недела, 31. мај 2020. Вести денес: 22
Актуелна тема

Од минута во минута за ситуацијата со коронавирусот во Македонија и светот

home Колумни

Укинување на закон

Укинување на закон

Овие денови Уставниот суд го укина Законот за заштита од дискриминација, поради тоа што бил донесен противуставно, односно спротивно на член 75 од Уставот, со 55 гласа “за” во собранието, а требал да биде донесен со најмалку 61 глас. Поради бранувањата во јавноста, разни дезинформации и полувистини ќе образложам како одеше целата постапка со овој закон.

Имено, во време на т.н. “режим” кога главно се донесоа сите реформи за влез во ЕУ, тогашниот министер за руд и социјална политика – Диме Спасов, потпиша решение со кое требаше да се направат измени и дополнување на овој закон. Во работната група беа вклучени  невладините организации од оваа област и ОБСЕ. Со телото раководеше Министерството за труд и социјална политика, а учествуваше и Комисијата за заштита од дискриминација со свој претставник. Се работеше за неколку измени кои ги бараше ЕКРИ, телото за борба против расизам и недискриминација на Советот на Европа, кои беа навистина потребни и корисни.

Одеднаш, таа одлука (бидејќи нема друга) телото во кое Министерството учествуваше на ниво на помошник министер, подржано од невладините организации, наместо измени и дополнувања, по промена на власта, некаде во септември 2017 година, одлучи да се донесе нов закон. За разлика од другите закони, власта убедена дека со сигурност ќе добие добро мислење од Венецијанската комисија, законот го испрати до неа уште пред да го стави во постапка за донесување. Арно ама, од таму не доби позитивно мислење. Главна забелешка од која Венецијанската комисија не се откажа до крај, е дека актуелната комисија не смее да се менува и дека тоа би значело вршење притисок врз независно и самостојно тело на собранието. Како ќе се заштитат граѓаните од дискриминација, ако телото кое треба да ги заштити не може да го стори тоа за себе. Намерата на тогашната министерка беше ова тело да го стави под своја целосна контрола и сите членови да се изберат по желба на власта, без никаква самостојност и независност, што е спротивно на целта за заштита од дискриминација. Поради тоа Венецијанската комисија предложи законот да се донесува со просто мнозинство, но комисијата да се избира со двотретинско мнозинство, за да има компромис при изборот. Овој предлог исто така до крај не беше прифатен од власта.

Самиот закон беше многу лошо направен. Но тоа не им пречеше на невладините организации, за кои пред некој ден го слушнавме поранешниот премиер Зоран Заев дека сите невладини и се што е платено од Сорос се негови луѓе. Во законот на пример имаше одредба комисијата да стане професионално тело. Ова не е случај никаде каде што Омбудсманот е професионална институција. Тоа, мала држава нема да може да го поднесе ниту финансиски, иако во законот не беше образложено како ќе се обезбедат средства за негово имплементирање. Од друга страна, ако имате професионална комисија, мора да е регулирана квази судската постапка која ќе ја води таквата комисија. Повикување на странки во постапката, сведоци и други учесници, начин на обезбедување на докази и друго.

Во меѓувреме, Европската комисија испрати писмо дека ги подржува препораките на Венецијанската комисија, телото за еднакви можности на Европската унија, испрати писмо директно до министерката Мила Царовска. Во писмото стои дека е спротивно на принципите на ЕУ кои се засноваат на почитување на човековите права, да се врши притисок врз ова независно и самостојно тело. Министерката им одговори дека досегашните членови ќе имаат право да се кандидираат повторно, на што тие и објаснија дека е едно правото на кандидирање, а друго вршење на притисок на ваква комисија.

Поради ваквото насилно постапување со законот, тој не помина ни во Министерство за правда, па не е номо-технички обработен. Така во него се внесени одредби што се регулираат со Законот за парнична постапка, што е апсолутно спротивно на Уставот и на тој закон како системски.

Но политичкото насилство продолжи, па така експресно беше ставен на седница на влада пред две години, па беше вратен поради доработка и испратен во Собрание со европско знаменце, за да се изгласа во скратена постапка, со класична злоупотреба на моќ од страна на власта, бидејќи тоа не е дозволено.

Кога претседателот на Собранието виде дека е направена грешка, го препрати законот во Собраниската комисија за труд и социјална политика, каде што веднаш се создадоа сомневања дали навистина се работи за реформи. Не можеше да се обезбеди потребното мнозинство неколку месеци, па законот беше вратен во Комисијата за европски прашања повторно поради скратена постапка. Тој истиот ден беше ставен на дневен ред и без никаква јавна расправа, во истиот ден  усвоен (веројатно само на хартија) и пратен на пленарна седница на Собранието. Таму едвај помина со 51 глас бидејќи и ДУИ сметаше дека не е добар. Потоа претседателот на државата го врати назад во Собранието, каде што беше усвоен противуставно со 55 гласа околу 18 часот приквечер, а во истиот ден е потпишан од новиот претседателот и објавен во Службен весник, што е физички невозможно.

Комисијата, по неколку дена поднесе иницијатива за испитување на уставноста, бидејќи евидентно се работеше за противуставен закон. Во изјава за “Телма”, претседателот на Уставниот суд изјавил дека таа иницијатива стоела со месеци кај него во фиока и морал да ја стави на дневен ред. Тој призна дека уште кога била усвоена иницијативата тој бил против, а сите други судии биле за усвојување на иницијативата. Евидентно дека се работи за политички притисок, кога тој го довел својот личен интегритет во прашање, наспроти сите други судии, за кои неспорно било дека законот е донесен спротивно на Уставот. Негова работа е да го почитува и спроведува Уставот, а не да се впушта во други прашања, како на пример дека триесет закони се донесени на тој начин. Можеби токму поради неговиот став дошло до укинување на законот, наместо поништување, што е во согласност со Уставот.

Поради ваквата одлука државата е веќе една година без ова тело, а ќе остане уште една година. Тоа е брука за нашата државата, пред Европската Унија, но и оставање на населението без заштита во оваа област. Смешно е да тврдите, дека други тела можат да го заменат ова. Нема држава членка на ЕУ, па и што не е членка, што може да си дозволи да ги остави граѓаните без ваква институција толку време, поради политички причини. Исто така, државата може да го загуби статусот на земја членка на Еквинет, тело за еднакви можности на Европска Унија, бидејќи нема активности веќе една година. Тоа е единствена институција на ЕУ во кое Македонија е рамноправна членка. Постапката за враќање на тој статус трае околу три години. Сето ова за некои претставници на власта не е важно.

Во меѓувреме Комисијата за заштита од дискриминација не работи цела година и ниедна Невладина организација, кои се под целосна контрола на поранешниот премиер не кажаа ни еден единствен збор, не само за законот, туку за ниедно друго прашање во врска со дискриминацијата. Тоа не го направи ниту пратеничката Маја Морачанин, која силно лобираше за донесување на овој закон, од позиција на заменик член на комисија, која дури протестираше заедно со истите невладини за донесување на законот, иако нејзина работа е да постапува институционално, ниту пак “силната” лобист-ка Симонида Кацарска, како “експерт” за евроинтеграции, за кои сум сигурен дека не го ни прочитале законот, барем според тоа што го зборуваа во јавноста.

Во дебатна емисија на “Телма” со пратеникот Влатко Ѓорчев, една претставничка на невладина, од тие за кои слушнавме дека биле под целосна контрола на Владата и поранешниот пратеник Павле Богоевски, за кој подоцна се откри дека нарачувал “прекурзори и психотропни супстанции”, откако јас образложив во што се состојат лошите страни на законот, тој рече: “ние не го менуваме законот заради евроинтеграции, туку за да те смениме тебе и целата комисија”. Со оваа реченица тој јасно даде до знаење на јавноста за што се работи. Инаку по основите кои се додадоа во сега веќе неважечкиот закон, “сексуалната ориентација” и “транс-родова-ориентација”, комисијата веќе одлучуваше бидејќи според член 3 на стариот закон, беше дозволено да се одлучува по сите други основи предвидени во меѓународните договори, па така и по овие.

Ова не се споредува ни со “режим” ни со “хунта”, ова е веќе анархија.

Проф. д-р .Александар Даштевски

Коронавирус