спротивно од она што го ветуваше.  Даде се’, а не доби ништо. Потпиша еден куп договори на штета на националниот интерес на Македонецот. Вадењето на тоа дека претходната власт била криминална, дека изнеле милијарди и дека ќе ги вратат парите, остана уште едно празно ветување. Нит се вратија пари, нит се осуди некој битен. Но „јадеа“ маргинални личности и извршители, а оние по „курназите“ се договорија, па сега глумат критичари на опозицијата, а се „во кревет“ со власта.

Луди времиња! Луди времиња во кои народот остана шашардисан, силуван, растроен, обезличен и демотивиран. Било каква надеж, која ја бара во опозицијата, пробува да се сатанизира.

Ништо не правите драги мои државници, амбасадори, евро дипломати и локални политиканти! Со овој предложен Шенген од Али експрес можеби ги задоволувате апетитите на етничките Албанци и Срби, но ги заклавте Македонците. Македонецот може да биде слободен и обединет со своите браќа и да работи и соработува, само во ЕУ, а и да ги добие своите етнички права. Малиот Шенген, или Шенген од Али Експрес, долгорочно е за нас погубен.

Македонија мора да има чисти ко солза избори, ново парламентарно мнозинство, потоа чист европски попис на население и домаќинства, без еден политичар инволвиран и без етнички проговори, дури и по цена странци да се инволвирани (бев дел од пописот 2011, тоа беше фарса и гадотија како некој се обидуваше да штанца луѓе), и потоа драстичен рез во сите сфери на општественото живеење. Новата Влада ќе мора да одлучи: Или ќе инвестира во младите, учените и професионалците, или ќе ги поткупува пензионерите, гребаторите и мрзливите. Овие првите бројчано се помалку, ама тие носат прогрес за сите.

Или ќе имаме здрава држава или кажете кој сака да не прибере, приклони, анектира, што да е… затоа што веќе станува смешно.

Александар Ристевски

П.С. И да, за сите оние кои после вториот пасус се спремни да плукаат …да, криви сме СИТЕ за ова до сега. СИТЕ! Но ова сега е дното!