недела, 11. април 2021. Вести денес: 109
home Колумни

Тројанскиот коњ и муртинското магаре

Тројанскиот коњ и муртинското магаре

Данајците си имале еден коњ. Тројански, затоа што им помогнал да ја освојат Троја. Добар коњ, измамнички, башка дрвен. Милениуми подоцна, Грците пак се нашле во тесно. И им текнало на Хомер, па посакале пак да имаат ваков коњ. Ама не за Троја, туку за Македонија. Барале, барале и барале. Со боринче. И си нашле. Но, не коњ, туку едно магаре. Муртинско било. И ова дрвено ко тројанскиот му роднина, ама во главата…

Да, не било најумно, ниту најквалитетно според магарешките мерила, ама било многу послушно. Најпослушно и најисполнително „у свет“. А токму такво им требало…

Башка, дотичното магаре имало криминално минато. Богато. Многу му лепеле коптицата и му мрдале ушињата. Уште една силна подобност и продобивка за грчките стопани. Па така, современите Данајци ги спрегнале врските силни, ’рчнале во азното и го црпнале, спасиле и амнестирале магаренцето од нивата и од криминалите му. Возљубеното во Сорос милениче го стокмиле и лидер да стане, па револуции му организирале, пропаганда контра противниците на најјако пуштиле. Така, пустото станало „чисто“ пред законот, прв човек на држава, со силен багаж и огромен долг за уцена ако застрани од магарешкиот му пат…

И испаднало полн погодок. Тегнело, м’кнело, правело се што ќе му се каже. Било многу работно, упорно и корисно. За сите, освен за Македонците де. Завршило многу работи, се’ што ќе му наределе, правело. Ок, магаре ко магаре, постојано клоцало, тресело зелени и глупости правело, ама му прилегало, оти од него никој не очекувал Ајнштајн да биде. Тоа не било во описот на работното му место.

И благодарение на муртинското чудо, Данајците им смениле име на соседите, Устав, а како „приде“ добиле и откажување од македонското малцинство во Грција. Презадоволни биле стопаните, вакво добиточе се раѓало еднаш во историјата на еден народ…

Поведени од успесите, тројанскиот коњ маскиран во магаренце го бендисале и данајските соседи. Па го побарале и ним да им заврши некоја работа. А Грк ко Грк, трговец, им ја изнајмил муртинската направија на Албанците. Ним пустото им стокмило двојазичност, паралелен премиер, спикер собраниски, им дало и финансии на државата, изнавработиле и слепо и сакато, а сега спремале и Попис да им среди. Бројките стокмени во Мала Речица, Артан Нежниот веќе му ги врачил на извршителот.

Виделе убавините и соседите бугарски, л’цнале од среќа, па и тие си платиле. И Гркот сит, башка сите СДСССС-овци на број. На страна со тендери, вработување, унапредување… Чедата софиски си побарале да им измкне,клоцне и стокми историја, образование и јазик, по што муртинскиот азган сфатил дека е премногу за него, па повикал на помош неколку скопски магарици.

Не случајно, северните магариња скокнале на цена во Македонија и стотици илјади евра Владата дала за нивно образование. Ги дала Лидија, качи се на магаре па види ја.

И додека магарето работело ли работело, жителите на библиската земја Македонија најпрво немо и со неверица гледале, потоа полека почнале да се потсмеваат со него, за да завршат со силно смеење до солзи и шерет со глупостите му секојдневни.

 

Да, предоцна сфатиле пустите, дека додека тие си правеле мајтап, се јачале, дел се плашеле, а најмногу се делеле и кој од кој поголем патриот и Македонец изигравале по кооперациите, кафеаните и соц-мрежите, црпнатото магаре од нив самите направило НАЈГОЛЕМИ МАГАРИЊА.

И би, Магарија…

 

Коронавирус