петок, 15. октомври 2021. Вести денес: 133
home Колумни

Ветер во едра за потонатиот брод

Ветер во едра за потонатиот брод

Ви мириса на чад? А онаму каде го има, има и оган.  Да, уште додека црпнатиот премиер во старозаветен занес паѓаше и самозапалување по новинари нудеше, на сите им стана јасно. Потоа и дуел следуваше, каде бесот, реакциите и фацијалната експресија на Заев само потврдија дека, очебијно, крајот е многу близу. Велат дека тоталното забегување е најдобар доказ за нечија паника, страв, уплав…

Знаете, кога ќе се спомене владата на Заевци, освен на гнев, револт и нагон за повраќање, веднаш ви текнува и на онаа стара анегдота за Тито. Онаа, кога среде Недојдија, возот се расипал. Ама, немало трте-мрте, возот морал да вози. По секоја цена. Па така, патниците сопартијски излегле, та едни од едната и други од другата страна на вагонот во кој седел маршалот го клателе ли клателе. Еден морал од време на време и да пишти: Чуууууф-чууууф, чууф-чуууф!!! Нема заебанција, нели, прикаската мора да се движи…

Слично е и кај Заевци, комуњароидни потомци на комунистите (не на партизаните, туку на функционерите) кои го лапнаа и имотот на партијата чии наследниците се. А генетика не е заебанција, оти вистината е дека брза кучка не слепи, туку брзи кучиња раѓа, а кај СДСССС функционер – функционер раѓа, судија-судија, обвинител-обвинител, министер друг министер, лекар-лекар, директор раѓа директорче. И така било, а и останало кај заборавените во времето кои крајно буквално ја сфатиле поговорката дека круша под круша паѓа…

Да, и возот на Заев одамна е насанкан и стои среде никаде заедно со Македонија, ама пи-ар стратезите мора да лажираат, па клацкат ли клацкаат северџаните од двете страни, давајќи привид за движење на насанканата им композиција. Арно ама, за жал, привидот минува само кај нивните најслепи поклоници, чеда црпнати од редот на мрзеливите со ветување за блескава кариера, безделници за кои не е проблем што магарето лета. Па го леткаат ли леткаат, кој за тендер, кој за вработување, кој за унапредување, кој само и за ветување од трите…

Не им е лесно ни на Заевите стратези и ширачи на магла, дефинитивно. Особено сега, кога модуларните болници ја ремодулираа свеста на народот за вистината и тоталната неспособност зачинета со лапај-кркај бизниси на Заевче, Филипче, Стојанче и другите човечиња по македонштина, политикантски деминутиви со контрадикторно огромен  апетит  на џинови. Ама маглопроизводителите пусти морале да си ја заработат солената платичка…

Имале уште еден голем проблем. Ова не бил ни воз, туку повеќе брод кој тонел со огромна брзина, Титаник можел вода да му носи. А надолу, кон длабочините, го м’кнеле многумина, кој од кој милениче на Зочето. Гоамити од олово ко да е – тегнел Рашко, м’кнел и Боки, влечела удолу и Катица гушната со Димова, буткал надолу јако и Кичеец со братска помош на Боро Малборо кому пак колегата Курто му стоел на рамена за да побрзо потоне. Најјак во м’кнењето удолу бил Дончев, се’ до еден момент кога Министер за смрт Втори го презел приматот и станал тегнач нумеро уно, што како северџан нумеро дуе во СДСС и не му било мака. Среде тетовска трагедија по „Пријателство“ отишол и во братска му Грција на плажа со Вицето, само и само да даде силен „допринос“ кон заедничката бродска кауза. Е, ај што тонел, туку и Зоче аврамејски додал масло во огнот и буквално го запалил истиот. Па така сите придонесувајќи со најразлични криминали, палежи и неумесни дејанија, во најслободен пад тонеле ли тонеле кон дното…

А пи-арџиите, „професионалните“ медиуми и новинари, експерти и останата провладина багра дерман немале, се пуфкале-туфкале, врискале, чаделе и пиштеле, спинувале, се јадосувале, кукале и извртувале, се’ и се’ за да му дадат ветер во едра на запалениот брод кој тонел без заддршка…

Им светнало на пропагандистите, па  измислиле и плаќале лажни, надвор од умот анкети, демек победнички за да го подигнат „моралот“ на паднатите им во тежок очај соборци. Џабе. Ај што морал немале за да го подигнеш, туку сопатниците им бродско-партиски веќе наголемо фаќале усвета. Знаете добро кој прв го напушта бродот што тоне. Уште поџабе и поутопијски бил комичниот ветер во едра за одамна потонатиот, веќе изгорен  брод на Заевци, кој сериозно грепкал по дното. Тука оркан и торнадо одамна не помагале, не па северно ветренце…

И не бадијала, ЗЗ вчера изваден од такт забегано ги праша новинарите дали треба да се самозапалат ко Влада? Јок, не треба таква „саможртва“, оти така лесно не минувате. Само дајте си оставки од позициите на кои и онака никогаш и не  требаше да бидете, па после пироманчиња, ако толку сакате да си направите ќеф „самозапалете“ си ги уверенијата за функциите заедно со украдените пари, сите заедно збрани на клада на плоштад, онаму каде што ги планиравте учебниците по историја. А после, ееее после че си одговарате, па че си лежите. Многу милувате да продавате прикаски, нели? Епа, за вас има неколку народни, онаа „кој на друг гроб му копа…“ и другата која вели дека од пишаното не се бега, колку и да затварате, притварате, осудувате…

Коронавирус