Велат оној што знае да прави лице и да е слаткоречив, е секогаш опкружен со многумина. Оној кој е директен и ја кажува вистината, најчесто е сам. Ние сме навикнати да веруваме во лаги, па затоа кога ќе ни ги пласнат нештата в лице, крив ни е тој кој ни ја пренел веста.
За неверување ми сево ова кое се случува после Француското „НЕ“! Прво, државни службеници и функционери си зедоа за право преку социјалните мрежи да го навредуваат Претседателот на Франција, Макрон. Веќе следниот ден целата негативна енергија е трансферирана врз претставникот на Франција во Македонија, амбасадорот Тимоније.
Уште со неговото доаѓање пред точно три години, евидентно беше дека Франција е решена да не седи на страна околу случувањата во земјава, затоа што дотогаш цело западно влијание беше во рацете на претставниците на САД и Велика Британија, а делумно и Холандија и некоја друга земја.
Сите оние кои се некакви познавачи на случувањата во дипломатските кругови, ќе ви кажат дека се работи за дипломатски „тешкаш“, човек од кариера и значаен фактор во француските дипломатски кругови. Тоа значи дека амбасадорот има авторитет и неговите зборови имаат тежина. Но, очигледно не беше сфаќан сериозно.
Сега хајката оди по длабоко. Сега се бара и напаѓа кој се го советува и информира францускиот амбасадор Тимоније, и се бара вината кај локалните советници. Сите се криви, само не оние кои не одработија, тоа што од нив се бараше.
Од неколкуте можности кои сум ги имал да разменам некој збор со Амбасадорот, а и од она што го искажа на пресот пред два дена, можам да забележам дека е човек кој не остава ништо на случајноста, знае да слуша, воочува и свесен е за се што му се продава спакувано во обланда. Патем, Франција никогаш не била таа која давала лажни ветувања на македонските политичари.
За разлика од некои други претставници на странски држави и меѓународната заедница, Тимоније сиве овие три години настапува суптилно, ненападно, но очигледно никој не му ги слуша зборовите и чита пораките. Да, во времето на претходната Влада, барем до почетокот на дестабилизацијата и кризата предизвикана од „бомбите“, единствениот преостанат услов беше политички договор со Грција и релаксирање на односите со Албанија и Бугарија, но како времето поминуваше, очигледно дека тој услов престана да биде единствен.
Несфатливо ми е како еден државен врв се нафати на сите овие чекори, договори и отстапки без конкретни писмени гаранции. Без презцизни датуми, без доказ дека нешто ќе биде испорачано за возврат, туку само ветување. Патем, зарем веруваа дека само отстапките кон соседите ќе бидат доволни за наш напредок, и покрај еден куп глупости и гафови кои секојдневно ни се случуваа?
Некој зборуваше, укажуваше, некој тераше по свое. Сите оние кои опоменуваа и велеа дека џабе се одродуваме, накажуваме, разнебитуваме, им се лепеа етикети дека се против ЕУ, против наша Атлантска интеграција, дека се проруски, анти НАТО и што ли уште не!
Мораме да си ги излечиме комплексите и фрустрациите дека некој некого сака или мрази. Дека Европа е за ВМРО, СДСМ, за ДУИ, Беса или некоја друга партија. Европа од нас бара ред. Бара функционална држава и здраво општество. Бара пазарна економија. Бара унитарност и обединетост кон една идеја. Бара држава која ќе биде додадена вредност, а не товар за нив. Не им треба нова Бугарија и Романија, на која со години ќе и биде „бејби ситерка“.
Да престанеме да бараме изговори. Ни престојат избори. Да избереме паметно. Да бараме од политичките субјекти уште од сега чесни, едуцирани, посветени млади професионалци и политичари со дигнитет.
Да ги притиснеме партиите со време да разберат дека одредени ликови кои некој ги рехабилитираа последниве неколку години, веќе не проаѓаат. Никаде. Ни во парламентот, ни во Влада, ниту во некакви коалиции, стоејќи во позадина.
Да ја оправиме државата за нас. За младите, за идните поколенија. Да ја искорениме корупцијата, митото, непотизмот, клиентелизмот. Да дадеме шанса на способните, да помогнеме на изнемоштените и загрозените. Да почнеме да работиме и за истото сериозно да бидеме платени. Доста џаболебарење, пиење по пет кафиња дневно, десет-петнаесет продолжени викенди годишно.
Доста! Веќе нема простор за глупирање! Македонија мора да ја биде!!!
Памет в глава, и ајде да ја натераме Европа, таа да не повика во своите редови, а не да ја молиме!
Александар Ристевски