сабота, 24. октомври 2020. Вести денес: 81
home Колумни

Трета фаза

Трета фаза

Пред повеќе од еден месец пишував за планот на Заев во три фази поврзани со изборите, а потоа повторно во една моја колумна се осврнав на втората фаза од неговиот план.

Сите политички индикатори во последно време укажуваат на тоа дека Заев на големо ја започнува третата или последна фаза во неговиот мастер план за изборите. Не е многу важно што се уште влече рецидиви (незавршени планирани активности) од првата и втората фаза, едноставно времето го притиска да забрзува до максимум. Времето кое го става во тесно е поврзано и со глобалните случувања и потребата изборите да ги заврши до средината на Јули, но за геополитичките случувања во светот во друга прилика, мислам дека сега е потребно потполно да се сконцентрираме на нашите собитија, а потоа да се вклучиме во анализа и евентуално дејствување во геополитичките случувања. Токму овие наши собитија укажуваат дека Заев продолжува со својот план и тоа доста агресивно на терен, а во меѓувреме внатре партиски ги дисциплинира час едната групација, час другата, во зависност од дневно политичките потреби или доколку некој како Манџурискиот кандидат без дозвола ќе се истрча на терен и ќе му ги загрози плановите и особено изборниот датум. Во такви случаи како што беше слободната волја на Манџурискиот кандидат да ја крши волјата на неговиот пресветол лидер и јавно да побара избори на 5-ти јули, следува „карантин“ како дисциплинска мерка.

Гледате како кумашинот Мухи дисциплинирано се повлече во карантин токму на време за случувањата во ИВЗ да поминат, каде што ДУИ покажа сила дека ја држи работата под контрола. Затоа сега Ахмети и Груби му ја испорачуваат сметката на Заев, токму навреме да се чеша кај што не го јаде, за евентуална пост изборна коалиција. Во меѓувреме Марија Антоанета невешто се обидуваше да се сокрие зад „заборавената 2001“ (иако тоа за неа не е вообичаено кога се во прашање логореични манипулации со меѓународната и граѓаните во пакет), а поради своите додворувачки настапи во Кичево, се со цел да се релаксира ДУИ во пресрет на идната можна коалиција. Тоа значи дека секоја комбинација е во игра, а пусти Заев и сака се да внесе во игра, бидејќи само во матно може да ќери мандат за влада.

Сите овие настани го тераат Заев да недовршените прва и втора фаза ги довршува во движење, а целосно да се посвети на реализацијата на третата фаза. Тоа што оваа „трета фаза“ е всушност масовно корумпирање на изборите, тоа никој нема да го гледа, бидејќи со сите сили ќе се притиска кон избори најдоцна до 15-ти јули (можеби малку, некој ден подоцна). Впрочем тоа ни го порача и Жбогар, а тој како и вообичаено ни ги кажува лошите вести, таков гласник е и не треба да го запоставуваме неговиот засега „осамен“ јавен глас на меѓународната. Тој глас е само предвесник за опипување на пулсот, а кога Заев ќе му даде знак на Вилипчета, оп ќе нема мерки, а потоа и Пендаровски ќе ја укине вонредната. Тогаш од карантин ќе излезе Манџурискиот кандидат програмиран за изборни брзи активности (специјализиран за држења за бради и за друго . . . итн.) и ние ќе си одиме на избори според нивниот план за 22 дена по укинувањето на вонредната состојба.

Во меѓувреме, за да не ни биде досадно ќе се забавуваме со тоа кој каде оди во полициски час надвор од Скопје каде што нема полициски час или кој во која кафеана со кого седи, а се со цел за сите да бидат уредно извалкани во истата кал (што понекогаш самите го дозволуваат од непознати причини). Но, дали забележувате нешто интересно, сите се некаде па дури и пола СДС во карантин, а Заев го „нема никаде“, тој е дисциплинираното момче кое чека да се појави на сцената по завршувањето на третата фаза.

Токму спроведувањето на оваа трета фаза за него е од витално значење. Не е проблемот да се спогоди со ДУИ, доколку успее да ја реализира третата фаза и да ги корумпира изборите, а според сѐ на добар пат е тоа да му успее. Многу едноставно, до почетокот на кампањата упорно ќе дели „хуманитарна“ помош на ранливи категории граѓани (и колку што може да се забележи во јавноста тоа стана нормално, никој повеќе не се „вознемирува“ од оваа ненормална нормалност), а во кампањата кога ќе ја има почетната предност ќе се концентрира на потполно корумпирање преку сите можни „легални“ методи, секако со парите од „позајмицата“. На време ќе се вклучат неговите олигархиски паретнери, како и од него создадената нова олигархија или бате Вице за да се истурат куп „државни“ пари со кои ќе се купат изборите.

Сето ова се одвива и ќе се одвива пред наши очи, а ние само ќе си гледаме, бидејќи како што може да се забележи, апатијата кај граѓаните е на големо ниво. Таквата апатија и му одговара на Заев, бидејќи тоа што може да го корумпира пред избори е она гласачко тело што може да излезе да гласа за него, другото не му е важно, според неговата математика подобро и да не излегуваат на гласање. За овие избори не е потребен цензус за излезност, така што и со 30% излезеност, Заев смета на легалитет, за легитимитетот да владее никогаш и не се грижел, едноставно му треба форма (сетете се како го изманипулира референдумот за името), никогаш и немал суштина.

По легалитетот на Заев или по завршувањето на изборите ќе заврши и неговиот мастер план. Потоа сметката, особено за третата фаза од реализацијата на овој мастер план ќе треба да ја платиме сите ние, бидејќи „позајмицата“ ќе мора да се врати, а сигурно Заев, бате Вице и останатите од нивната дружина нема да ја вратат. Тие за тоа и се борат, ништо да не платат и ништо да не вратат, а да владеат без легитимитет и да заработат уште некоја пара.

Во целата оваа игра на Заев се поставува едно клучно прашање: „Дали опозицијата, а тоа е очигледно само ВМРО-ДПМНЕ, е подготвена да го спречи остварувањето на мастер планот на Заев“? Ова прашање не е реторичко, туку суштествено, затоа што кога зборуваме за опозиција, видливо е дека другите политички партии или немаат сила или се сѐ поблиски до Заев очекувајќи некоја трошка од власта. Не е спорно тоа дека политичката борба е борба за власт и дека помалите политички партии доколку сакаат да опстанат ќе треба да се одлучат на пост изборни коалиции, најверојатно со власта.

Дилемата е во тоа зошто Заев „предвреме“ ги врбува (корумпира или компромитира сеедно) и приближува кон себе. Можеби и не е предвреме, а можеби и математиките му кажуваат дека е во тесно, а безбели тоа го гледа и Али па од заседа најавува што ќе биде цената за останување на власт на СДС со негова поддршка. Затоа и се случи ИВЗ, затоа и Заев ги притиска верските заедниците, како што кажав, таму има простор за влијание врз базен со гласови.

Многу индикатори и сигнали во предвечерието на изборите, и покрај многуте димни бомби сепак се гледаат. Прашањето е: „Дали некој ја извади маската од очи и гледа подалеку од карантинот или ужива во своите соништа под превезот на лажно блаженство во претстојната загарантирана победа“? Во меѓувреме ќе се изнагледаме многу глумци во кратки епизодни улоги на политичката сцена, се во зависност од потребата за забава на гласачите или по налог на некој центри на моќ. Нема да се изненадам дури ни од организирани „демократски“ протести пред дипломатски претставништва во Македонија, бидејќи такво е времето нели.

 

На денот на слегувањето на Светиот Дух

Педесетница – Духовден

 

Вонреден професор д-р Оливер Андонов

Коронавирус