недела, 21. октомври 2018. Вести денес: 72
home Колумни

Твојот довчерашен „непријател“

Твојот довчерашен „непријател“

Кога се води политика и кога се создава или надградува држава се исклучуваат емоциите, тоа е брутален процес со жртви. Познатата „целта ги оправдува средствата“ упатува на спремност да сториш сѐ до конечната цел. Ова емпириски ни го потврдува претседателот на српската влада, Милован Миловановиќ, при склучувањето на сојуз со Бугарија потпишан на 29 февруари 1912 година пред почетокот на Првата балканска војна, велејќи: „Ние сме подготвени на сѐ, и ќе влеземе во секаква комбинација, со бога или со ѓаволот ако треба за да го спречиме решавањето на македонското прашање на штета на нашите животни интереси”. Или попластично кажано: ние ќе се осојузиме и со вечните непријатели, само да ги прошириме државните граници на сметка на Македонија, бидејќи тоа е наш државен интерес. Кој не ги разбира овие зборови и кој не е спремен да соработува со довчерашниот непријател во полза на државниот интерес, тој воопшто не треба да се впушта во политика.

Наивно е да се верува дека Владата предводена од СДСМ има некакви задршки и линии кои не би ги пречекорила во преговорите со Република Грција. Поизвесно е дека задршките и линиите доаѓаат од Атина која 25 години повторува едни те исти небулозни барања кои се гаранција за ќорсокак. Со оглед на тоа, прашање на време е кога премиерот со драматично и срцепарателно медиумско обраќање ќе и обзнани на нацијата дека тој едноставно немал срце да го деформира идентитетот на својот народ.

Имавме можност да видиме како еволуирале позициите на Грција од 90-те години до денес. Не е потребно некакво големо предзнаење за човек да заклучи дека грчката политика тројно ги радикализирала своите максималистички барања и дека ваквиот развој е целосно нелогичен. Кога на ова ќе го додадете и сразмерот на силите во 90-те и денес ќе ја добиете најконфузната слика во светската политика, а можеби и најјасната, зависно како гледате.

Во 90-те години, кога под знак прашалник беше ставен опстанокот на Република Македонија, кога економијата ни беше во колапс, кога имавме скромна надворешна политика и слични црнила, токму тогаш Грција со својата 160 години стара дипломатска машинерија, која според многу параметри е една од најефикасните во светот, била помалку радикална во своите барања. Во 2018 година кога Република Македонија, во споредба со 90-те, е држава застаната на нозе грчката политика тројно се радикализира.

Според некоја логика, која можеби е и наивна, државата која отворила небулозен спор за името на нејзиниот сосед, за кој се разговара и преговара четврт век, би требала да отстапи барем чекор назад од стартните позиции, нелогично е кога таа страна прави чекор напред исцртувајќи нови уште порадикални линии.

Следејќи го развојот на грчката политичка мисла, природен заклучок е дека секое приближување на Македонија кон НАТО ги радикализира грчките политичари. Ова експлицитно го видовме во 2008 година на самитот на НАТО во Букурешт. После точно 10 години кога повторно се актуелизира влезот на Македонија во НАТО, Грција повторно се радикализира. Се поставуваат неколку логични прашања: „Дали Грција има загуба доколку Македонија влезе во НАТО?“, одговорот го знаеме: „Нема загуба, напротив, многу би добила“. На ова се надоврзува прашањето: „Што е тоа што ја тера Грција свесно да оди против сопствениот бенефит?“.

„Ако не е Грција тогаш кој е?“

Кога за некое прашање немате опипливи докази кои ќе ви го дадат одговорот посочувајќи кој е одговорен за текот на настаните, обично одговорот се бара во прашањето: „Кој има бенефит од таквиот развој на настаните?“. Или уште подиретно да го поставам прашањето во контекст на темава: кој има интерес да ја држи Република Македонија во друштво со Србија и Република Српска?

Заеднички именител за Србија, Грција и Република Српска е силата заради која и се создаде НАТО Алијансата. Грција, колку и да се осеќа регионално моќна, никогаш не би се осмелила да оди контра интересите на САД и НАТО доколку за тоа нема цврсти гаранции и поткрепа од некоја светска сила. Интерес да не влезе Македонија во НАТО, секако, имаат Русија и Србија, и тука нема ништо спорно, тоа е нивниот интерес и стратешка определба. Проблемот настанува кога нашиот интерес и стратешка определба се конфронтира со нивниот. Руската Федерација не поседува механизам со кој би го спречила влезот на Република Македонија во НАТО, Србија уште помалку поседува таков механизам, но затоа Грција го поседува најелегантното оружје наречено „вето“. Македонската јавност е многу малку запознаена со руското присуство кај јужниот сосед кое има историска димензија и тежина. Во Грција, Србија и Бугарија повеќе од сто години опстојуваат политички партии чија програма се состои од насочување на државата кон Русија, Британија или Франција. Јавноста уште помалку е запознаена дека денешните политички партии кај соседите влечат континуитет токму од овие партии.

Радикализирање на грчката политика пред македонското приклучување во НАТО, масовни протести во Атина предводени од грчки владици, никнување на нови политички партии кои се повикуваат на Москва, мене ми звучи како логичен след на настаните за блокирање на Македонија и нејзино брутално условување со националниот идентитет. Одговорите на овие прашања го покажуваат правецот на ветрот кој на Македонија и на Македонците им го оспорува нивното постоење.

Созреано е времето САД и земјите членки на Европската Унија да се позанимаваат со политиката на нивната земја членка која во полза на рускиот интерес нас не условува со промена на името при остварување на нашите интереси. Максималистичките барања на Грција очекувано водат кон стопирање на проширувањето на НАТО и ЕУ и зграбување на сфери на влијание, ваквата состојба сигурно не и одговара на Македонија, уште помалку на Европската Унија, а за НАТО Алијансата и САД да не ни помислуваме.

Сериозен политичар треба да биде спремен да соработува со довчерашниот непријател во полза на државниот интерес. НАТО и Европската Унија не се субјектите кои од нас бараат да си го промениме името на државата, тоа од нас го бара силата која сака да го спречи проширувањето. Доколку Алијансата и Унијата сте ги сметале за некакви „непријатели“ сега бидете спремни да соработувате со нив за да си го зачувате идентитетот и да си го остварите интересот. Тоа е зрела и државничка политика.

Никола Србов